ИЗВАДОК ОД ЖИТИЕТО НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ МЕЛЕТИЈ АРХИЕПИСКОП АНТИОХИЈСКИ

 

1IMG_01Свети Мелетиј најпрво беше епископ Севастијски во Ерменија, потоа беше преместен за епископ во Верија сиријска, а потоа беше поставен за Архиепископ Антиохијски на следниот начин:

Кога од престолот беше симнат злочестивиот еретик Македониј[1], лажниот пастир на Цариградската Црква, тогаш антиохијскиот архиепископ Евдоксиј, исто така еретик аријанец, го засака цариградскиот престол поради богатството, бидејќи во времето на царот Констанциј, синот на Константин Велики, Цариградската Црква беше многу побогата од Антиохијската и од останатите цркви. Поради тоа, Евдоксие, омаловажувајќи го престолот антиохијски, почна да го бара цариградскиот. Дознавајќи за тоа, антиохијаните многу се налутија на својот архиепископ Евдоксиј што ја омаловажува нивната Црква, и го протераа. А тој замина и го доби цариградскиот престол. Во Антиохија беше свикан Собор (360г.) и на него се разговараше кого на местото на Евдоксиј да биде поставен на тронот. А тогаш помеѓу нив имаше многу познати аријанци, кои можеа многу, а православните беа малцинство и нив ги понижуваа. Една група православни ги нарекуваа евстатијани, по свети Евстатиј, поранешниот Архиепископ Антиохијски, кој и прогонство претрпе за благочестивата вера. На тој собор во Антиохија името на свети Мелетиј им беше на сите на устата и сите сакаа, особено аријанците, тој да им биде архиепископ, бидејќи аријанците мислеа дека тој е нивен истомисленик и се надеваа дека на нивна страна ќе ги преведат и евстатијаните, и цела Антиохија ќе ја научат на аријанските догмати. Во Антиохија и беше избран свети Мелетиј, па тој Собор го потврдија и антиохијаните со своерачен потпис, и тоа му го врачија на свети Евсевиј, епископ Самосатски, човек правоверен, кој и присуствуваше на тој собор. И откако добија согласност од царот, тие му испратија молба на свети Мелетиј. И го доведоа за епископ во Антиохија и сите свечено го примија. Тој пречек епископ Теодорит, вака го опишува: Кога Великиот Мелетиј, повикан од царот, се приближуваше кон Антиохија, сите му излегоа во пресрет: свештенството, црковните службеници и огромна маса на граѓани. Помеѓу нив имаше и евреи и незнабожци кои сакаа да го видат прочуениот Мелетиј. И по една негова проповед за верата, беше устоличен свети Мелетиј на архиепископскиот престол Антиохијски, како човек достоен , мудар и свет.  За него свети Епифаниј кој живееше во тоа време, величајќи го, следното го запиша: Кај нас многу е почитуван овој маж (свети Мелетиј), и неговата слава е на сите страни, бидејќи неговиот живот е постојан, чесен и возвишен. И тој е многу омилен меѓу народот поради својот беспрекорен живот. И сите неизморна го фалат поради тоа. Народот толку многу го сака, што секој граѓанин копнее тој да му дојде во куќата и со своето доаѓање да ја освети.

                Откако го прими антиохијскиот престол, свети Мелетиј најпрво ги учеше луѓето на добродетелен живот, исправувајќи го кривиот пат во нивното срце кон православие, бидејќи светителот се надеваше, откако ќе го поправи нивниот рѓав карактер, односно кога ќе ги искорени трњето и каколот од нивата на нивното срце, во нив полесно ќе го посее православното семе. Тој го познаваше и свети Василиј Велики, кој беше дошол во Антиохија и со него беше во големо пријателство. А свети Јован Златоуст, во тоа веме, сеуште беше мало дете, одеше на училиште и се учеше на читање и пишување. Како таков, тој заедно со врсниците свои учествуваше во сенародниот дочек на свети Мелетиј. И него свети Мелетиј и го крсти. Подоцна, тој напиша за свети Мелетиј во своето пофално слово, дека тој, на триесет дена по доаѓањето на антиохијскиот престол, беше протеран од црквата од страна на еретиците, тие непријатели на вистината.

                Бидејќи сите луѓе сакаа точно да дознаат од која вероисповед е нивниот нов архиепископ, и со тоа го вознемируваа, свети Мелетиј во црквата одржа проповед за народот. Во неа тој ја величаше православната вера, утврдена на Првиот Вселенски Собор во Никеја, исповедувајќи дека Синот е совечен на Отецот, и соприроден, и рамен, и несоздаден, и е Творец на целокупното создание. Додека светителот така со громогласен глас го учеше народот, архиѓаконот антиохијски, заразен од ереста, пријде кон својот архиепископ и со раката му ја затвори устата, за да не го поучува народот на православие. Тогаш светителот, не можејќи да беседи со јазикот, високо ја подигна својата рака, погласно исповедувајќи ја Света Троица со прстите на својата рака, отколку со гласот на својот јазик. Најпрво покажа три прста, изобразувајќи ги трите Божествени Лица, потоа ја собра целата рака и на народот му покажа само еден прст, изобразувајќи го на тој начин Божеството во три Лица. Кога го виде тоа, архиѓаконот ја тргна својата рака од устата на светителот и му ја фати раката, за да ја спречи таквата проповед за Света Троица. А светителот повторно почна да говори за Света Троица во Единица, и за Единица во Троица, и го советуваше народот цврсто да се држи за вероисповедањето на Никејскиот Собор. И му говореше на народот дека во тешка заблуда е секој  кој ги отфрла догматите на Никејскиот Собор. И тоа така долго се повторуваше: архиѓаконот или устата на светителот ја затвараше, спречувајќи го да зборува, или раката му ја држеше, не дозволувајќи му со прстите да ја изобразува Света Троица. А светителот, час со устата, час со прстите му го покажуваше на народот своето православно вероисповедање. Тогаш православните со неискажлива радост се израдуваа, гледајќи на апостолскиот престол таков побожен архиереј, и од радост воскликнуваа, помагајќи му на својот пастир во православното вероисповедање. А аријанците, огорчени, го истераа од црквата архиерејот Божји, и почнаа на сите страни да го навредуваат, нарекувајќи го еретик савелијанец.

                Потоа, еретиците го наговорија царот Констанциј да го осуди Мелетиј на прогонство во својата татковина Ерменија, и на негово место во Антиохија го избраа некој си Евзоија, заштитник на ариевите догмати, кој сеуште беше во ѓаконски чин.

Превод: СВЕТА РЕВНОСТ.

[1] Македониј I, епископ Цариградски, го заземал цариградскиот престол од 342 г., а потоа како еретик бил симнат, но неколку пати во своја власт ја зграпчувал архиерејската власт до 360 г. Македониј богохулно учел за Светиот Дух вака: Светиот Дух е создание и нема удел во Божеството и славата на Отецот и Синот.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *