Најголемата добродетел

sveti-fotije-patrijarh-carigradskiБогоносните Отци наши, уредувајќи во Црквата Божја се богоприлично и богоугодно, како што и самите примиле од светите Апостоли, ни оставија како свештено предание и ова од Бога дадено учење: да се исповеда и брани правата вера – Православието –  како најголема добродетел од сите добродетели. Ниту една друга добродетел, велат тие, пред Бога не е толку голема и за Црквата толку корисна како исповедањето и бранењето на правата и вистинска вера. Зашто, Бог е Вистина (Јован 14, 6), и љубовта кон Вистината Божја и исповедањето на богодадената Вистина во Црквата, односно вистинската црковна вера, не ослободува и осветува и спасува нас луѓето (Јован 8, 32; 17, 19; 2Сол. 2, 10). Оваа света наука особено ја истакнувале и нагласувале оние велики Отци на Црквата кои целиот свој живот го поминале во борба за зачувување на вистинската и спасоносна вера Христова, преку која единствено ние луѓето се спасуваме и вечен живот добиваме. Оваа света наука и предание на Отците, потврдена и осведочена со целокупниот нивен живот е најдобра поука и пример и за нашето денешно поколение, кое е студено и закоравено во својата рамнодушност кон вистинската вера, поради своето НЕ ревнување „од љубов кон вистината“, како што вели Св. Апостол (2Сол. 2, 10).

Помеѓу древните велики Отци на Црквата, најголеми ревнители за вистинската вера и Вистината Божја се свети Атанасиј Велики и свети Василиј Велики. А по нив и многу други Свети Отци се до светиот и богоносен Отец наш Фотиј, рамноапостолниот проповедник, исповедник и заштитник на Православната вера Христова. Тој во ништо не е помал од нив. Покрај нив и тој ревнувал во секоја богоугодна и богодадена добродетел христијанска. Но, над се ревнуваше за Вистината Божја, за вистинските догмати на Православната вера, оставени на Црквата како свето наследство од боговдахновените Апостоли и духоносни Отци. А Свети Фотие ревнуваше така за правата и вистинска вера Православна, знаејќи дека ништо не е по спасоносно од Вистината Божја. За тоа и говореше и напиша во писмото до Римскиот папа Никола: „Ништо не е помило од Вистината“. И уште во истото писмо, на папата, му напиша: „Навистина е неопходно да сите чуваме се, а пред се тоа што се однесува на работи околу верата, во кои и најмало отстапување претставува смртен грев“.

Од житието на Свети Фотиј Цариградски, Житија Светих, стр. 81-82, Архимандрит Јустин Сп. Попович, Ваљево 2005.

Превод: СВЕТА РЕВНОСТ.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *