Извадок од житието на Старец Јоаким од Света Гора (1)

 

elder-joachimНевозможно е за оние кои ги поминуваат своите животи во постојано практикување на ноќни бденија да бидат оставени од Бога без големи дарови заради нивното бдеење, нивната будност на срцето, и внимателното насочување на нивните мисли кон Него. Душата која се труди во практикувањето на бденија и се надминува во тоа, ќе има очи на Херувим, така да може во секое време да гледа нагоре и да ги созерцува небесните работи.

– Свети Исаак Сириски

Дан. 12, 3: „И разумните ќе сјаат како светилата на небото, и оние што мнозина повратиле кон правда – како ѕвездите, во веки, засекогаш“.

Мaт. 5, 16: „Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да го прослават вашиот Отец небесни“.

Мaт. 13, 43: „Тогаш праведниците ќе светнат како сонце во царството на нивниот Отец, кој има уши да слуша, нека чуе!“

Имав четирнаесет години кога, откако отидов во црква една недела, јас првпат се поврзав со Старец Јоаким (иако тогаш не го знаев тоа). Во задниот дел на црквата, имавме копии од списанието на Светиот Синод од Грција. На последната страна на списанието, имаше еден дел посветен на споменот на Старец Нектариј „Духовниот отец“ од Света Гора. Во тоа време имав голема желба да Му го посветам мојот живот на Бога, посветување кое (во тоа време) беше помешано со желбата да го сторам тоа на Света Гора Атонска. Бев толку вљубен во Атонска Гора, што и самото име ми донесуваше топлина, мир, утеха и радост. Иако имав желба да одам на Атос, се надевав дека ќе најдам место што му припаѓа на нашиот Свет Синод. Во тој период, јас исто така му пишав на Архиепископот Авксентиј блажено-спомнуваниот, објаснувајќи му дека сакам да станам монах, и дека имам желба да одам на Атос. Пред да го добијам неговиот одговор, видов дека овој отец Нектариј бил од ќелијата на Свети Ефтимиј. Па така, јас го испратив моето прво писмо без да знам кој е старец на оваа ќелија, или дали воопшто има некој таму, туку полагајќи ја мојата надеж во Бога преку молитва. Меѓутоа мојата желба беше скришна, па така кога му пишував на кого било, барав во одговорот да не спомнуваат дека јас сакам да станам монах, за да не се случи моите родители да го отворат писмото и да ја прочитаат неговата содржина.

Тоа беше во текот на декемврискиот Божиќен распуст, кога јас го добив одговорот. Стигна додека бев во манастирот свето Преображение во Бостон. Кога се вратив дома, писмото ме чекаше.

Мојата радост беше неизглаголива. Самото писмо носеше силен здив на свеж Светогорски монашки воздух, како и силен впечаток дека кој и да го напишал ова, мора да е многу света личност; тоа содржеше благодат. Најмногу беше исполнето со добродетелта на љубовта, како што беа и сите негови писма. Јас имав навика да им пишувам на светилиштата и светите места просејќи молитви, и по некое време ќе добиев одговор; ниту едно од овие писма не се споредуваше со ова.

Почнавме преписка која траеше неколку години. Јас почнував да си мислам „вистина ли е ова? Можно ли е да постои ваква света личност?“ Во летото 1994 год. открив дека навистина ваква света личност постоела, и можеби, дури попосебна отколку што јас си замислував. Во тие неколку години јас сонував конечно да го сретнам. Понекогаш ќе има кошмари во кои некои луѓе ме плашеа и ми велеа да не посакувам да го видам Старецот бидејќи тој е лош и има гаден карактер. Понекогаш последиците од соништата беа толку силни, но со Божја помош, замките на непријателот беа надминати.

Тоа лето, одлучив патувањето во Грција да биде поклонение и конечно да се подготвам себеси за примање на монашкиот јарем. Мајка ми малку беше исплашена дека би можел да останам на Света Гора и да не се вратам, но, се разбира, тоа не се случи.

Отидов во Грција со еден школски другар од средно кој конечно се крсти. Откако заминав од селото на моите родители (Баница, Лерин во Македонија) каде што останавме неколку дена и каде што се поклонивме во црквите и гробиштата, стигнавме во Солун. Еден човек таму ми кажа дека можеме да одиме право во Уранополи и уште наредниот ден да бидеме на Света Гора. Следниот ден беше Недела на Светогорските Отци и јас си помислив дека би било добро да бидеме таму, но човек предлага а Бог распоредува. Го прашав човекот дали ми е потребна некаква дозвола, тој ме увери дека не ми треба. Јас му кажав дека сум од Канада и дека не сум државјанин на Грција, тој рече „ах, не се секирај за тоа“ на тој типичен грчки начин. Па така јас отидов. Стигнавме во Уранополис, и се разбира, јас немав проблем за добивање дозвола но мојот пријател (кој немаше грчко презиме) имаше. Работите се усложнуваа и тоа беше само почеток на нашите искушенија. Ноќта ја поминавме во Уранополис. Среде овие искушенија, вечерта заедно го направивме нашето молитвено правило, и читајќи ја Библијата, го читавме Посланието до Евреите, глава 12, којашто изгледаше многу пророчки, особено деловите за „гората“: „Затоа и ние, имајќи толку многу сведоци, да отфрлиме од себеси секакво бреме и грев, што лесно не окружува, и сотрпеливост да побрзаме кон претстојната борба, имајќи Го пред очи Началникот и Завршителот на верата – Исуса, Кој, поради Неговата идна радост претрпе крст, откако го презре срамот, и седна од десната страна на престолот Божји. Помислете, пак, на Оној, Кој од грешниците претрпе над Себеси таква поруга, та да не ви дотегне, и да не опаднете духом! Во борбата против гревот уште не сте се противеле до крв, и сте ја заборавиле утехата, која вам, како на синови, ви зборува: ‘Сине мој, не презирај ја казната од Господа и не опаѓај со духот, кога те изобличува, зашто Господ го казнува оној, когошто го сака; го бичува секој син, когошто го прима’. Ако трпите казна, Бог со вас постапува како со синови. Зашто кој е тој син, когошто таткото не го казнува? Ако, пак, останете без казна, во која сите станаа соучесници, тогаш сте деца незаконски, а не синови. Ако се плашиме од нашите татковци, кога не казнуваат, тогаш колку повеќе треба да Му се покориме на Отецот на духовите, па да бидеме живи? Зашто тие не казнуваат за малку денови, според тоа како им беше угодно; а Он – за полза, та да учествуваме во Неговата светост. Секоја казна однапред не се покажува дека е за радост, туку за жалост; но потоа на свикнатите на неа таа ќе им принесе мирен род на праведност. Затоа ‘исправете ги премалените раце и ослабените колена’, и со нозете свои ‘направете си прави патеки’ та, она што е хромо, да не се отклони, туку поскоро да се исцели. Грижете се да имате мир со сите и светост, без која никој нема да Го види Господа: гледајќи, да не би некој да се лиши од Божјата благодат; да не би некој горчлив корен, штом изникне, да направи штета, и преку него да се осквернат мнозина; да не би меѓу вас да има некој блудник, или нечестивец како Исав, кој за една гозба се откажа од своето првородство. Зашто знаете дека тој и отпосле, сакајќи да го наследи благословот, беше отфрлен, бидејќи не најде место за покајание, иако го беше молел дури со солзи. Вие не пристапивте кон планината што може да се опипа и кон разгорениот оган, кон облакот, и темнината, и луњата, и кон трубниот звук, и кон гласот што зборуваше, чии слушачи молеа да не им се зборува веќе, зашто не можеа да го истрпат она, што им се заповедаше: ‘И ѕвер ако се допре до гората, со камења нека биде убиен’. И толку страшно беше она, што се гледаше, така што и Мојсеј рече: ‘Преплашен сум и треперам’. Вие, пак, пристапивте кон планината Сион и кон градот на живиот Бог, небесниот Ерусалим, и кон десетина илјади ангели, кон соборот и Црквата на првородените, кои се напишани на небесата, и кон Бога, Судијата на сите, и кон духовите на праведниците, што достигнаа совршенство, и кон Исуса, Посредникот на Новиот завет, и кон крвта за попрскување, која подобро зборува од Авеловата. Гледајте да не Го избегавате Оној, Кој зборува. Оти, ако не останаа неказнети оние, што му откажаа да му служат на оној, што зборуваше на земјата, а колку повеќе ние, кои се одвраќаме од Оној, Кој зборува од небесата, Чиј глас тогаш ја потресе земјата, и Кој сега ветува, зборувајќи: ‘Уште еднаш Јас ќе ја потресам не само земјата, туку и небото’. Зборовите ‘уште еднаш’ означуваат дека колебливото, како затворено, ќе се измени, та да остане само неколебливото. И така, примајќи го царството непоколебливо, да ја пазиме благодатта, со која ќе Му служиме на Бога, благоугодно со почит и во страв, бидејќи нашиот Бог е оган, што изгорува“ (Евр. 12, 1-29).

Моравме да се вратиме во Солун. Но канцеларијата во која требаше да одиме за да земеме дозвола беше затворена во понеделник и затоа, можевме само да одиме во вторник, така губејќи неколку денови. Во текот на тие „изгубени“ денови, најдовме утеха во црквата на Светиот Великомаченик Димитриј Мироточивиот. Долго време поминавме во црквата и среде бучниот град ние најдовме толку многу мир. Овие денови реално не беа загубени.

Од Солун пак се вративме во Уранополис, со благослов на Свети Димитриј кој ни помогна на нашиот пат, како што им помага на многумина кои одат на Света Гора. На моето монашење помалку знаев дека ќе го добијам неговото име и заштита. Па така, конечно стигнавме во Дафни, Света Гора, рано наутро. Конечно мојот сон почна да се остварува. Автобусот не однесе до Кареја, којшто исто така требаше да оди во Иверон. Јас се надевав дека ќе се поклониме во Протатонот, но јас не можев да ја најдам Црквата. Тоа беше многу чудно. Црквата беше токму таму, но јас не можев да ја најдам. Друг пат отидовме и се поклонивме. Пешачевме до Иверон. Иконата Портаитиса беше првата икона на која и се поклонивме на Света Гора. Бевме удостоени да и се поклониме и да го посетиме манастирот три пати за време на нашиот престој. Никогаш не преноќивме, туку само кратко останувавме. Го прочитавме Акатистот и го испеавме канонот додека монахот, кој беше поставен да ја чува иконата, не замоли ние да ја чуваме, додека тој замина некаде. Бидејќи таму немаа соба за преноќување на посетителите, ние отидовме во манастирот Филотеј. Се на се, тој ден пешачевме шест часови, од кои најголем дел беа угорници, а и сонцето печеше. Јас одев многу брзо. Моја крајна цел беше веднаш да отидам кај отец Јоаким, и покрај тоа што тој беше на крајот од Света Гора, во предел кој тешко се наоѓа. Јас бев спремен да се откажам од поклонување и посетување на светите места и манастири на Света Гора, само што побрзо да стигнам кај Старец Јоаким.

Ноќта ја поминавме во манастирот Филотеј и бевме удостоени да се поклониме на свети мошти, вклучувајќи ја раката на Свети Јован Златоуст. Утрото, тргнуваше брод од Филотеј кон Великата Лавра. Ние се качивме на бродот. Оттаму почнавме да пешачиме до манастирот, и некој ни кажа дека бродот секој момент може да тргне кон Скитот Капсокалива, па така моравме да се вратиме. Се приближувавме се поблизу и поблизу.

Стигнавме во Капсокалива. Кога влеговме во Киријаконот, двајца монаси пееја нешто. Кога нè видоа нас, престанаа. Сфатија дека сме старокалендарци. Тие го познаваа Старецот Јоаким, како што го познаваше и отецот во манастирот Филотеј, кој ми кажа за пристигнувањето на бродот утрото. Тие не беа многу воодушевени. Многумина новокалендарци исто така го почитуваа Старец Јоаким и го сметаа за свет човек, но благодарение на многуте и различни проблеми коишто некои од зилотите ги направија поради „ревноста не според разумот“ на некои места бевме многу студено пречекани. За жал, обвинувањето дека зилотите немаат љубов (што во некои случаи е точно) и точно исто така и за оние кои го спомнуваат патријархот, како што е очигледно во многу случаи. Тие прашуваа за многу работи и изгледаа многу антизилотски настроени. Јас се трудев да бидам љубезен, и така ни дозволија да се поклониме на сите мошти. Потоа ни рекоа дека ќе ни донесат вода или нешто друго, но не го сторија тоа. Додека бевме во гостинската соба, се прашував како во светов ќе ја најдам ќелијата на отец Јоаким. Поминав половина пат од светот, но немав поим каде да одам – кој правец да го фатам. Додека размислував за овие прашања, средовечен човек ме повика кај себе. „Вие мора да сте зилоти, така?“ Праша тој. „Всушност, да, зилоти сме“. Му одговорив јас. Тој ми кажа дека и тој е исто така зилот. Малку бев сомничав, но, да, навистина, тој беше зилот. Тој ми кажа дека оди кај Старец Јоаким. Леле, каква коинциденција! За околу 15 минути ние тргнавме по патот. Слични нешта се случуваа на цело поклоничко патување, кои ми ја зацврстија верата, бидејќи видов како Бог вистински се грижи за нас. Друг случај што ми доаѓа во умот е кога се обидов да одам во манастирот Есфигмен. Штотуку почнував да одам кон Ватопед (три часа пешачење) за да се доближам до Есфигмен, кога еден млад човек и неговиот дедо (тие беа од Торонто) когошто го сретнавме на пристаништето на манастирот Иверон, се затрча кон нас и ни кажа дека тие ќе одат во манастирот Хиландар (којшто беше многу поблиску до Есфигмен – само половина час пешачење). Се качивме на бродот и тогаш фативме камион за Хиландар, и веднаш стигнавме таму. Бевме удостоени да се поклониме на светите места и се исполнивме со стравопочит од иконата на Мајката Божја Троеручица. Јас бев загрижен, бидејќи не знаевме како да стигнеме од Хиландар до Есфигмен. Како што ја отворав вратата на манастирскиот Католикон, еден човек ја отвораше сакајќи да влезе и праша дали сакаме да одиме во Есфигмен. Излезе дека неговиот вујко беше монах таму (отец Козма). Благодарение на овој човек (лекар), или подобро, благодарение на Бога, стигнавме на саботна вечерна богослужба (глас трети).

Ќелијата на Старецот Јоаким беше оддалечена час и половина од Капсокалива, и час и половина од Великата лавра. На средината од никаде. Ќелијата е поставена веднаш до пештерата на Свети Нил Мироточивиот. Пустина. Како што се качувавме нагоре по планината, се молевме и пеевме. Отец Ефтимиј, чедото на Старец Јоаким слегуваше надолу со неговото магаре, по своја работа. Тој беше првиот когошто го сретнавме. Тој скокна од магарето и ме прегрна и рече „Благословен е оној што доаѓа во името Господово“. Отец Ефтимиј е многу впечатлива личност и тој го покажа тоа уште на првиот ден.

Кога стигнавме до ќелијата, ние се развикавме (како што ни кажа отец Ефтимиј) „Папа Јоаким, Папа Јоаким!“ Тој погледна низ прозорот и се стрча по скалите на многу трезвен начин. Тој брзо дојде до мене и јас му кажав дека се викам Виктор (моето световно име). Тој го повтори моето име и ме целиваше двапати; по еднаш на секој образ. Отидовме до куќата и влеговме. Кога отидов на вториот кат, човекот кој нè придружуваше ми покажа каде беше малиот параклис. Јас ја отворив вратата; две вратички од двете страни. Кога влегов почувствував нешто што никогаш нема да го заборавам. Имаше таков лесен здив, духовен здив, топлина и благодат на Светиот Дух. Тоа беше екстатично искуство кое ми донесе таква радост, што не можам да ја опишам на хартија. Само оние кои искусиле такви работи можат да сфатат. Овој лесен ветрец ми го исполни сето битие. Сите напори, сите копнежи со години во надеж дека ќе го сретнам Старецот Јоаким вредеа, неописливо вредеа. Почнав да мислам „којзнае какви борби се случиле во овој параклис, којзнае какво созерцание се случило во оваа малечка соба. Веројатно молитвите на монасите ги симнале небесата. Веројатно Самиот Христос ја благословил со посебен благослов“. Димензиите на параклисот беа многу мали – големина на малечка соба. Кога влегов внатре, како да сум влегол во дворец. Старецот ми кажа дека ќелијата е стара повеќе од 300 години, па така можев да си замислам дека навистина имаше многу труд и пролеана крв од отците зашто, познатата атонска изрека вели „дај крв, прими Дух“.

Истиот Дух го исполнуваше самото битие на отец Јоаким. Не помина многу време пред да сфатиме дека ова не беше само обичен човек. Стигнав во Свети Ефтимиј во навечерието на празникот Рождество на Свети Јован Претеча. Тие ми рекоа да се сеќавам на овој ден секоја година со голема почит, бидејќи токму Претечата ме доведе кај нив. Четири години подоцна, јас бев удостоен да бидам замонашен на неговиот празник. Бидејќи немавме залихи од храна, и бидејќи бевме среде „никаде“ (без продавници, без супермаркети или ресторани за да јадеме), ние постевме (без да планираме) неколку дена. Меѓутоа во овој посебен ден, немавме ништо јадено. Можеби ова беше по Промисла бидејќи најсоодветно би било да запознаеш еден подвижник со строго постење. Вечерта, јадевме некоја храна без масло, после заминувањето на групата поклоници кои беа само на поминување. Отец Ефтимиј се врати и ние јадевме. После нашите оброци секоја вечер правевме Повечерие со Акатист на Богородица. Ова беше секојдневна рутина. Ручавме околу 13:00, а вечеравме вечерта во 18:00 или 19:00 часот. Се менувавме на разни делови на Акатистот и кога ќе дојдеше мојот ред Старецот ќе речеше „Леге Виктора“ (кажувај Виктор). После оброкот ќе разоваравме со Старецот, а потоа одевме кон десната страна на ќелијата за да кажуваме молитви со бројаница. Овде беа „гробиштата“. Немаше никој таму бидејќи сите коски беа веќе исчистени и ставени настрана. Направивме 3 пати по 300 топчиња од бројаницата со поклони велејќи „Господи Исусе Христе, Сине Божји, смилувај се на мене грешниот“ и еднаш по 300 топчиња велејќи, Пресвета Богородице спаси нè“. Некако отец Ефтимиј секогаш ќе завршеше пред нас, слично како што вели поговорката: еден-два скокни неколку, деведесет – добро сто. Старецот ќе седнеше на карпата близу нас со огромна бројаница и ќе си ја кажуваше молитвата. Секоја вечер штом ќе завршеше ќе речеше „Сега, јас сум уморен“ и ќе влезеше внатре.

Станувавме во 2:30 или подоцна секое утро, според тоа, колку време му требаше на Старец Јоаким да се „подготви“ пред служење Литургија. Отец Ефтимиј ќе заѕвонеше на малото ѕвоно и ние ќе се разбудевме, ќе излезевме надвор и ќе си ги измиевме забите во малиот кујнски мијалник. Кога ќе влезевме тие обично ја служеа Полуноштницата[1]. Отец Јоаким после тоа ќе влезеше во олтарот. Ако имаше литија, ќе ја направеа во тоа време и старецот после тоа ќе влезеше. Така нашата прва ноќ, направивме литија за рождеството на Претечата. Имам снимено голем дел од таа служба. Откако ја испеа Старецот химната на литијата, тој влезе во олтарот и почна да ги подготвува нештата за Литургија. Ја направивме утрената и сите часови пред Божествената Литургија. Ги пеевме долгите полиелеи. Наместо канонот на утрената се молевме на бројаница. Отец Ефтимиј по природа беше самиот голем ентузијаст. Ме праша дали знам да ги пеам долгите полиелеи и јас му кажав дека знам. Па така, ги испеавме. Се разбира тој не ги знаеше. Меѓутоа импровизираше. За жал, малку беше комично.

Отец Ефтимиј, во почетокот на мојот престој со нив, направи да ми биде малку непријатно, не зашто беше тежок карактер или нешто слично, туку зашто излезе малку повеќе настојчив. Тој навистина сакаше да останам со нив, и се надеваше дека нема да се вратам во Торонто. Во тоа време, мислев дека тоа е невозможно. Меѓутоа, Старецот Јоаким го пресече за тоа, и отец Ефтимиј се повлече. Тој беше многу побожна личност, но многу едноставен и така, доста често влегуваше во невољи.

Со размената на населението, родителите на Старец Јоаким стигнале во Грција. Тие биле од оние кои беа испратени во делот на Македонија (за да ја елинизираат колку што е можно повеќе). Тој се родил во Бер (Верија) и заминал од дома на возраст од 18 години со еден негов другар. Тогашниот негов духовник му кажал да не заминува од дома за да стане монах. Отец Јоаким не го сметал за валидно ова „послушание“ бидејќи било против монашкиот призив и тој заминал. Неговото срце чукало со желба за монашки живот. Кога тој заминал за Света Гора, еден од неговите другари го придружувал. Тие заедно стигнале на Света Гора, но не се согласиле каде да останат. Старец Јоаким одлучил дека сака да остане во Скитот на Свети Ефтимиј, во пустинскиот предел на Свети Нил Атонски, близу „каравостаси“, местото на кое, според преданието, стигнал Свети Петар Атонски кога неговиот брод застанал. Неговиот другар сакал да остане во скитот на Света Ана, и ако не грешам, на крајот ја напуштил Света Гора. Кога Поп Јоаким стигнал во неговата возљубена ќелија, таму имало некои исклучителни отци. Еден од нив бил отец Максим, кој потекнувал од Капсокаливија и бил познат како „ангелофонос“ (ангелогласен). Старецот ми кажа дека отец Максим имал посебен дар на умносрдечна молитва.

Во тоа време старец на ќелијата бил монахот по име отец Јоаким. Тој бил прост монах и добар другар на Свети Нектариј Пентаполски. Свети Нектариј честопати ја посетувал оваа ќелија за време на неговите престои на Света Гора. Како знак на нивната обострана љубов, ќелијата ја доби скуфијата и бројаницата на Свети Нектариј по неговото упокојување со сертификат испратен од женскиот манастир Света Троица на Егина. После упокојувањето на првиот отец Јоаким, старец на ќелијата стана отец Нектариј, кој беше познат „исповедник“ на Света Гора, а во Грција познат како „Пневматикос“ (Духовникот). Еднаш годишно ќе отидеше во Солун да слуша исповеди, но за кратко време ќе се измореше од тоа, бидејќи луѓето не му беа послушни. Отец Јоаким го зеде неговиот пример и едвај ја напушташе Света Гора. Отец Нектариј исто така беше присутен при појавувањето на Крстот во Атина во 1925 година. После упокојувањето на Свети Нектариј, останаа само двајца отци: отец Јоаким и отец Ефтимиј. Отец Јоаким беше ракоположен за свештеник кога отец Нектариј почна да изнемоштува (од старост). Тој отиде право во Атина да биде ракоположен од самиот Архиепископ Авксентиј, когошто тие го поддржуваа и веруваа дека е канонскиот Архиепископ (забележете дека тоа беше после расколот Киусис/Геронтиос). Иако најголем дел од Света Гора беше со мнозинството епископи (Киусити), отците Нектариј и Јоаким беа на страната на Архиепископот Авксентиј, меѓутоа без да креваат галама околу тоа на Света Гора. Ниту пак отците кои ја поддржуваа групата Киусис креваа галама за тоа. Па така, имаше сослужување на Света Гора, додека пак, надвор од Света Гора, поделеноста си остана. Забележителна работа во врска со Старец Јоаким беше тоа што, кога служеше тој блескаше. Неговите манири во служењето јасно покажуваа дека тој дефинитивно има некој вид Теорија. После неколку години, други четворица ì се приклучија на заедницата, без да бидат легално запишани во „монахологионот“ на Великата Лавра. Отец Јоаким рече „Мајката Божја нека ги запише во Нејзиниот монахологион!“ Старецот Јоаким беше почитуван од сите Отци на Света Гора, вклучувајќи и многумина од оние кои го спомнуваа Патријархот. Иако беше многу строг во неговото сфаќање на Православната еклисиологија, тој не беше „фанатичен“ и со голема љубов ги примаше сите кои доаѓаа во неговата ќелија, без разлика дали го спомнуваат Патријархот или не.

На Света Гора видов дека има друг свет којшто многумина од нас не го сфаќаат или не го ценат. Покрај отец Јоаким, и други ги напуштиле нивните домови исто така во потрага по живот во совршенство. Некои од зилотите на Света Гора беа познати како најдобрите тамошни монаси. Ако сакаме да речеме дека Света Гора е „готова“, треба да разбереме дека сè уште има мнозина кои оставиле сè заради Христа, од коишто некои достигнале длабока старост во подвижништво, и кои се верни на црковниот календар и кои не го спомнуваат Цариградскиот „Патријарх“. Сфатив дека ќелијата на Свети Ефтимиј беше автентична пустина. Самото тоа ве прави да ја почитувате предаденоста којашто ја имаа отците, а оваа предаденост не е мала.

Ќелијата добиваше вода преку цевка, но само толку за тоа. А Старецот Јоаким апсолутно одбиваше да има телефон во неговата ќелија. Толку многу беше против тоа, така што тој воопшто не сакаше да користи телефон на Света Гора. Единствените соседи (скитот на Свети Нил Атонски) имаа телефон, но Старецот одбиваше да телефонира од нивниот телефон, ниту пак сакаше да добива какви било пораки по телефон. Тој веруваше дека е несоодветно за Света Гора да има телефони.

Имавме многу поучни разговори со Старецот Јоаким. Пред да одам на Света Гора, јас се молев, дури и да не станам монах на Света Гора, барем да го почнам монашкиот живот таму (како послушник). Иако јас официјално не станав таму послушник, Старец Јоаким ме подложи на послушничките правила и јас бев сметан за „полупослушник“. Не ми беше дозволено да зборувам со посетителите, освен ако имав посебен благослов од Старецот. Требаше да правам 60 метании наутро и поклони, како што беше спомнато, навечер.

За време на мојот престој, во ќелијата дојдоа на поминување многу добри луѓе. Некои дојдоа од парохијата на Светите Три Ерарси во Солун. Неколку момчиња од кои бев навистина воодушевен, дојдоа на неколку дена. Заврна, па затоа беа принудени да останат малку повеќе. Кога отидов во Солун останав со нив два дена и една ноќ. На празникот на Светите Петар и Павле, дојдоа двајца мажи со две момчиња. И обајцата мажи беа псалти, и тие пееја многу умилително. На празникот на Дванаесетте Апостоли, тие отидоа во пештерата на Свети Нил за да се поклонат заедно со отец Ефтимиј, освен едниот од нив. Тој се викаше Димитриос Алексидис. Овој пат Старецот ми рече да останам со него. Димитриос го почна разговорот. Тој имаше долга историја. Тогаш ми текна нешто. Прашав „од каде рековте дека е овој човек?“ Одговорот беше дека е од Комотини, град во Тракија. Неколку години пред оваа средба, јас му пишав на манастирот во чест на Света Ирина Хрисоваланту, бидејќи имав длабока почит кон неа. Човек по име Димитриос Алексидис ми одговори на моето писмо и ми испрати многу благослови од манастирот (во кој веќе немаше монаси). Беше ставен под управа на оваа дијацеза (под Киусис) бидејќи немаше свештеник. Јас не му кажав веднаш кој сум, се двоумев дали да му кажам или да не му кажувам, бидејќи не сакав какви било сцени. Па, конечно му кажав кој сум, а тој ме прегрна и се расплака. Тој беше многу среќен а и обајцата бевме зачудени за тоа како Семоќниот Бог ги планира нештата. Бев многу поучен од Димитриос Алексидис. Тој го почнуваше денот во 5:00 часот наутро со утринско молитвено правило итн. Приказната што ни ја раскажа е отприлика ваква: Откако се оженил, тој и неговата сопруга одлучиле да живеат како брат и сестра. Заедно се бореле во побожност, молитви, пост и милосрдие. Меѓутоа имаа некој копнеж во себе, а тоа беше да можат да отидат во Светата Земја за Пасха за да го видат чудото со Светиот Оган. Ова било во текот на педесеттите години. Меѓутоа за време на нивниот престој, тие отишле на исповед кај некој свештеник кој им рекол да не се грижат за нивното ветување. Бидејќи тие се млади и младоженци. Па така, си го повлекле зборот. Наредниот ден, тој се обидел да влезе во Црквата на Светиот Гроб, но не можел. Колку и да се обидувал, некоја сила го туркала назад. Изгледа умот му бил толку помрачен во тоа време за да сфати што му се случува. Ова се случило многу пати. Конечно (по Божја Промисла) тој влегол во некоја Црква додека се читале егзорцизми над демонизирана личност. Веднаш демонот почнал да им го свртува вниманието на сите кон човекот кој штотуку влегол во црквата (Димитриос) и детално го раскажал гревот што тој го сторил прекршувајќи го дадениот завет. Ова го потресло Димитриос и тој полека почнал да си доаѓа на себе. И конечно, Димитриос и жена му, повторно заживеале како брат и сестра. Старецот и јас седевме надвор на излетничката маса слушајќи ја неговата приказна. Додека ни ја раскажуваше, тој многу плачеше. Димитриос беше вистинска личност и верник. Мило ми беше што останав и ги ислушав неговите приказни…

Старец Јоаким од Света Гора

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *