ЗА ЦЕЛОМУДРИЕТО

 „ДОКОЛКУ ЖЕНАТА ГИ ИЗГУБИ ВОЗДРЖАНИЕТО, ЦЕЛОМУДРЕНОСТА И СКРОМНОСТА КОИ И СЕ ДАРУВАНИ ОД ГОСПОДА, НИЕДНА ЖИВА ДУША НЕМА ДА СЕ СПАСИ“.  

Преподобен Јован Лествичник

ЦЕЛОМУДРИЕТО е оттргнување од сите видови на блудни дела и отфрлање на се што ги поттикнува, вклучувајќи ги блудните помисли и мечтаењето (фантазија). Пред стапувањето во брак и вон бракот, целомудрието е поврзано со чување на девственоста, а во бракот, со чувањето на сопружничката верност. Целомудрието е заповед дадена од Бога, Кој рекол:”Не врши прељуба”(2 Мој 20,14 и Пр. 6,25) Колку паднавме… Во современата култура, за жал, повеќе од се останато, се здружени токму против оваа добродетел, токму неа повеќе од сите други и се потсмеваат и се трудат да ја заборават. Меѓутоа, оваа добродетел е во природата на човечкиот род. Така, од девствената земја се создадени првите луѓе-Адам и Ева, тие биле девствени во рајот до изгонувањето, па, секој човек се раѓа со девственост, природно целомудрени мали деца, чија незлобивост ги трогнува возрасните. Честопати дури и најраспуштените луѓе признаваат дека, кога би размислувале сериозно за стапување во брак, би дале предност на бракот со девствена невеста. Дури и најразвратните мажи, како по правило, сакаат да ги заштитат своите ќерки од развратот и од власта на блудот колку што е можно подолго време. Исто така, дури и закоравените блудници признаваат дека сопружничката верност е незаменлив дел од совршениот брак. Дури и луѓето кои се целосно поразени од блудната страст, макар и индиректно, го исповедаат високото значење на добродетелта на целомудрието. Дури и во масовната култура, основана на сексот, невиноста често се смета како симбол на моралната чистота. Токму моралното совршенство и чистота се стремежот на секој вистински христијанин, тоа е она кое тој го достигнува на патот на исполнувањето на Божјите заповеди и животот според Христос, Кој со сопствениот пример ги учел Своите ученици на целомудрие. За христијанинот чувањето на целомудрието е условено од природната желба, телото – кое е храм на Светиот Дух да се сочува во чистота – за што говори апостолот: “Не знаете ли вие дека сте храм Божји, и Духот Божји живее во вас? Ако некој го разори Божјиот храм, него Бог ќе го разори; зашто Божјиот храм е свет, а тоа сте вие.”(1 Кор. 3, 16-17) За христијанинот чувањето на целомудрието е диктирано од љубовта кон ослободувањето од сите гревовни страсти, на што не повикува преподнобниот Антониј Велики:”Немојте да станете робови ниту на скверните, неприродни страсти, ниту на срамните похоти, толку мрски пред Бога”. Луѓето кои се поробени од блудот, често наоѓаат оправдување за овој грев нарекувајќи го “слободна љубов” и тврдат дека нема ништо лошо во тоа да и се препуштат без “да се врзат себеси со јажето на бракот”. Но лукавството на сличните изговори се гледа во тоа, што во суштина таквите односи претставуваат “љубов подготвена за предавство”. Порано или подоцна, едниот “партнер” го отфрла другиот заради некој трет. Сите оние кои ја застапуваат “слободната љубов”, ја признаваат како оправдување за своето неверство, иако воопшто не им се допаѓа кога и тие ќе бидат изневерени. Таквата “слободна љубов” нема никаква врска ниту со вистинската слобода ниту пак со вистинската љубов. Таа е само жално оправдување за слабите луѓе, поробени од блудната страст. Добро е познато дека промискуитетните сексуални односи доведуваат до разни болести, дека стануваат препрека за нормалниот семеен живот, дека ги ослабуваат идните бракови. Таквиот живот не носи среќа, луѓето кои така живеат имаат склоност кон депресија, необјаснива тага. Но телесните болести и психичките нарушувања се само мали пројавувања на погубните последици на гревот. Гревот го уништува животот на блудникот уште во овој свет, но најстрашното е тоа дека нарушувањето на Божјите заповеди за целомудрието, доведуваат до ужасна судбина по смртта:“Зашто ова треба да го знаете: дека ниеден блудник…нема дел во царството на Христос и Бог”(Еф.5,5)”Не лажете се: ни блудниците, ниту идолопоклониците, ни ракоблудците, ни мажеложниците,…нема да го наследат царството Божјо”(1Кор.6, 9-10);”А на …поганите …и блудниците…делот им е во езерото што гори, со оган и сулфур, тоа е втората смрт”(Отк. 21,8). Самиот збор “целомудрие” често се објаснува како “цела, потполна мудрост”. Ние се прашуваме, како е тоа поврзано со чувањето на своите тела и души од власта на блудното ропство? Но врската постои и тоа како најнепосредна. Целомудрие – тоа е чистотата на душата и на телото и совршено потчинување на телото на душата. Тој што ќе ја достигне оваа состојба, достигнува јаснотија на умот и на духот, која му е непозната на блудникот. Како што говорел светителот Григориј Ниски:”Тој што е богат со целомудрие, живее во светлината на чистата совест, затоа што…неговата душа е будна во светлоста на вистината… и не се предава на безумието на ниту едно од земните мечтаења”. Вљубеноста на луѓето кои немаат целомудрие, бргу бледнее. Спротивно на тоа, како што вели свети Јован Златоуст: “Од целомудрието се раѓа љубовта, а од љубовта – немерливо множество на добра”, и “ако некој се научи на целомудрие, ќе ја смета својата жена помила од се, ќе започне да гледа на неа со голема љубов и ќе има со неа големо согласување, а со мир и согласување ќе дојдат во домот и сите блага”. Како да се стекне целомудрието? Кој сака да го сочува или да го стекне целомудрието, не би требало да чита сладострасни книги, да гледа непристојни филмови, потребно е да одбегнува такви разговори, да не слуша непристојни шеги и т.н. Мораме да ги чуваме сетилата, особено сетилото за вид, за слух и допир од се она кое може да предизвика похота. Често се случува ѓаволот да предложи помисла за тоа дека не е голем грев да се погледне или прочита нешто во врска со блудот, дека тоа не е исто што и извршувањето на блудот, а тоа значи и дека “не е толку страшно”. Меѓутоа, доколку човекот ги прифати тие предлози, со тоа го отвора патот на разгорувањето на похотта во себе и му дава на ѓаволот поводи со кои тој може да манипулира со човекот. Со разгорувањето на плотта, предизвикано од читањето на непристојни текстови или со разговори или со набљудување на такви слики или бесрамно гледање во друг човек, веќе не воведува во реални телесни гревови, ако не веднаш, тогаш малку подоцна, кога општото расположение на човекот ќе биде изменето и пронижано со разгорена страст, на која тој повеќе нема да може да и одолее. Секако, ако некој човек го запали сеното со едно чкорче, тоа сеуште не е исто што и огромен пожар кој го зафатил целото сено, дури и тогаш кога човекот со тоа исто чкорче би го запалил и следниот сноп сено, тоа повторно не е голем пожар и теоретски, во првите мигови можно е да се угасне тоа снопче сено, за да не дојде до голем пожар. Меѓутоа, во реалноста, знаејќи го сето тоа, ниту еден нормален човек наоѓајќи се на сеното, нема да си игра со кибритот и со потпалување на делови од сеното. Преголем е ризикот. А некој кој ризикува, наскоро ќе биде убеден дека пламенот се шири побрзо од тоа што мислел тој и дека не е веќе во состојба да го сопре и дека пожарот е неизбежен. Мудриот човек ќе го спречи пожарот уште во фазата на пламенчето, или поточно, уште во фазата на помисла за пламенчето. На тој начин целомудрениот човек ја победува блудната страст – не со тоа што на почетокот ќе и дозволи да се разгори до неверојатни размери, за потоа да води битка со неа, туку со тоа што се труди на таа страст да не и дозволи пристап во срцето и со тоа што нема да даде ниту една капка “гориво” за сладострасните желби. Најсигурен начин да не се падне во провалија е да не се приоѓа на работ на провалијата. Заради тоа, како што говори преподобниот Ефрем Сирин:”Вистински целомудрен е тој, кој не само што го чува своето тело од блудот…туку и секој дел од своето тело, на пример и очите и јазикот…тој го чува целомудрието…во неговиот внатрешен човек, душевните помисли не се спојуваат со порочните мисли”. И свети Игнатиј Брјанчанинов забележува дека како прво потребно е стекнување “на оддалеченост на умот од секакви блудни помисли и фантазии, а срцето – од блудните чувства и нагони. По тоа ќе следи и отуѓувањето на телото од телесните похоти”. За да се зачува целомудрието помагаат активните дела на милосрдието и физичкиот труд, воопшто, како и постот, додека пак спротивно на тоа – мрзоволноста и досадата, особено доколку одат заедно со стомакоугодието – стануваат најдобра храна за блудните страсти. Со пијанството потполно се разрушува целомудрието: значаен дел од горките падови, кои човекот никогаш не би ги направил ако е трезен, се случувале во алкохолизирана состојба, што значи дека целомудрениот човек треба особено да пројавува воздржување при употребата на алкохол. Исто така, неопходна е засилена срдечност во молитвата и редовно читање на духовни книги. Познато е дека лошото друштво прави разврат на добрата нарав, па заради тоа добро е целомудрениот човек да се дистанцира од блиското општење со блудниците, особено со оние кои го оправдуваат блудот. Свети Игнатиј Брјанчанинов советува: “Научи се да бидеш скромен: не си дозволувај себеси никаква дрскост, не си дозволувај дури ни да го допреш ближниот без крајна нужда, па така навиката да бидеш скромен ќе направи големата добродетел на целомудрието да ти биде пријатна.” Свети Тихон Задонски ги предложува овие средства за чување на целомудрието: “Помни дека секогаш одиш пред Бога и дека секогаш Тој гледа на тебе и ги надгледува твоите дела, зборови и помисли. Кога ќе ти дојде лоша помисла, веднаш изгони ја од себе во тој миг и помоли се: “Господи Исусе Христе, помогни ми на мене грешниот”. Моли се често и проси од Христа: “Господи, дај ми смирение, целомудреност”и други добродетели. Без молитва и Божја помош не можеме да стекнеме целомудреност…Чувај ги очите од погледот на убави лица и ушите од соблазнителни песни”. Што се однесува до првиот совет-сеќавање на Бога, тука може да се спомне случката со авва Ефрем и блудницата која се обидела да го заведе. Долго време жената не го оставала светиот на мира, и тој на крај и рекол: “Појди со мене”.Таа, израдувана, тргнала по него. Си мислела дека старецот ја води на осамено место. Но свети Ефрем ја одвел блудницата на плоштадот, каде што се собирал народот. “Тука стори го тоа што сакаш”- рекол тој. А блудницата му одговори: “Како да го правиме тоа во присуство на толкаво мноштво луѓе?” На тоа аввата и рече: “Ако се срамиме од луѓето, како да не се срамиме од Бога Кој го гледа и она што е тајно.” Блудната страст го напаѓа човекот особено во младоста, а со стареењето тој оган делимично се смалува и со самото слабеење на телото. Затоа тој што ја зачувал целомудреноста во младоста, покажува со тоа голема храброст. Освен тоа, за зачувување на целомудрието, помага и природното чувство на срам, кое на човекот му е дарувано од Бога. Тоа чувство им е познато на сите. Во своите најсилни облици, тоа е толку мачно, што може да се спореди со силна физичка болка. Некои луѓе од нашево време се трудат да го наметнат мислењето за тоа дека срамот е нешто застарено, па дури и дека е штетен, дека го спречува човекот да ужива во животот, и затоа тие повикуваат да се бориме со срамот и да го спречиме, за да станеме бесрамни личности. Тие луѓе забележале нешто точно во себе, но донеле погрешен заклучок. Навистина, срамот предизвикува страдање. Се разбира, подобро му е на човекот да живее без таа мака. Меѓутоа, најбезбедниот пат да се ослободиме од таа мака е да не правиме дела заради кои ќе се срамиме. Но, доколку сме направиле нешто такво и се срамиме, единствениот начин да се вратиме во нормалниот живот е-покајание. Секој друг обид на борба со чувството на срам води само кон морална и духовна деградација на човекот. Бесрамните луѓе никому не му се допаѓаат. Чувството на срам не ни е дадено залудно: тоа ја заштитува душата. Срам-тоа е често реакција заради грев. “Кога гревот допрва се раѓа, тој произнесува некое чувство на срам”-говори свети Максим Исповедник. Чувството на срам некогаш ќе не сопре уште пред помислата, како предупредување на опасноста од грев. Понекогаш ние чувствуваме срам веднаш откако сме направиле грев и тогаш тој во нас може да разбуди жалење поради направеното, да не наведе на покајание. “И во тој случај тој може да ни ја даде надежта на спасението” – говори преподобниот Јован Дамаскин. Во секое дете постои здрава, детска срамежливост која родителите не би требало да ја разрушуваат, туку напротив, да ја укрепуваат. Таа помага во моралната градба на личноста и во зачувувањето на целомудрието. Меѓутоа, треба да се има предвид дека поради гревопадот во човекот се изопачиле многу природни движења на душата. Со тие искривувања, се појавил и лажниот срам-оној кој се родил од суетата: кога на пример, луѓето се срамат од малите плати или од сиромашни, болни и необразувани роднини. Понекогаш лажниот срам им пречи на луѓето да пристапат на светата тајна Исповед. Тие луѓе треба да запомнат дека срамот, кој не спречува да говориме за гревот на исповед, не ни е даден заради тоа да бегаме од неа, туку за да ја засили исцелувачката моќ на Светата Тајна. Оние гревови кои ние ги исповедаме со срам, тој како да ги изгорува. Кога ќе ја надминеме лажната срамежливост и ќе го именуваме гревот, ние стекнуваме особено олеснување и радост.

Отец Јуриј Максимов

Превод: СВЕТА РЕВНОСТ.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *