За болестите

 

„Болеста не е казна и не е знак на Божја немилост. Напротив, и таа е милост Божја. Се што е од Бога е милост – било болест, било сиромаштија, било каква друга несреќа. Сестрите усрдно нека се молат на Бога, но во молитвата нека не говорат: „Подај ми здравје“, туку: „Нека биде Твојата волја, Господи! Слава Ти, Господи! Ако Ти е угодно, Господи, избави ме, а ако не Ти е угодно, нека биде волјата Твоја“. Верувам дека болеста е добра, исто како што е добро и здравјето.

Св. Теофан Затвореник

„Благодушно трпете ја вашата болежливост и благодарете Му на Бога за неа, бидејќи, да ја нема , можеби правилно би оделе, но вака, не само што правилно одите, туку и правилно седите. Друга корист од болеста е таа што, ако сте здрави и ако вистински се трудите на полето на своето , ќе мора да држите строги пости, бдеења, долги молитвословија, стоење на црковните богослужби и други подвизи, а сега сето тоа се заменува со трпење на болеста. Трпете, а за останатото не грижете се. Само внимавајте на душата. Духовната страна кај вас е недопрена, па според тоа, вие сте должни да Му служите на Бога во целост: со трезвеност и будност, да имате скрушен и смирен дух, да пребивате во умносрдечна молитва, да ги отфрлате помислите, да ја чувате кроткоста, да не осудувате, со радосните да се радувате, со загрижените да се грижите, да се сеќавате на Бога и на смртниот час… И ете за вас спасение.

Св. Теофан Затвореник

Светата Вистина, Словото Божјо вели: преку многу неволји ќе влеземе во Царството Божјо. Неволјите се посебен удел на нашето време , кому не му се дадени ниту подвиг на мачеништво, ниту подвиг на монаштво. Наше боиште, боиште на христијаните во последните времиња се неволјите, налик ситни и ништавни. Вагата е кај Бог! Пред Него, на Неговата вага, секоја неволја е ништавна, секоја неволја е лесна, колку и да е голема, бидејќи осенувањето со Неговата сила и благодат може и најголемата неволја да ја претвори во најголема наслада. Така и малата неволја пред Него има вредност, која никако не е помала од големата неволја. Се зависи од Неговата благодат – а Он од човекот милостиво ја прима секоја неволја која се прифаќа со благодарност, покорно и со славословие.

Таа болест, која неочекувано ве снашла, со благодарење направете ја доброволна жртва и Бог нека ја прими како кадилница исполнета со миомирисни духовни тајни. Темјанот, тоа е – благодарењето.

Човекот е како трева – зарем треба многу за да биде искосена? Неговото здравје за миг може да биде сериозно нарушено, па телото да му заврши или во гроб, или во постела со мачна и долготрајна болест. Евангелието не учи дека никаква неволја не може да не снајде без Божја волја – не учи да Му благодариме на Бога за сите неволји кои неочекувано ќе не снајдат. Од болничката постела вознесувајте благодарност на Бог, како што од ѓубриштето вознесувал Јов, прекриен со смрдлива лепра. Со благодарење се ублажува свирепоста на болеста. Благодарењето на болниот му носи душевна утеха. Поучено и насладено со благодарење, срцето се обновува со силата на живата вера. Одненадеж осветлен со светлината на верата умот почнува да ја созерцава чудесната Божја Промисла, која постојано бдее над целата творевина. Таквото созерцание го доведува човекот во состојба на духовен занес: душата почнува силно да Му благодари и да Го славослови Бог, почнува да ја фали Неговата света промисла и да се предава на Неговата волја. Болничката постела, која се оросува со солзи на покајание и радост во Бога, често е место на Богопознание и самопознание. Страдањата на телото често се причина на духовни наслади. За време на болест треба најпрво себеси да се принудиме на благодарење на Бога, а кога душата ќе ги почувствува сладоста и мирот што ги носи благодарењето, тогаш и таа ќе побрза кон благодарење како во некое пристаниште. Душата таму ита за да се тргне од тешките бранови на негодување, малодушност и тага.

Преку многу неволји ќе влеземе во Царството Небесно. На оној што ќе го засака, Господ му праќа неволји: тие го умртвуваат срцето за светот на Божјиот избраник и го учат да живее во близина на Бога. Во сите неволји, па и во болестите, следниве лекови носат корист и утеха на душата: верност на Божјата волја, благодарење на Бога, прекорување на себе си и свесностза тоа дека е заслужена Божјата казна, сеќавање на светителите кои патот на земниот живот го поминале во постојани и лути страдања, и на тоа дека неволјите се чашата што ни ја подава Христос. Кој нема да се причести од таа чаша, не е доследен да го наследи вечното блаженство.

…Со болникавоста се надокнадуваат подвизите. Болеста е спасение, тогаш кога болниот се чува од лоши зборови, помисли и фантазии, кога и се предава на Божјата волја и кога благодари за болеста која го одалечува од светот, што тој, по сопствена волја не би го сторил. Сосема оправдано и богоугодно размислуваш кога велиш дека болеста и тешкотиите кои се поврзани со неа, ти се испратени од Бога заради чување од гревови и од гревовни соблазни, со кои светот денес е полн. Но, избраните и денес се спасуваат. Печат на избраноста се страдањата. На оној кого го прима и блиску го усвојува кон Себе, Господ му испраќа страдања, а оној кого сака да го прослави, го подложува на многу и разни неволји, за душата, потресена од неволјите, да Го здогледа и да Го види Бог и Неговата Промисла.

Болниот е сличен на човек кој е окован во тешки пранги и однадвор и одвнатре. Но, таквата состојба се праќа или се дозволува од Бог. Од таа причина болеста се вбројува во оние подвизи со кои стекнуваме спасение. Потребно е секој подвиг правилно да биде извршен. Човек во болеста правилно се подвизува тогаш, кога Му благодари на Бога за неа. Болеста, проследена со благодарење и славословие кон Бога, заради Неговото татковско казнување, кое насочува кон вечно блаженство, Светите Отци ја ставаат веднаш покрај двата најголеми монашки подвига – безмолвие и послушание.  

Св. Игнатиј Брјанчанинов

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *