За правилно воспитување на децата

Од Св. Григориј Двоеслов

      Петар: Чесни Владико, бидејќи човечкиот род е заробен со многу и неброени страсти, претпоставувам дека најголем дел од Небесниот Ерусалим ќе биде исполнет со деца.
 
         Григориј: Нема сомнеж дека крстените деца кои рано умираат одат во Небесното Царство.  Меѓутоа, не веруваме исто и за децата што почнале да зборуваат. Зашто, за многу деца се затворени вратите на Небесното Царство поради нивните родители, кои лошо ги воспитувале. Во овој град еден човек им беше познат на сите. Пред три години тој, како што ми се чини, имаше еден син од пет години. Сакајќи го многу телесно, тој го одгледувал без воспитување. И детето, доколку го вознемириле, стекнало навика да ја богохули (и самото наведување е опасност) Божјата величина. 

       Ова дете заболело од смртоносна болест што вледееше во нашиот крај, па му се приближила смртта. Додека таткото го држел во прегратката, како што сведочат оние што биле присутни, детето видело како по него доаѓаат злите духови, па почнало да вика, треперејќи и затворајќи ги очите: “Заштити ме, тато, заштити ме”. Со тие извици детето ја скрило главата во прегратките на таткото, сакајќи да се сокрие. 
         Гледајќи дека се тресе, таткото го запрашал што гледа. И детето одговорило: “Дојдоа црни луѓе и сакаа да ме земат. “ Кажувајќи го наведеното, тоа веднаш изговорило пцовка против великото Божјо име и ја испуштило душата. Семоќниот Бог сакал да покаже поради кој грев детето е предадено на демоните. Тоа што таткото не сакал да го спречи (да богохули, – заб. СВЕТА РЕВНОСТ) додека живеело, тоа продолжило да го повторува и пред смртта. На тоа дете Бог, по својата штедрост, му дозволувал да живее богохулејќи. Сепак, според Својот праведен суд, Он допуштил да богохули и при смртта за таткото да го сфати својот грев. Безгрижен за детската душа на малиот син, тој за оган одгледал еден голем (а не мал) грешник. 
 
         “ Браќа, воспитувајте ги своите чеда за да не се мачат. “
 
Извор: „ДОБРОСЛОВ“, прв том, стр. 69, Охрид 2011.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *