Критскиот Собор и позицијата на Бугарската Патријаршија

Во јуни 2016 г. на островот Крит,  република Грција се спроведе т.н. “Велик и Свет Собор” на официјалните помесни православни цркви, кој се подготвуваше неколку декади. Во периодот пред и по спроведувањето на Соборот беа испишани многу  коментари со детални анализи како на проект-документите така и на од соборот прифатените документи. Од вероисповедна гледна точка, првостепено место меѓу нив зазема документот за “Односите на Православната Црква со останатиот христијански свет”. Во следниве редови нема да го коментирам целиот  документ, туку ќе се сопреме само на еден негов параграф. Напоменуваме дека, уште пред да го започне отвореното служење, нашата Црква го изрази својот однос кон екуменизмот со објавувањето на книгата “Православие и екуменизам” (1992г.) напишана од приснопаметните архимандрити Серафим (Алексиев) и Сергеј (Јазаџиев), а во 2012 г. беше публикувана официјалната “Еклисиолошка позиција на Бугарската Православна Старокалендарска Црква”. Нема да ги разгледуваме и црковно-политичките борби поврзани со Соборот на островот Крит како на пр. напорите на Вселенската патријаршија да го наметне своето првенство и да ја постави Московската патријаршија во изолација, или обратно, – напорите на Москва да ги неутрализира чекорите на Константинопол и да се наметне како водечки црковно-политички фактор во официјалното православие. Нашето внимание ќе го насочиме кон главното, за кое речиси сите традиционалисти  внатре во “официјалното православие” одбегнуваат да говорат: каква всушност беше основната цел на Критскиот собор во однос на вероисповедта? Уште сега ќе подвлечеме: основната цел на идеолозите и организаторите на тој Собор беше на највисок соборен ранг да го озаконат екуменизмот како идеологија на официјалното православие, прифатен од сите официјални помесни цркви. Токму тоа, а не примање на нови, нечуени до сега отстапнички догми.

Помесните цркви кои учествуваа на Соборот како членови на Светскиот совет на црквите (ССЦ) во минатото прифаќаа екуменистички документи со многу по-противречен карактер, прифаќаа документи кои содржат догматски или попрво адогматски основи, неопходни за членување во таа најголема екуменистичка организација. Доволно е да се потсетиме на таканаречената Торонтска декларација (Изјава со назив”Црква, цркви и Светскиот совет на црквите”, прифатено од Централниот комитет на ССЦ во Тронто во 1950г. ) која православните апологети на  екуменизмот љубат да ја цитират селективно (и манипулативно). Токму од текстовите на таа декларација се заснова учењето на официјалните помесни цркви во екуменистичкото движење како и прифаќањето на документот за “Односите на Православната Црква со останатиот христијански свет”(§19) на Критскиот собор. Во тој параграф читаме: “Православните цркви, членови на ССЦ… се длабоко убедени дека еклисиолошките претпоставки на Декларацијата од Торонто (1950) <<Црква, цркви и Светскиот сојуз на црквите>> имаат основоположно значење за учествувањето на православните во Сојузот”(1) Малку понатаму следува цитат од декларацијата во Торонто: “Целта на ССЦ не е договарање на сојузи помеѓу црквите, кои можат да се склучат само од самите цркви делувајки по своја иницијатива, туку, востановување на живи контакти помеѓу црквите и допринесување за изучување и разгледување на прашањата за единството на Црквата. Ниту од една црква при нејзиното пристапување во ССЦ не се бара да ја промени својата еклисиологија (2)… Покрај сето тоа, фактот за членување во ССЦ не означува дека секоја црква е должна да ги смета другите цркви за цркви во вистинската и целосна смисла на тој термин”(3).

Декларацијата од Торонто е противречен документ кој содржи и еклисиолошки формули кои се со спротивна содржина на цитираните во текстот прифатен на Критскиот собор.

Да видиме како ја коментира нејзината содржина првоиерархот на Руската Православна Црква Задгранична  свети Филарет Њујоршки во 1969г.: “Во 1950 г.во Торонто беа прифатени основите на Светскиот сојуз на црквите, кои беа повнимателни од тоа кое се изјавува сега, но веќе и тие му противречеа на православното учење на Црквата. Тогаш во §4 беше назначено дека <<црквите, членови на Светскиот сојуз на црквите го разгледуваат односот на другите цркви кон светата католичка Црква, исповедана во символите на верата, како предмет на заемна расправа>>. Таа формула повеќе не е прифатлива за нас бидејки светата католичка (соборна, заб. на СВЕТА РЕВНОСТ) (4)Црква тука не се интерпретира како реално постоечка во светот, туку, како некаква открадната величина, спомнувана во различни символи на верата. Впрочем, уште тогаш во §3 беше назначено дека <<црквите членови признаваат дека припадноста кон Христовата Црква е поширока одошто припадноста кон телото на нејзината црква>>. А бидејки во претходниот §2  беше изјавено дека <<црквите, членови на Светскиот сојуз на црквите, врз основа на  Новиот Завет,веруваат дека Христовата Црква е една >> или изникна внатрешна противречност, или исповедање на нова догма дека може да се припаѓа на едната Црква, без да се исповедаат нејзините догми,  и надвор од литургиското општење со неа. Тоа учење е протестантско, но не и православно”(5).

Во декларацијата од Торонто би можеле да се посочат уште редица противречни изрази и начини на организација, несмешливи  со православната еклисиологија.  На пример, од една страна се тврди дека ССЦ не е и не треба да “стане над-црква” (§ІІІ, т.1), се сугерира дека ССЦ е само форум за општење, за “жив контакт” меѓу црковните членови, без никаква принуда за нивно обединување (§ІІІ, т.2). И уште: “ССЦ… не може и не треба да се потпира на каква и да  е една определена концепција за Црквата. Тој не ги решава однапред проблемите на еклисиологијата”(§ІІІ, т.3). Но, од друга страна, во декларацијата се подвлекува:”Главниот проблем е во тоа, како може да се формулират еклисиологиските принципи на орган, во кој се претставени толку многу различни концепти за Црквата, без да се ползуваат категориите или јазикот на една определена концепција за Црквата”(§ІІ).  Но нели иронично се вели дека ССЦ не е црква, и дека не е и не треба да стане “над-црква”, тогаш зошто е неопходно да се формулираат  “принципи на самиот ССЦ”? Зарем еден форум за “живи контакти” за непринудно општење има потреба од формулирање на сопствени еклисиолошки принципи?(6) Логично следствие на тврдењето дека ССЦ “однапред не ги решава проблемите на еклисиологијата” е дека е незаконски истиот тој орган да формулира свои еклисиолошки принципи. И во исто време, како што веќе беше одбележано во документот “Односите на Православната Црква со останатиот христијански свет” се објавува дека “Православните цркви, членови на ССЦ… се длабоко убедени дека еклисиолошките услови на Декларацијата на Торонто(1950)<<цркви и Светскиот сојуз на црквите>> имаат основоположничко значење за учествувањето на православните во Советот”. Според ова, излегува дека  православните цркви ги прифаќаат и еклисиолошките услови на Декларацијата, според кои “црковните членови спознаваат дека нивното членството во Христовата Црква е посеопфатно одошто членството во нивните сопствени цркви”(§ІV, т.3). И понатаму: “сите христијански цркви, вклучително и Римската црква, сметаат дека нема целосна еднаквост меѓу членството во Вселенската Црква и членството во нивната сопствена црква.. Тие признаваат дека има членови на Црквата “нејзините ѕидини” и дека тие на истиот начин и припаѓаат на Црквата и дури дека постои Црква “надвор од црквата”(§ІV, т.3). Би можеле да застанеме овде, изложеното само по себе доста контрадикторно говори за себе.

Ќе потсетиме дека основната цел на идеолозите и организаторите на Соборот одржан на островот Крит беше учествувањето на официјалните помесни цркви во екуменистичкото движење да биде објавено за беспрекорно од православна гледна точка, и да биде озаконето како општоприфатено со авторитетот на “сеправославниот собор”. Го видовме исказот за таа цел, конкретизиран во содржината на §19 од документот.

Постигната ли беше таа цел?

Да, во голем степен таа беше постигната, според тие усилби претставниците на десетте цркви учеснички на Соборот ги прифатија документите во кои екуменизмот и членството во Светскиот сојуз на црквите се претставени како целосно прифатливи од православна гледна точка и на помесните цркви им се внушува задолжително да учествуваат во двостраните дијалози со неправославните. Оттука сосема валиден е заклучокот дека во иднина секој кој во рамките на официјалното православие ќе се залага против учествувањето во екуменистичкото движење или си дозволува да критикува, ќе биде исправен пред соборно решение, кое според идеолозите на Соборот треба да биде прифатено од сите помесни цркви (“Односите на Православната Црква со останатиот христијански свет”§22).

Четири цркви не учествуваа на Соборот и тоа ја става под сомнение неговата “сеправославност”. Во вероисповеднички однос тоа не менува ништо. По спроведувањето на Соборот три од нив ги изразија своите несогласувања, кои сепак немаат вероисповеднички карактер. Исклучок направи Бугарската православна црква – Бугарска патријаршија (БПЦ БП), која изрази несогласување, засновано врз вероисповеднички мотиви. В објавениот Став на Синодот  на БПЦ БП од 29 ноември 2016г. се вели дека “во споредба со нивните предсоборни верзии, изгласаните и прифатени документи од Соборот на островот Крит претрпеле одредени, но не суштински и недоволно за сеправославното прифаќање промени(7)(потсетуваме дека самата предсоборна верзија беше прифатена од БПЦ БП  на предсоборните консултации в Шамбези во јануари истата година.)”

Изразената позиција (сама по себе) дека “некои од документите содржат несоодветности со православното учење” и поради тоа не се прифатливи, би требало да биде позитивно прифатена. Во Ставот на Синодот во осум точки критично се анализираат  фаталните неточности, двосмислените изрази и несоодветности со православното учење кои се содржани во документот “Односите на Православната Црква со останатиот христијански свет”.  Не е од суштинско значење да се истражува подробно богословската издржаност на тие критики, поважно е да се проникне во основниот заклучок на Ставот. Тој е следниот: во документите на Соборот има “допуштено богословски грешки” и “некои од нив содржат несоодветствија со православното црковно учење”; поради тоа тие “подлежат на понатамошна богословска расправа со цел поправање, редактирање, корегирање или заменување со други (нови документи)”. Веднаш потоа се изјавува дека “БПЦ ќе продолжи и во иднина да биде во братски и евхаристиско, духовно, догматско и канонско општење со сите останати помесни православни цркви – како со оние кои учествуваa во Соборот на остров Крит, така и со оние кои не учествуваa”.

Во целост, од Ставот на Синодот на БПЦ БП се добива впечаток на противречност и недоследност. Тоа најмногу се гледа од односот кон основното прашање кое Соборот на Крит го поставува пред православната свест: што претставува екуменизмот како богословски концепт (или збир од богословски концепти) од православна гледна точка, организирано општествено движење и религиозна пракса; што означува за официјалните помесни цркви неговото озаконување на Соборот и легитимирањето на нивното учество во екуменистичкото движење, како и на Светскиот сојуз на црквите како екуменистичка организација?

Ставот на Синодот на БПЦ БП внимателно го заобиколува тоа прашање. Во спомнатиот документ екуменизмот не само што не се разгледува, туку дури и не се спомнува – за разлика од документите на Соборот на Крит, каде многукратно се говори за екуменизмот и тоа секогаш во позитивна смисла. Каква би се очекувала да биде принципиелната и следствена православна позиција на Синодот во моментов, кога екуменизмот се утврдува соборно како идеологија на официјалното православие од десет помесни цркви? Би било закономерно Синодот пред се јасно да го изрази  својот однос кон него. Ерес ли е , или не?  Токму тоа најсуштинско прашање се одбегнува. За екуменизмот се молчи небаре не постои или небаре одржаниот Собор на Крит како да нема став за него. Зошто? Ако Синодот го беше насочил своето вниманието врз екуменизмот и го беше определил како еклисиолошка ерес, тогаш би следело пред се да го отфрли и да ја осуди таа ерес. За да се избегне тоа, во Ставот се говори не за ерес туку за “богословски грешки” и за “несоодветности со православното учење”. Но, во случајов, не станува збор за одделни грешки кои можат да се сретнат овде или онде, во еден или друг параграф при анализата  на соборниот документ од Ставот, туку на поставување не сеопфатен поглед, за една добро осмислена политика, за протуркување на неправославна еклисиологија и в крајна сметка – за утврдување на екуменизмот в еклисиолошката свест на официјалното православие.

Наместо да ја изобличи и осуди соборно  прифатената неправославна екуменистичка еклисиологија на островот Крит, Синодот на БПЦ БП во својот Став замаглено ги критикува одредените екуменистички еклисиолошки сфаќања за “невидливата црква”, за “теоријата на гранките” за “крштелното богословие”, кои ги именува “инославни (друговерни) теории”. Тоа е бегство од суштината на основното прашање. Затоа што тие теории не се неопределено “инославни”, туку напротив се екуменистички и се споделуваат како од инославните така и од “православните” екуменисти. На пример, познатиот Пергамски митрополит Јован (Зизиулас) од Вселенската патријаршија е меѓу главните идеолози на споменатото “крштелно богословие”.

Во Ставот на Синодот на БПЦ БП централно место се одвојува  на спорот дали може инославните заедници да се нарекуваат “цркви” или не. Се  разбира, “православните” екуменисти го ползуваат терминот “цркви”, за да ги омекнат и во крајна сметка да ги измијат различностите помеѓу православните и инославните. Но, основниот проблем кој го постави Соборот на островот Крит воопшто не може да се сведе до тој спор, кој впрочем лесно може да се симне со едноставното поточнување дали терминот “црква”/”цркви” се ползува во условна или безусловна смисла.  Во определн контекст еретички заедници условно биле нарекувано “цркви” и од светите отци, и во соборни документи. Главното прашање се однесува на тоа – да се даде јасна оценка на Критскиот собор како уште еден чекор кон патот на отстапувањето, чекор кој ги обврзува официјалните помесни цркви преку соборно утврдување на екуменистичката ерес. Наместо тоа, вниманието се оттргнува, и се пренасочува кон спомнатата дискусија по однос на поимот “цркви”, на која и се дава централно и исклучително место. Се посочуваат дрвјата, а се прикрива гората.

Со сето тоа Ставот на Синодот на БПЦ БП  ја омаловажува опасноста, внесува неосновано успокојување меѓу редовите на верниците и во крајна сметка го прикрива утврдувањето на екуменизмот, извршено од Соборот на островот Крит, привидно заземајки позиција “против” тој Собор. Зошто привидно? Ако Синодот на БПЦ БП го беше обајвил екуменизмот за ерес и го беше осудил како ерес, тогаш следствено на тоа требаше да го посочи и правилниот однос кон идеолозите на Критскиот собор, кон оние кои сенародно ја проповедаат ереста и ја утврдуваат соборно. По тоа прашање каноните на Црквата  се јасни и еднозначни – пастирите треба да се оградат себеси и својата паства од тие кои свесно го распространуваат еретичкото учење, и од тие кои им се потчинуваат. Самото оградување пак од оние кои проповедаат ерес и од оние кои им се потчинуваат бива преку прекинување на црковното општење. Тоа би требало да биде принципиелната и канонска православна позиција. Наместо тоа во Ставот се изјавува дека БПЦ БП ќе продолжи да биде во целосно црковно општење со помесните цркви учеснички на Соборот во Крит кои ги прифатиле таму донесените документи и делумно – документот со вероисповеднички карактер “Односите на Православната Црква со останатиот христијански свет”. Се разбира, таквата изјава ќе беше сосема неумесна ако и претходешена оценката дека архиереите кои учествуваа на Соборот во Крит соборно ја утврдија еклисиолошката ерес и го легитимираа Светскиот сојуз на црквите – организација која е основен проводник на екуменизмот од средината на минатиот век па се до денес. И така, наместо да го оградат паството од ереста, пастирите објавуваат дека ке продолжат да општат со ереста и во таинствата со нејзините распространувачи.

Изјавата дека БПЦ БП ќе продолжи и понатаму да биде во полно црковно општење со сите останати официјални помесни цркви се гради врз неправилно сфаќање за припадноста кон Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква.  Според тоа сфаќање, за да припаѓаш кон Црквата треба да си во општење со сега постоечките официјални помесни цркви, кои се признаваат помеѓу себе. Тој формално-управувачки, организациско- корпоративен принцип ја поставува припадноста кон Црквата во зависност од општењето, земено само по себе, без да се обраќа внимание на исповеданата вера – дали таа е православна во својата полнота или не. Така се стига до парадоксалното твдење дека, за да си “внатре во” Црквата, треба да си во општење со оние кои соборно утврдиле ерес, и со тие кои се во општење со нив! Според таа логика, за да си “внатре во” Црквата, треба да си во општење и со иерархијата на Вселенската Патријаршија, на чело со патријархот Вартоломеј, кој со децении отворено проповеда и соборно ги наметнува своите неправославни ставови! Истиот тој, кој изјави дека Соборот во Крит не може да се нарече вселенски, зашто во него не учествуваат римокатоличката и протестантските цркви.(8) Каква “православност” може да му придаде некому евхаристиското општењето со архиереј-еретик и со епископат кој, (независно од личните мненија на одделни архиереи) активно или пасивно поддржува таков архиереј, и се приопштува кон од него проповеданата ерес по силата на тоа дека продолжува да живее во евхаристиско општење со него?

Ќе станеше ли БПЦ БП “расколничка”, ќе  отпаднеше ли од Христовата Црква ако го објавеше екуменизмот за еклисиолошка ерес, ако јавно ја осудеше таа ерес и (како што бараат и црковните канони) изјавеше дека го прекинува црковниот однос со оние кои ја проповедаат екуменистичката ерес, и со оние кои им се потчинуваат? Ни најмалку! Токму спротивното. Ако направеше така, таа несомнено ќе ја изјавеше својата припадност кон католичката(соборна) Христова Црква по силата на исповеданата православна вера, и според силата на оградувањето од приврзаниците на ереста, и оние кои ги следат. Можеме само да нагодуваме каков целебен процес би можел да предизвика во официјалното православие еден таков исповеднички акт. За жал, како и целата насока на Ставот, така и заклучокот од кажанот во него, не влеваат надеж дека можеме да станеме сведоци на сличен исповеднички подвиг.

Можеме да заклучиме дека Соборот на островот Крит беше нов суштествен чекор по патот кој го води “официјалното православие” кон апостасиско оддалечување од самото Православие. Ставот на Синодот на БПЦ БП има жалосен резултат, затоа што го скренува вниманието од суштината на проблемите, породени од екуменизмот како еклисиолошка ерес, претставува едно подметнување за вистинска исповедничка позиција, се стреми да ги успокои тревогите на паството и така да го задржи во “црковната ограда” на официјалното православие,то ест в рувото на отстапувањето од Христовата Вистина.

 

—————

  1. “Односите на Православната Црква со останатиот христијански свет” (на грчки, англиски, француски и руски јазик) §19 – https://www.holycouncil.org/-/rest-of-christian-world (посета: 5.12.2016 г.).
  2. Прави впечаток дека таа изјава, втора по ред во цитираниот текст недостига во англискиот текст на декларацијата од торонто од сајтот на ССЦ https://www.oikoumene.org/en/resources/documents/central-committee/1950/toronto-statement (посета: 5.12.2016 г.), но е содржана во текстот на Декларацијата публикуван во списанието на ССЦ „Ecumenical review” во октомврискиот број во 1950г.:​ http://onlinelibrary.wiley.com/doi/10.1111/j.1758-6623.1950.tb01220.x/pdf (посета: 6.12.2016 г.).
  3. _Декларацијата од Торонто §ІІІ, т. 2, 3, 4.

 

4 _Т. е. соборна. Бел. авт.

 

5 _ http://catacomb.org.ua/modules.php?name=Pages&go=print_page&pid=1199 (посета: 6.12.2016 г.)

 

6 _ Спореди „Декларацијата од Торонто“ – http://allexell.livejournal.com/19862.html (посета: 1.12.2016 г.).

 

7 _ Ставот на Св. Синод по однос на  Собора в Крит (2016) и текстот „Односот на Православнаа Црква со останатиот христијански ” http://bg-patriarshia.bg/news.php?id=220554 (посета: 6.12.2016 г.).

 

8 _Пирејски митрополит Серафим. Сеправославниот  собор во 2016 година може да доведе до разкол – http://dobrotoliubie.com/.. (посета: 6.12.2016 г.); Василиана Мерхеб. Православието пред историско собитие – Сеправославниот  собор во јуни 2016 г. – http://www.glasove.com/../pravoslavieto-pred.. (посета: 6.12.2016 г.).

чтец Константин Тодоров

Превод: Р.К.

Преземено од: Бугарска Старокалендарска Православна Црква

1 коментар на « Критскиот Собор и позицијата на Бугарската Патријаршија »

  1. Освен Св.Синод на Бугарската Православна Црква – Бугарска Патријаршија, ниедна од Помесните Православни Цркви кои се во „групата“ на „официјални“ не излезе со толку јасни ставови кон Критскиот Собор на останатите 10 Помесни Цркви. Св.Синод на БПЦ даде јасни и недвосмислени ставови и предлози во однос на предложените документи и дневен ред на спомнатиот собор, пред неговото одржување, а и сега откако соборот заврши како што заврши, таквите, штетни и противни на Православието, одлуки, Бугарската Црква ги отфрли, без оглед на големиот притисок што го правеа и прават екуменистичките кругови во самата Црква, како и значаен дел од интелектуалците во бугарското општество. Некој би рекол недвосмислениот став на БПЦ во однос на поимањето на Црквата, каде на соборот Критски беше ставено во знак прашалник (благо речено), го спаси Православието.
    Лесно е да се каже не е доволно, тоа што го направиле, но тоа е гледање на гредата во окото на брата си.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *