ОДЛУКА ЗА КАНОНИЗАЦИЈА НА РУСКИТЕ НОВОМАЧЕНИЦИ

 

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух

 

Соборот на епископи на Руската Православна Црква Задгранична со длабока почит го разгледа подвигот на мачеништво и исповедништво на безбројните верници на руската земја кои пострадаа од рацете на безбожниците – гонителите на верата Христова.

Уште од времето на Великиот Кнез Владимир рускиот народ со сето срце ја прифати православната вера. Таа ги вдахновнувала бројните свети кнезови, иерарси и подвижници осветувајќи ги христијанските темели на руската култура. Нивниот живот беше основен врз христијански начела изложени во Светото Писмо и Светото Предание на Православната Црква. Остварувани понекогаш помалку, а понекогаш повеќе, во различните епохи од животот на рускиот народ, овие начела повеќе од 900 години биле живо присутни во сите слоеви на општеството – од Царот па се до последниот сиромав. Меѓутоа, во последните две столетиа, потикнат од непријателот на нашето спасение, антихристијанскиот определен револуционерен атеизам ги употреби сите средства и ги ангажира сите свои сили за да ги сотре овие христијански начела во рускиот народ.

Почнувајќи од 1917 година по сенародниот грев на газење на заклетвата дадена пред крстот и Евангелието за верност кон Православието, Царот и Татковината, атеистите почнаа да работат на искоренување на православниот дух, како во устројството на државата, така и во секојдневниот живот. Ова зло е спроведено со сурово гонење на верата и животот основан на Православието, и целиот народ, од Царот и иерарсите па се до нај обичните верници, станаа жртва на овој процес.

Од самиот почеток на револуцијата започнат е прогон и ругање на уапсениот Цар и неговото семејство. Во исто време започна и јуриш на Црквата: на епископите, свештениците и верниците. Нашата Црква веќе во првите години на револуцијата беше обоена со пурпурна царска крв на симнатиот од престол Цар, целото негово семејство и целиот царски род кој тогаш се затекна во Русија, како и безбројните верници. Подоцна овој број на жртви е зголемен и со оние кои пострадаа од обновленската ерес, како и со исповедниците кои не се согласија да му служат и на Христос и на Велијар, односно да направат компромис со антихристијанските власти. Се собра неброен милионски хор на маченици. За 64 години на советското владеење уништени се десетина илјади цркви и манастири, а милиони луѓе маченички пострадаа затоа што ја сочуваа својата православна вера и не се поклонија на идолот на материјализмот.

Паѓајќи на колена во молитва пред сите нив, Соборот на епископи одлучува кон соборот на светители да се вклучат сите маченици и исповедници кои пострадаа од безбожниците во Русија: иерарси, клирици, монаси, монахињи и целиот православен народ мачен и убиен за православната вера и началата на Света Русија.

Овие светители ги има толку многу што нивниот број е познат само на Сезнајниот Бог, и Соборот на епископи ќе мора на веќе постоечката листа да дополнува нови имиња на оние кои во слава Божја се бореа за верата.

Посебно место во хорот на Светите Новомаченици има Царот-маченик Николај со своето семејство, како помазаник Божји и носител на идејата за православна држава. На нив ќе им биде посветена посебна служба на денот на нивното убиство, на денот на тагата 4/17 Јули со читање покајна молитва на литургијата, која уште од порано е востановена да се чита на панихидите.

На сите овие Свети маченици треба да им вознесеме слава, усрдно молејќи ги со своето посредување пред Престолот Божји да овозможат избавување на Русија од безбожниците и повторно раѓање на православниот живот, за со својот пример да ги вдахноват и останатите чеда на Руската Црква да тргнат по патот на борба за верата и благочестието.

Заедничкиот празник на Руските Новомаченици ќе се слави во неделата помеѓу 22 и 28 Јануари според Православниот (стар) календар. Поединечно, мачениците и исповедници ќе се прославуваат во денот на нивниот блажен крај, ако тој ден е познат, а ако не е тогаш во денот на општиот празник на Новомачениците.

 

                                                                                                Претседател на Соборот на епископи

Митрополит Филарет и членовите на Соборот

 

Извор: Светитељи руских катакомби, Серафим Роуз и Иван Андреев, Београд, 2012. стр. 11-13.

Превод: СВЕТА РЕВНОСТ

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *