Извадок од житието на Старец Јоаким од Света Гора (крај)

elder-joachim1Старец Јоаким имаше достигнато одредена состојба на молитва, и само Бог знае на која висина беше таа. Сепак сфатив, можеби преку милоста Божја, дека оваа состојба на молитва секојдневно го носеше сè поблиску и поблиску до Бога. Со секоја Божествена Литургија, старецот ќе дојдеше поблиску до бесконечната милост и љубов Божја. За нас, кои сме световни и површни, ние обично мислиме дека после неколку години се навикнуваш на службите или пак дури и се изморуваш од нив. Божествената Литургија беше слава на Старецот Јоаким и јас, ќе се дрзнам да речам дека ако некој го сретнал Старецот, а не го видел како служи Божествена Литургија, тогаш тој вистински не го има сретнато Старецот. Во тие моменти тој се држеше за облеката Христова; како дете ќе погледнеше кон неговиот Небесен Отец и со воздишки и солзи ќе ја искажеше неговата посветеност и љубов кон Создателот на сè. Тој ќе ја откриеше неговата тага и молитва за сите кои ги побарале неговите молитви, па така, како продолжение ќе ја излиеше неговата љубов кон сите Богоизбрани луѓе. Тој многу жалеше за неслогата и расколите што се случија во Црквата Христова, особено раздорот помеѓу „старокалендарците“. Верен на верата на нашите отци, тој сфати дека лукавиот насадил премногу семиња и така одвлекува многу луѓе од Црквата поради хаотичната состојба на нештата.

Старецот беше Богоносец во вистинската смисла на зборот. Не го велам ова пасивно, туку со многу цврсто убедување. Да се биде во присуство на Старецот беше да се биде во присуство на Светиот Дух, зашто тој целосно беше исполнет со благодат. „А и врз слугите и слугинките во оние денови ќе излеам од Мојот Дух“ (Јоил 2, 29).

Додека Старецот Јоаким ја служеше Божествената Литургија, и во мене исто така настануваше промена. Ми се чинеше дека Старецот и јас стануваме едно на многу таинствен начин – начин што јас не можам да го објаснам – начин што може да го разберат само оние кои имаат искусено такви работи. Можеби оние кои немаат доживеано нешто слично ќе си помислат дека ова е заблуда, но ние знаеме дека отец Јоаким имаше посебна благодат зашто тој беше автентичен Старец. Нашиот Спасител јасно ни покажува во Неговата молитва кон Небесниот Отец пред распнувањето: „За да бидат сите едно, како што си Ти, Отче, во Мене, и Јас во Тебе; па така и тие да бидат во Нас едно, и да поверува светот дека Ти си Ме пратил. И славата што си Ми ја дал, ним им ја дадов, за да бидат едно, како што сме Ние. Јас сум во нив, и тие се во Мене, за да бидат во се едно, и да узнае светот дека Ти си Ме пратил, и нив си ги возљубил, какао Мене што Ме возљуби. Отче, сакам и оние што си Ми ги дал да бидат со Мене, каде што сум Јас, за да ја гледаат Мојата слава што си Ми ја дал, оти Ме возљуби уште пред да се создаде“ (Јн. 17, 21-24). Па така, реално ова не би требало да биде изненадување.

И навистина, кога се вратив во Торонто, многу луѓе ми рекоа дека дури и мојот изглед е поинаков. Јас изгледав поинаку и луѓето кои се сомневаа дека јас се стремам кон монашки живот, сега беа убедени. Ова убедување беше вистинско. Можеби ова ми требаше како последна пресвртница за да се одлучам да одам во манастир. Ете зошто Свети Јован Лествичник ни вели дека монасите се светлина на луѓето. Свети Исаак Сириски исто така ни вели дека самиот изглед на подвижниците нè просветлува. Исто како што спомнувањето на гревот или средбата со гревот нè помрачува, па така и средбите со свети луѓе нè просветлуваат. Се топев додека го гледав отец Јоаким стопен пред страшната Жртва на Агнецот. Храброста што тој ја имаше беше храброст на расплакано дете. Тој служеше и се молеше како да беше осуден, сфаќајќи ја големата бездна помеѓу човекот и Бог, и поради ова сфаќање, пред себе Го имаше самото лице Божјо. Но благодатта која ја имаше не застануваше таму. Исто така тој ги носеше оние кои ги љубеше и ги доведуваше пред лицето Божјо. Никогаш не служеше со театралност или гордост, секогаш служеше со голема скрушеност и смирение, како и со голема кротост. Како што напредуваше бдението, така и тој напредуваше во молитвата; неговото лице испушташе светлина. Ова може да се најде кај многу свети луѓе. Всушност, читаме дека некои старци од Света Гора ја имале оваа посебна благодат. Се чини дека овие „состојби“ се покажуваат на разни начини. На пример тој беше најзадлабочен во молитвата за време на бдението кое завршуваше со Божествена Литургија. Но кога ќе стигневме до времето за Божествена Литургија, тој сиот беше распламтен, имајќи ги ангелите за сослужители. Светите Отци ни велат дека ноќната молитва е многу посилна од дневната. За Вечерна, тој имаше поинаков изглед, како изглед на еден подвижник. За Повечерие беше помалку силен. Свети Јован Лествичник исто така ни кажува дека духовната состојба на личноста се покажува за време на неговата молитва. Во книгата „Старец Јосиф Исихастот“, напишана од отец Јосиф Старецот на манастирот Ватопед, има една интересна забелешка: „Бог, како сама совршена Љубов, општи и им пренесува дел од Неговото совршено Божество на Неговите созданија, на начин и степен само Нему познат. Како последица на ова следи дека истото треба да биде сторено и од Неговите обожени служители, кои преку нивната молитва и молба исто така му пренесуваат нешто на светот. Заклучокот е дека ако љубовта е тело, негова енергија и сила е молитвата; а доказ е тоа што преку молитвата исполнувањето на љубовта може да биде остварено со голем успех на светската скала, каде што многу други начини и средства се бессилни“. Старецот Јоаким успеа во стекнувањето на оваа Љубов Божја и во нејзиното пренесување. И како што Бог пребиваше во него, така и љубовта пребиваше во него, зашто Бог е љубов. Оваа љубов беше забележана уште од самиот почеток на нашето допишување, во тоа што неговите писма беа исполнети со добродетелта на љубовта. Во светот, љубовта кај мнозина се олади, и многумина се љубоморни и завидливи кога гледаат дека љубовта дејствува помеѓу другите, а не во самите нив. Ова внимание тие сакаат да си посветат на себе, на нивното его. Ништо од ова не можеше да се најде кај Старец Јоаким којшто имаше милосрдно срце кон сето создание. Како оној кој останал да живее во оддалечено место непознат за многу луѓе, тој ги достигна височините и беше познат навистина како небесен жител, и близок пријател на светителите кои му беа другари. Од Светите Отци знаеме дека оние кои немаат утеха пребивајќи меѓу луѓето, имаат повисока утеха – онаа од пребивањето помеѓу светите ангели и помеѓу светителите Божји. Тие стануват небесни луѓе и земни ангели се додека го следат нашиот Спасител во 1) смирението на срцето и 2) Православието на верата. Овие две крила тој ги поседуваше, и со нив, летнуваше кон лествицата на божествената добродетел без да има потреба од скалила, туку следејќи го благословениот „скратен пат“ на смирението како што го нарекува свети Јован Лествичник. Ако некој ја гледа неговата екстаза и самиот би влегол во екстаза. Некој би бил осуден, гледајќи колку сме далеку ние, гледајќи дека не би требало да сме толку назад, и гледајќи дека додека овој Старец секојдневно растеше во добродетелта, ние секојдневно растеме во гревовите и страстите.

Оние Литургии кои се случија со Старец Јоаким, беа најблагодатните Литургии што ги паметам, и кои никогаш нема да ги заборавам. Овие Литургии ми го исполнија целото мое битие и без Старецот Јоаким, јас не би имал таков опит. Таква благодат имаше од присуството на Старецот, што јас почнав да се прашувам дали постои благодат некаде и на друго место; толку силно беше тоа присуство. Никогаш нема да ги заборавам тие Литургии зашто тие беа причина за мојата преобразба. Почнав да сфаќам што е Божествената Литургија, колку страшна е таа тајна, и какви тајни се случуваат за време на тие свештени моменти. Самиот живот на нашиот Спасител се покажува пред самите наши очи за толку кратко време! Колку често ние не го сфаќаме тоа, и со каква бесчувствителност учествуваме во Страшните Христови Тајни. Светите Отци ја разбрале оваа тајна, и сфатиле дека длабочината на ова сфаќање е голема и бескрајна. Ете зошто јас можев да видам дека со секоја Божествена Литургија, Старецот Јоаким растеше во љубовта Божја. Некој би помислил дека после толку многу години на борба во пустината, тој би „се навикнал“ на служењето, но напротив, тој секојдневно растеше, бидејќи како што рековме, Љубовта Божја е вечен амбис. Колку често ние „се навикнуваме“ на овие Литургии или пак дури и се изморуваме од нив! Свети Јован Лествичник во неговата благословена книга вели дека „Вистински послушниот човек честопати одеднаш заблескува и ликува за време на молитвата; зашто ова земање беше подготвено и поттикнато претходно преку неговата искрена служба“. Тој се имаше подготвено преку годините на подвижништво. Меѓутоа оваа подготовка беше исто така на секојдневна основа. Сите служби на црквата нè подготвуваат за примање на Светата Евхаристија зашто тоа е центарот на нашиот живот. Ние сме повикани да станеме едно со Бога преку ова, најголемото богатство достапно на човекот. Ова единство (или теосис – обожување) се пренесува исто така на сите побожни Православни Христијани причестувајќи се со Јагнето Божјо. Покрај богослужбите, сепак тој имаше период на подготовка во текот на ноќните часови. Не знам што се случуваше тогаш, само би претпоставил дека можеби тој си го ставил на срце она што го вели Свети Симеон Новиот Богослов. Тој ни вели дека свештеникот треба насамо да се моли со голема скрушеност и покајание барем еден час, пред да служи Божествена Литургија. Старец Јероним Егински го повторува истото во поуките до клирот. Светиот Исаак Сириски продолжува: „…и ништо не ја возбудува зависта на демоните повеќе од тоа, ако човек се поклонува пред Крстот Христов, молејќи се дење и ноќе, и е како осуденик чиишто раце се врзани одназад“. Старец јоаким се молеше како да е осуден за нешто, како да немаше право да се моли. Тој имаше достигнато смирени ешто се наоѓа само кај малкумина. Според Свети Исаак Сириски, „Монахот треба да биде во неговиот изглед и во сите негови дела корисен пример за оние кои го гледаат па така, поѐади многуте негови добродетели коишто блескаат како сончеви зраци, непријателите на вистината, кога ќе го погледнат, несакајќи ќе исповедаат дека надежта за спасението што ја имаат Христијаните е цврста и непоколеблива, и од сите страни ќе трчаат кај него како во прибежиште… и тој ќе биде почитуван од сите поради убавината на неговиот живот. Зашто пофалба на Црквата Христова е монашкиот начин на живот“. Лесно можеме да го поврземе овој љубител на добродетелта со овие зборови на Свети Исаак. Можно ли е некој неверник да го сретнал Старецот Јоаким и да си заминал без да го прими дарот на верата? Неговите добродетели блескаа како светлосни зраци, и беа причина за просветлување на оние кои го гледаа. Во неговите Подвижнички проповеди, Свети Исаак продолжува да вели „Затоа срцето на човек кој ја почувствувал оваа љубов (Божја) не може да ја издржи или да ја истрпи без една необична промена која се гледа во него според мерката на големината на љубовта. А ова се нејзините знаци: неговото лице станува огнено, многу радосно, и неговото тело се стоплува…“. Нашиот Спасител Христос ме удостои (иако бев навистина недостоен) да го сретнам овој човек Божји, и да добијам голема полза од него. Спомнав дека додека служеше, во него настануваше мистична промена, и преку него, исто така настануваше и во мене. Една ноќ со вистински Геронда (Старец) од Света Гора може да вреди многу години. Преку откровение, јас јасно го сфатив ова.

Старец Јоаким имаше белези во неговите очи, за кои мислам дека беа белези од неговата постојана скрушеност. Речиси слично како белезите од очилата што ги носат луѓето, меѓутоа не точно така, зашто Старецот воопшто не носеше очила. Ова не треба да биде изненадување зашто знаеме дека Свети Ефрем Сириски си ги изгорел трепките на очите од постојана скрушеност. Се сеќавам еднаш кога тој беше само правејќи леб, дека го видов како да беше во оган, тој мора да беше во состојба на молитва, правејќи леб што требаше да стане Тело Христово. Тој имаше голем дар на расудување, толку голем, што можеше да гледа низ тебе само со разменување на неколку збора. Отец Сергиј Блек, игумен на нашиот манастирот во Калифорнија, исто така имаше искуство со Старец Јоаким, меѓутоа не го имаше видено како служи. Додека Старецот Јоаким му зборувал неколку часови, отец Сергиј разбрал што му зборува, иако немал зборувано на грчки со години, и го заборавил јазикот. Тој исто така видел дека тој е небесен човек, и после посетата на Старец Јоаким, отец Сергиј конечно одлучи дека е време да ја напушти АПЦ (Американската Православна Црква). Старец Јоаким му кажал дека нашиот Синод е Православната Црква во Америка.

Еднаш кога ни извади свети мошти за да се поклониме, тој стеше во задниот дел на малиот параклис и почна да го мириса воздухот. „Гледаш ли колку се благоухани моштите“ ме праша. Дури кога ги целивав забележав дека имаат слабо благоухание, но старецот стоеше многу подалеку. Мојот одговор беше „зарем моштите не се секогаш благоухани Старче?“ Можеби поради мојата гордост јас не го исповедав тоа дека не можев да го почувствувам мирисот така, како што тој можеше. Тој одговори „Моштите никогаш не биле толку благоухани во текот на сите овие години откако сум тука“. Јас Го прославив Бога, Кој ни дарувал такви благослови, посетувајќи нè нас грешниците.

Јас му кажав на Старецот дека во манастирот во Бостон ни даваат да работиме. Тој ми рече дека само сака да му читам додека бев таму и дека не сака да ми дава работа. Конечно ни дозволи малку да помогнеме со малите крстови што тие ги правеа, прикачувајќи Го распнатиот Христос на Крстот. Кратко време го правевме тоа. Потоа отидов во соседната соба и почнав да читам. Старецот дојде да види дали сум таму. Кога влезе внатре, јас го прашав нешто во врска со тоа што го читав. Тој ми одговори, и потоа ме викна да одам со него во параклисот. Обајцата влеговме во благодатниот малечок параклис и малку поразговаравме. Најмногу за монаштвото. На многу начини, мојата совест ме измачуваше дека би требало да бидам доволно цврст за да го направам моето покајание во ова ќелија, бивајќи замонашен овде. Неколку години порано, јас би сакал, бидејќи имав намера да го напуштам домот без да кажам некому, да станам монах таму. Но, малку пред ова, Митрополитот Макариос ме убеди да станам монах во Северна Америка, наместо на Света Гора. (Јас бев призврзан за нашето братство и за начинот на кој ги правиме нештата, па така ми требаше многу малку време за да се навикнам на тамошниот живот.) Кога ја донесов таа одлука, се молев барем да го направам мојот почеток на Света Гора, и веројатно тоа и се случи. Додека ми дозволи да живеам како послушник во тој краток период, тој ме благослови ставајќи ми ја скуфијата на Свети Нектариј на глава како благослов. Исто такам ни рече да правам поклони со исусовата молитва со бројаницата на Свети Нектариј. Тоа беше вистински благослов и радост. Оваа подготовка за заминување во манастир беше исто така благословена и од Архиепископот Авксентиј. Старецот Јоаким ми рече да направам метанија пред Архиепископот во негово име. Архиепископот се сеќаваше на него, и дека тој го ракоположил. Додека зборував со Архиепископот Авксентиј, се чувствував како да сум Мотовилов додека зборувал со Свети Серафим, толку големо доживување беше тоа. Такво нешто јас не очекував, бидејќи свештеникот во Торонто не покажуваше некаква посебна почит кон него, најголема почит имаше кон тогашниот Митрополит Кефалониски Максим, когошто јас не го сретнав. Јас и претходно го имав видено Архиепископот, но никогаш како овој пат. Веројатно тој имаше добиено таква благодат пред неговото упокојување, како што веруваме дека Бог нè зема во оној час, кога Он знае дека е најдобро. Ова беше само неколку месеци пред неговото упокојување.

Времето што го поминав со Старецот Јоаким беше време, што ме подготви за остатокот од мојот живот. Кога заминувавме му направив метанија и реков „со твоите благослови Старче, верувам дека ќе станам монах“. Додека си одевме по патот, јас бев радосен бивајќи свесен за она што се удостоив да го искусам, иако бев недостоен, но исто така бев натажен знаејќи дека со мојата одлука да станам монах, јас во овој живот повеќе нема да го сретнам Старецот Јоаким. Со благослов на мојот игумен, отец Исаак, јас продолжив да му пишувам, и честопати му се исповедав и тој продолжи да одговара на моите писма, често испраќајќи ни пакети.

Бидејќи го спомнав фактот дека Архиепископот Авксентиј исто така ме подготви за мојот монашки живот, јас не можам да го игнорирам фактот дека и Христа ради јуродивата Света Тарсо од Кератеа ме подготви. На грчки јазик има многу напишано за неа, и многу чуда ја посведочија нејзината светост. Таа беше (несомнено) најсветата личност што некогаш сум ја сретнал.

Година или повеќе пред упокојувањето на старецот, на грбот му се појави голем тумор. Малку потоа исто така му се појави и на градите. Почна да испушта гној и отците секојдневно го преоблекуваа. Последната година од неговиот живот тој многу пострада од ова. Одбиваше да оди кај било каков лекар (никогаш немаше отидено на лекар, ниту пак некогаш имаше земено аспирин или некој друг вид на лекарства во сиот негов живот, живееше добро со Божјата благодат) исто како нашиот Старец Јосиф Спилеот. На крај, отците повикаа лекар да дојде и да го види (повторно, исто како нашиот Старец Јосиф). Кога се случи ова, Старецот Јоаким многу се обвинуваше себеси велејќи, „Бог ме смири преку овој лекар. Јас си мислев дека ќе бидам некој вид на голем отец одбивајќи лекар, но тогаш лекарот дојде кај мене. Божјата благодат ме напушти бидејќи лекарот дојде кај мене…“ Лекарот дијагнозирал рак и им кажал на отците дека е само прашање на време. Пред да се упокои ги повика отците и им го даде последното предупредување. Тој им кажа дека ќе се упокои и им рече строго да ги чуваат нивните монашки завети, да се сакаат еден со друг, внимателно да го запазуваат типикот на исихастирионот, и да живеат покајнички живот. Тој се причести и се упокои во Господа мирно, оставајќи зад себе радост и мир, кои може да ги остави само праведен човек. Неговото тело беше меко како да е жив и немаше знак на распаѓање, ниту на непријатен мирис.

Тоа беше во јули 1994 год. На 8/21 март 2003 год., во навечерието на празникот на Светите 40 маченици, тој се упокои во Господа. Сега со неколку примери на свети луѓе, треба да имаме посебна борба. Сепак овој спомен никогаш не треба да нè напушти. Самото негово спомнување треба да ја обнови во нас благодатта од присуството на Светиот Дух. Светлината која излегуваше од неговото лице за време на Божествената Литургија, повеќе не може да се види во овој живот.

Нашиот Спасител го зеде Старецот Јоаким од неговиот труд и му подари одмор. Нам ни се потребни за пример светителите Божји и проучувајќи ги овие примери, можеме да видиме колку сме далеку од нивната светост. Бог да ñ подари одмор на душата на овој херој на побожноста и монаштвото, а ние и понатаму да го имаме него за водач, и покрај тоа што тој премина од овој живот, во животот што нема крај. Секогаш тој нека посредува за нас. Според она што тој ми го напиша откако заминав во манастир „духовната љубов не знае за граници“, некој може да е на другата страна од светот, и пак љубовта во Христа е иста. Бидејќи љубовта кон нашиот Спасител продолжува вечно да расте, следи дека и љубовта за неговите слуги исто така расте. Затоа, со голема трудољубивост треба да бидеме служители на нашиот Спасител Христос. Иако Старецот Јоаким е како некој што сме го изгубиле во овој живот, сепак не сме го загубиле, туку сме стекнале застапник пред Тронот на Величието. По неговото застапништво и на сите светители, да се удостоиме со тој рај на сладоста, Небесното Царство на Небесата, каде што праведните се радуваат и возвеличуваат со вистинска радост и величие, бивајќи обземени од стравопочит поради тоа видение кое е неискажливо и откриено им е само на оние, на кои им е дадено да го примат, преминувајќи од смрт во живот. Амин.

Крај

Преземено од: 

Старец Јоаким од Света Гора

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *