Архиепископ Аверкиј Џорданвилски: Колку сме свесни за својата Православност и за величината на Православната Вера

“О, чудесно, животворно, Божествено Православие!
Јас го гледам твојот светол образ.”
(Св. Јован Кронштадски)

apbinfrontkursk Недела на Православието! Заврши првата седмица на Великиот Пост и нашата Света Црква, како грижлива Мајка, за духовно да не охрабри за понатамошниот пост, ни приреди духовна слава. Во првиот неделен ден на Великиот Пост се потсетуваме на големата радосна случка – конечната победа на Светото Православие над последната страшна ерес која ја збунувала Црквата: симнувањето на иконоборството и воспоставувањето на благочестивото иконопочитување, што се случило во 842 година по Рождеството Христово во Византиската империја за време на “светата и преблажена царица” Теодора, и Патријархот Методиј. Со ова сеќавање соединет е и празникот “Торжество на Паравославието” воопшто: победната слава на православната вера над сите злосторнички ереси, лажни учители и расколи… 

Колку е прекрасен и величествен овој поучен и потресен “Чин на Православието” (читање на Синодикот) кој, според црковниот устав, денес треба да се извршува во сите катедри и храмови, но тоа во денешно време толку ретко се извршува, а доколку некаде се прави, се прави само како архаичен обред, без доживување на неговата внатрешна сила и значење.

Да! Сега дури и меѓу оние кои се нарекуваат православни, останаа малкумина кои се кадарни правилно да ја оценат целата величина на славната случка што денес се празнува. Уште помалку се оние кои добро ја познаваат својата православна вера, и свесни сe, колку е значително што и припаѓаат, и затоа ја ценат како најскапоцено богатство. За повеќето современи луѓе, а меѓу нив и оние кои формално се нарекуваат православни, Православието не е ништо повеќе од една во низата вероисповеди што постојат во светот, еднакво и рамноправно со другите.

Но, таа претстава е примитивна, длабоко погрешна и недостојна за секој сериозен човек, човек што размислува и совесно се однесува кон верските прашања. Неа ја распространиле – во тоа не се смневаме – злонамерните непријатели на вистинската вера во Бога, кои постепено и незабележливо сакаат да им ја одземат секоја вера на луѓето за духовниот свет, верата за вечниот живот што ги очекува, да ги лишат сите луѓе од вистинско духовно живеење и да ги претворат во обични животни врзани само за овоземниот живот и за се што е минливо. За да разбереме и правилно да го процениме православието, треба да се свртиме кон непристрасната историја и темелно да се запознаеме со историјата на Црквата, не само со ум, туку и со верно срце, фокусирано да навлеземе во текот на нејзините случувања.

Извршувајки го Своето големо дело за искупување на човештвото, Господ Исус Христос на земјата формирал Своја Црква, во која, според зборовите на Светите Отци, како во некоја скривница, го положил сето она што е неопходно за спасение. Оттогаш, секој оној што органски и припаѓа на Црквата, и се смета за нејзин член, искрено го исповеда нејзиното учење трудејки се да живее во согласност со сите нејзини правила – се спасува, односно, бега од властта на непријателот на човековиот род, ѓаволот, и станува подобен на Христа Спасителот, станувајки наследник и сопричасник на Неговото вечно блажено Царство. Според прекрасните и сликовити зборови на Светите Отци, Црквата Христова е слика на Ноевиот кораб, во кој сите што се наоѓаат во него се спасуваат од давење во брановите на житејското море.

Се разбира дека таквата институција му е крајно одбивна на непријателот на нашето спасение и дека тој се крева на неа со сите сили во обидот да ја уништи. Целокупната историја на човештвото во последните дваесет векови, не е ништо друго, освен, непрестан ланец на прогонства на вистинската Христова Црква, само во различни видови. Уште на самиот почеток, непријателот отворено се кренал против Црквата, преку лута и крвава борба, користејки ги Јудејците, а потоа и незнабожците како оружје, сакајки физички да ги истреби сите христијани. Кога тоа не му било дадено и кога во четвртиот век, за време на царот Константин Велики, Христовата вера ја прославила победата над своите гонители, непријателот на неа дигнал уште поопасно прогонство – внатрешно прогонство од страна на различни лажни учители, кои настојувале да го разводнат чистото Божествено учење на христијанската вера со примеси на различни човечки измислици, за со тоа да ја уништат неговата животворна, спасоносна сила правејки ја недејствителна.

Така се појавиле ересите, меѓу христијаните почнале да се јавуваат несогласија, поделби и расколи, нешто што не смеело да го има во единствената Црква формирана од Спасителот Христос. Бидејки Тој никако не формирал мноштво различни цркви и исповеданија, туку само една Црква, и бидејки во Својата првосвештеничка молитва Самиот се молел на Бога Отецот за зачувување на тоа единство засекогаш… „за да бидат сите едно, како што си Ти, Оче, во Мене, и Јас во Тебе; па така и тие да бидат во Нас едно“ (Јован 17, 21). Подеднакво така и Светите Апостоли повеќе од се се грижеле за единството на верните: „Ве молам браќа, да внимавате на оние кои прават раздор и соблазни против учењето што го научивте и да бегате од нив“ (Рим. 16,17). А во посланието до Ефесјаните пишува: „Браќа, ве молам да се однесувате достојно според звањето за кое сте повикани, со сета понизност и кротост, со долготрпеливост, поднесувајки се еден со друг со љубов, трудејки се да го запазите единството на Духот преку врските на мирот. Едно тело сте и еден Дух, како што сте и повикани кон една надеж на вашето звање. Еден Господ, една вера и едно крштение, еден е Бог и Отец на сите“ (Еф. 1, 1-5). Во посланието до Филипјаните тој ги уверува христијаните: „Имајте една мисла, имајте иста љубов, бидете еднодушни и едномислени“ (Фил. 2, 2).

Уште од овие неколку Зборови Божји е јасно дека главниот признак на вистинската Христова Црква е внатрешното единство и дека таа може да биде само една. Ете зошто, кога почнале да се појавуваат ересите или лажните учења кои го нарушувале тоа црковното единство, Светите Отци се состанувале на Собори, како помесни така и вселенски – за да ги разобличат тие ереси и да ги осудат лажните учители – еретици, кои го нарушувале тоа единство на Црквата, објавувајќи го непроменетото учење на христијанската вера, православното учење. Токму од тогаш, (во четврти век, кога е свикан Првиот Вселенски Собор на кој била осудена Ариевата ерес), христијаните кои го исповедале вистинското учење на верата почнале да се нарекуваат православни, за да се разликуваат од еретиците.

Значи, Православието до совршена чистота и нерасипано го сочувало Христовото Учење за верата и благочестието, кое во Свештеното Писмо го изложиле Светите Апостоли, а кое го разјасниле и подробно го протолкувале нивните примачи – Апостолските Мажи и Светите Отци во Свештеното Предание. Свештеното Писмо и Свештеното Предание, без никакви искривувања, промени и додатоци, свето и неизменето, се чуваат праведно, се до сега во Православната Црква.

Од неа, во XI век, се одделила Западната Римска Црква, која вовела цела низа на новитети и продолжила понатаму да ги воведува, оддалечувајки се така, се повеќе од вистинското Православие. А во XVI век, од римската црква, се одделиле таканаречените протестанти, кои постепено се расцепкале на многу различни секти, од кои некои отишле толку далеку од Православието, што почнале да ги отфрлаат и основите на вистинската христијанска вера, како што е догмата за Света Троица, Божественоста на Господ Исус Христос и др. Многу од тие секти се појавиле неодамна, дури во XIX или XX век.

Како е возможно тоа да се изедначи со Едната, Света Соборна и Апостолска Црква, со Православната Црква, која речиси дваесет векови останува непроменета, исходејки од Самиот Свој Божествен Основач Господ Исус Христос и Неговите ученици – Светите Апостоли? И како е можно, лажно да се тврди дека наводно, Вистинската Христова Црква, која непроменето го сочувала апостолското предание и отечкото православно учење за верата и благочестието, има некаква вина, за тоа што од неа отпаднале луѓето кои расудувале според човечката суета, го искривиле и извитопериле вистинското христијанско учење?

Уште понеумесно е тврдењето дека, наводно, главнаta причина за овие отпадништва од Вистинската Православна Црква, е некакво “непријателство” или “недобронамерност”, “недостиг на љубов и христијанско смирение” кај нас, православните, и дека сега тоа непријателство треба да го “заборавиме” и да не обрнуваме внимание на новотарите од нивните лажни учители, туку да се соединиме со нив.

О, со каква радост, нависитна со пасхална радост би ги примиле во братска прегратка сите римокатолици, протестанти и секташи, доколку тие искрено ги остават своите заблуди, се одречат од своите новотарии и лажни учења и го примат чистото и нерасипано исповедание на православната – христијанска вера – такво како што ни го предале Светите Апостоли Христови, нивните непосредни примачи, Апостолските Мажи и големите богоносни Отци од првите векови на христијанството – тие вистински Светила на земјата!

За какво “непријателство” и “злонамерност” би зборувале тогаш? Таа наводна “омраза”, “недостаток на љубов и христијанско смирение” исто така злонамерно ни ја припишуваат нам, православните, и сите оние непријатели на нашата вера, кои се обидуваат паднатите да ги утврдат во нивните заблуди, а нас да н# одвлечат од вистинското Христово учење, да н# присилат да ја игнорираме Неговата Вистина и да се откажеме од цврстото и непоколебливо исповедање на Вистината.

А таа вистина е подрагоцена од се на светот! Тоа е таа Вистина, која заради нашето спасение, ни ја донесе на земјата, лично Овоплотениот Единороден Син Божји, и за која, Тој на судот му рекол на Пилат: „Јас за тоа сум роден и затоа дојдов во светот за да ја посведочам вистината и секој кој е од вистината го слуша Мојот глас“ (Јован 18, 37). Како би можеле да ја игнорираме таа Вистина во име на некаква наводна “љубов” кон оние кои од неа отпаднале и во име на некакво вештачко соединение со оние кои не сакаат да ја исповедаат таа Вистина во сета нејзина чистота и неповреденост? Што би рекол тогаш за нас големиот проповедник на таа Вистина, возљубениот ученик Христов, св. Јован Богослов, кој во своите посланија до христијаните напишал: „За мене нема поголема радост од таа – да слушнам дека моите деца одат во вистината“ (3. Јов. 1, 4)?

И колку чудовишно и неправедно е да ни припишуваат нам, на ревнителите на Светото Православие, некаква фанатична “омраза” или “злоба” кон римокатолиците или протестантите и секташите, само поради тоа што повеќе од се друго на светот ја љубиме Православната Вистина и сакаме засекогаш да ја сочуваме верноста кон нејзината непроменетост! А ете современите псевдохристијани кои не обвинуваат за тоа и самите многу грешат сакајки да се претстават како по љубовни и од големиот Апостол на Љубовта кој вака ги учел христијаните: „Кој доаѓа кај вас и не го носи тоа учење, него не го примајте во вашиот дом и не го поздравувајте“ (2. Јов. 1, 10). А големиот Апостол на незнабожците, кој најмногу од сите се потрудил во проповедањето на Евангелието во целиот свет, јасно не поучува: „Бегај од човек еретик, откако ќе го советуваш еднаш или двапати“ (Тит. 3, 10).

Но зошто, одненадеж, токму сега, во дваесеттиот век на христијанската ера, не само на многуте верни христијани туку и на пастирите, меѓу кои некои заземаат високи положби, им се чини дека овие пораки ја изгубиле својата сила и значење?Страшно е да се каже, но зарем не е тоа затоа што и самите во душата станале отстапници од Православната христијанска Вистина? Затоа што, Христовата Вистина, чиста и неповредена, повеќе не им е драга на нивните срца? Затоа што, тие во своите животи и во своите постапки повеќе не се управуваат според таа Света Вистина? Затоа што, за Вистинската Христова Црква и за големото дела на спасението на верните души, тие водат туѓа, мрачна политика диктирана од некого однадвор – затоа што таа политика за крајна цел го има уништувањето на вистинското христијанство на земјата, заменувајки го со лажно христијанство, под чија благовидност просто се крие безбожие кое лесно може да премине во отворено богоборство, каков што пример можевме да видиме и во нашата несреќна татковина? Ете во какви страшни времиња живееме!

Дали нависитна сме свесни за тоа, дека сме православни и го почитуваме ли Светото Православие колку што е потребно? За вистински да се биде православен, не е доволно само да се вбројуваме во православните, не е доволно ниту одењето во црква, или редовното извршување на своите парохиски обврски – потребно е, како што не учи нашиот голем светител Тихон Задонски, да мислиме православно, да чувствуваме православно и да живееме православно. Но, за тоа, пред се, потребно е да го познаваме своето Свето Православие и да го љубиме со целото свое срце. За жал! Колку малку луѓе го прават тоа!

Огромно мнозинство сметаат дека сите разлики помеѓу православните и неправославните вероисповеди завршуваат само во обредите, а бидејки обредите се “од секундарна важност”, “сеедно е на кој обред му припаѓаме – важно е само да се верува во Бога и да се биде добар човек”.

Токму таквото наивно расудување не доведе до отпадништво од Православието, а потоа до безбожност и крвожеден богоборечки болшевизам. Многу големи духовни отци со жалост и страв, го предвиделе тоа, уште во минатиот век во нашата татковина, и со своите огнени беседи го предупредувале рускиот народ. “Знаете ли какви лоши мисли ме обземаат? – пишувал епископот Теофан Вишенски Затворник, „и тоа не без причина. Среќавам луѓе кои се сметаат за православни, а по дух се волтеровци, натуралисти, лутеранци и секакви други слободоумници. Тие ги поминале сите науки на нашите универзитети. Не се ниту глупави, ниту лоши, но по прашање на верата… Нивните мајки и татковци биле благочестиви. Расипништвото дојде во време на образование надвор од родителскиот дом. Тие во извесна мера сеуште го паметат детството и родителскиот дух. Какви ли ќе бидат нивните деца? И што ќе може да ги воздржи нив? Од овде заклучувам дека за едно поколение, најмногу за две, нашето Православие ќе исчезне.” (Писма за христијанскиот живот, стр. 78).

А еве го и вистинскиот крик на големиот серуски пастир, приснопамјатниот отец Јован Кронштадски, упатен од Светото Православие до отпаднатите руси – непосредно пред Руската земја да биде сполетена од крвава катастрофа: “Покај се пред Бога Русијо, ти која пред Него згреши потешко од сите народи на земјата – покај се со плач и солзи, со вера и добродетели. Повеќе од сите згреши, бидејки имаше и имаш во себе непроценлива животна ризница – Православната вера со спасителката Црква, а ја изгази и посрамоти во лицето на своите горди и лукави синови и керки…” (Беседа од 8 септември 1906). “Ние имавме среќа“ – зборувал тој во друга беседа – „да се родиме и да се крстиме во царството Христово, во Православната Црква, и да бидеме повикани да го наследиме Царството Небесно, но многу руски интелектуалци се откажаа од Христа и Неговата Црква… а и самите гледаат да ја вовлечат Русија во погибел” (5. октомври 1906).

Како што гледаме, сите тие страшни предвидувања се оствариле. Колку е срамно, и покрај тоа што се расеани, во тажен прогон, освен во ретки случаи, не гледаат очекувано просветлување по претрпените тешки искушенија поради отстапништвото од Светото Православие! Колку се далеку нашите луѓе од Православието и не го познаваат! А колку ги има и сега таквите “горди и лукави синови и ќерќи” на нашиот несреќен и блуден руски народ, кои продолжуваат да го “газат” и “срамуваат” нашето Свето Православие и нашата Црква, поради најгрубо неразбирање, нерасудливо мешајки ја нашата света вера со оние кои само се сметаат за “православни” или со пастирите и ерарсите, кои заведени од антиправославниот модернизам, не управуваат правилно со Словото на Христовата Вистина! Уште полоши се оние кои во својата гордост, ништо не разбирајки од вистинското Православие и кои според дух и живот се сосема далеку од него, надмоќно мислат за себе како за “столбови на Православието”, “за борци за чистота на нашата вера” и дрско претендираат да играат главна улога во црковниот живот…

Вистински православен е само оној што со умот и срцето го прима сето она на што не учи Светата Православна Црква и кој смирено се наведнува пред нејзиниот авторитет. Оној што го отфрла авторитетот на Светата Црква и ги игнорира нејзините Божествени учења, свештени правила и институции, вдахновени од Светиот Дух – тој се спротивставува на Светиот Дух и потпаѓа под страшна казна, која ја изрекол Лично Божествениот Втемелител на Црквата, нашиот Господ Исус Христос: „Ако (некој) и Црквата не ја послуша, тогаш нека ти биде тој како незнабожец и митник“ (Мт. 18, 17). „Како што рековме порано“ – не поучува светиот Апостол – „И сега пак повторуваме: оној што ви благовестува некое поинакво Евангелие од она што го примивте – нека биде проклет! (Гал. 1,9)

Превод: И. К.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *