ЖИТИЕ НА СВЕТИОТ ОТЕЦ НАШ ФИЛАРЕТ ЊУ ЈОРКШКИ ИСПОВЕДНИК ПРВОИЕРАРХ НА РУСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА ЗАДГРАНИЧНА (втор дел)

ХАРБИНСКИ ПАСТИР

 

Во Харбин отец Филарет водел голема црковна и пастирско – проповедничка дејност. Веќе првите години од своето служење во свештенички чин тој привлечел многу луѓе кои го барале духовниот пат. Богослужбите кои ги извршувал со огнена вера и неговите вдахновени проповеди придонеле храмовите да бидат полни со луѓе кои се молат. Луѓето во голем број оделе во храмот каде што служел о. Филарет. Него го сакале сите жители на Харбин. Неговото име се прочуло и надвор од границите на Харбинската епархија. Тој беше добар, секогаш беше на располагање на секој кој ќе му се обратил. Пред вратите на неговата скромна ќелија имаше ред од луѓе жедни за духовен разговор со него. Одејќи кај него луѓето знаеја дека ќе добијат правилен совет, утеха и помош. Свети Филарет ги сакаше и ги жалеше луѓето. Господ му даде посебен дар да умее да пронајде пристап до секого. Со својата чуствителна и сострадална душа Владиката веднаш разбирал каква е духовната состојба на човекот, па давајќи совети ги утешувал оние кои страдаат, ги охрабрувал оние кои паѓале во униние, а оние кои паѓале во очајание ги бодрел со невина шега. Тој сакаше да каже: „Не паѓај во униние душо христијанска! Нема место за унинието кај оној кој верува! Гледај напред – таму е милоста Божја!“ Луѓето заминуваа од него смирени, охрабрени и посилни од неговата цврста вера. Подржувајќи го својот заштитник – свети праведен Филарет, Владиката беше дарежлив не само со духовна, туку и со материјална милостиња. Многумина дури по упокојувањето на светителот дознаа колку многу добрини им направил на оние на кои им е потребно. Многу сиромашни му се обраќале и тој на никого не му ја ускратувал својата помош, освен во случаевите кога буквално ништо не му останувало, тогаш со насмевка на виновност велел: „Повеќе ништо немам, мил мој.“ Но, и тука пронаоѓал излез – ја давал облеката која што ја носел на себе. Владиката целосно се посветил на служење на Бога и ближните. Читајќи го Светото Писмо и делата на Светите Отци тој ги доживувал не како нешто далечно од реалноста, туку како вистински зборови на вечниот живот кои во својот живот неопходно е да ги следи секој христијанин кој сака да се спаси. Едно од неговите омилени места од Светото Писмо кои често ги цитираше, се зборовите Господови од Откровението кои ги разобличуваат „млаките“ христијани. Владиката не еднаш потенцираше, дека оној кој не е ниту врел ниту студен, кој е рамнодушен кон вистината е многу полош од оној кој отворено се противи на Христос. Еве пример од беседите на светителот во неделата на Сите Светии: „Денес Православната Црква ги прославува сите угодници Божји, сите светии…, кои светото слово Христово го прифаќале не како да е напишано некаде и за некого, туку како да е напишано за нив – го примија и го зедоа за раководство преку целиот свој живот во извршувањето на заповедите Христови. …Нивниот живот и подвиг нам ни е за поука, нив треба да ги земеме за пример, бидејќи вие и самите знаете какви се примери ни пружа современиот живот! Имаме ли и сега многу добри примери на христијански живот? Кога ќе видиш што се прави во светот помислуваш дека човекот кој вистински христијански и православно е настроен, иако е опкружен од многу луѓе, живее како да е во пустина. Размислуваат ли луѓето за тоа што ги чека? Размислуваат ли за тоа дека Христос ни даде заповеди, не за да ги игнорираме, туку за да се трудиме да живееме онака како што учи Црквата. Овде го спомнавме и местото од Откровението, каде што Господ на еден служител на Црквата му вели: Ги знам твоите дела, дека ниту си студен, ниту врел. О, да си студен или врел! Ние не само што треба да бидеме врели, туку треба да го следиме и исполнуваме законот Божји. Но, има и такви кои одат против законот Божји… Меѓутоа, ако човекот не спие духовно, ако сепак нешто духовно проживува, ако не верува во тоа што сега во животот се прави, ако поради тоа е тажен, ако страда, во секој случај, ако не дреме, не спие, тогаш постои надеж дека тој ќе пристапи кон Црквата. Зарем малку се примерите како богоборци се обраќаат на патот на вистината. Почнувајќи од апостол Павле…

Господ во Откровението вели: О, да си студен или врел! Така, бидејќи си млак, и не си ниту студен ниту врел, ќе те изблујам од устата Своја… Така Господ говори за оние кои се рамнодушни кон Неговото свето дело. Тие сега за тоа и не размислуваат. Тоа сега не ги интересира, во нивните глави нема место за такво нешто, заборавија на законот Божји. Понекогаш говорат чудесни зборови. Но, што можат тие зборови кога доаѓаат од лагата?

… Треба да се молиме на Господ Бог да не научи на Својот свет закон и како за пример да ги земаме луѓето кои тој закон го прифатија, извршија и овде Го прославија Семожниот Бог.“

 

Гласот на оној што вика во пустината

 

            Следејќи го примерот на светите отци, свети Филарет другите не ги поучуваше на она што и самиот не го правеше. Исто како и светителите на кои покажуваше како пример, и самиот прифаќаше се што е напишано во Светото Писмо и во делата на светите отци, „не како да е напишано некаде, за некој“, туку како вистинско раководство во животот. Владиката беше необично строг кон себе и живееше вистински аскетски живот. Имаше способност на памтење каква што ретко се сретнува, ги држеше во својата глава не само зборовите од Евангелието и светите отци, туку и страдањата и неволјите на своето паство. При средбите со луѓето светителот покажуваше големо интересирање за сите области во нивниот живот, не требаше некој да го потсетува на неволјите и потешкотиите, тој самиот  ќе започнеше разговор на тема која човекот го интересираше, давајќи одговори на најтешките недоумици.

Во 1931 година Манџурија беше окупирана од јапонска војска. По четиринаесет години,   јапонците ги заменија комунисти. Во 1945 година советската војска ја порази јапонската војска. Веднаш по советите на власт дојдоа кинеските комунисти. Првите години на „црвениот преврат“ советската управа почна да им предлага на руските емигранти да земаат советски пасоши. Агитацијата е водена многу умешно, суптилно и внимателно, така излажаните руси, уморни од тешките години на јапонската окупација за чие време е гушено се што е руско, поверуваа во тоа дека во СССР сега настана „потполна слобода за религијата“, па масовно почнаа да земаат пасоши. Во тоа време отец Филарет беше настојател на Свето – Иверската црква во Харбин. Еднаш му дојде некој соработник со харбинските весници и го праша за мислење за „милоста“ на советската управа која на имигрантите им понуди да земат советски пасоши, претпоставувајќи дека и од отец Филарет ќе слушне зборови на благодарност и воодушевување.

„Но, јас му одговорив – кажуваше владика Филарет – дека категорично се откажувам од земање пасош, бидејќи не ми се познати „идејните“ промени во Советскиот Сојуз и не знам во детали како таму се одвива црковниот живот, но многу знам за рушењето храмови, за гонењето на свештенството и верниот народ. Новинарот побрза да го прекине разговорот и замина…“

Наскоро отец Филарет во списанието „Журнал на Московска Патријаршија“ прочита дека Ленин е најголемиот гениј и добротвор на човештвото. Не издржувајќи на таквата лага, од амвонот на храмот, во проповед, им укажа на верните на сета невистина на таквите гнасни тврдења во црковното гласило, истакнувајќи дека за таквата лага одговорен е патријархот Алексеј (Симански), како редактор на списанието. Гласот на отец Филарет остана осамен: никој од свештенството не го подржа, а од страна на епархијската власт му дојде забрана да проповеда од црковниот амвон под која остана долго време. Така Владиката, уште како свештеник, не наидувајќи на разбирање со своите сослужители, беше принуден за црковната вистина да се бори сам. Практично, целиот далекоисточен епископат на Руската Православна Црква Задгранична во тоа време ја признаваше Московска Патријаршија, така отец Филарет и без својата волја се најде под јурисдикција на Московска Патријаршија, како клирик на Харбинската епархија. Ова му падна необично тешко. За време на богослужбите, во која епархија и да служеше, никогаш не ги спомнуваше безбожните власти, и никогаш не служеше молебни или парастоси на барање на советските власти или за да им угоди. Но, дури и со таквото упорно оградување од лажната црквеност, канонската поврзаност за Московска Патријаршија претставуваше тешко бреме за душата на отец Филарет.

 

Маченик за верата

 

Кога во СССР беше објавена познатата кампања за населување на големи пространства необработено земјиште кое може да се претвори во земјоделско, на поранешните емигранти им е понудено да се доселат во Советскиот Сојуз. За жал, отец Филарет и неговиот татко Архиепископ Димитриј Хајларски заедно со уште неколку епископи се вратија во СССР. Отец Филарет, исто како и претходно, продолжи во своите огнени проповеди непрестано да тврди дека во Московска Патријаршија владее лагата исто како и во целата „советска земја“. Не само во обичните разговори, туку и од црковниот амвон, тој објаснуваше дека доброволното одење на работа во земјата во која владее комунизам и каде што Црквата се гони, претставува предавство на Бога и Црквата. Одлучно одбиваше да служи молебен пред заминување на пат за оние кои заминуваа за СССР, бидејќи во основата на таквиот молебен е молитвата за благослов на добра намера, а намерата да се оди во Советскиот Сојуз отец Филарет не ја сметаше за добра, а не можеше да ги лаже Бога и луѓето. Така говореше и правеше за време на својот престој во Кина. Таквиот тврд и непомирлив однос кон Московска Патријаршија и советските власти не остана не приметен. Отец Филарет многу пати го повикуваа на испитување, за во една прилика да биде и претепан. На крајот се обидоа и да го убијат: ја запалија куќата во која што живееше, а претходно ги заклучија вратите и прозорците на приземје. Пожарот беше страшен и отец Филарет едвај успеа да се спаси скокајќи од прозорецот од спратот, притоа здобивајќи се со тешки изгоретини. Како последица на претрпените полициски иследувања и задобивање на тешки изгоретини, за целиот живот му остана благо искривување на главата на страна, како и извесно искривување на долниот дел на лицето. Исто така, му настрадаа и гласните жици. Така свети Филарет се удостои да стане исповедник и маченик за верата.

Архимандрит Филарет ја напушти Кина дури по заминувањето на неговото паство од Харбин.

„Трудејќи се да го заштитам своето паство од советските лаги – говореше светителот – понекогаш се чувствував многу тешко, толку многу, што неколку пати доаѓав до решение да одам и да го оставам своето служење. Ме сопираше само мислата за моето паство: а како да ги оставам овие деца? Ако одам, ако го оставам служењето, тие ќе мораат да одат на советските „служби“ и да ги слушаат молитвите за претечата на антихристот – „Господи сочувај ги на многу години“ и.т.н. Тоа ме сопираше и ме тераше да го носам својот долг до крај. И кога на крајот, со Божја помош, ми појде од рака да се отргнам од црвената Кина, прво што направив се обратив кон Првоиерархот на Руската Православна Црква Задгранична, Митрополит Анастасиј, со молба повторно да ме прими за клирик во јурисдикција на Руската Православна Црква Задгранична. Владика Митрополит одговори милостиво и со љубов, благословувајќи веднаш да служам во Хон Конг, веќе како презвитер на Синодалната јурисдикција, и упатувајќи ме, како и секој свештенослужител кој доаѓа од Московска Патријаршија, да морам да доставам посебна покајна изјава за тоа дека ми е жал поради (макар и неволното) пребивање во јурисдикција на Москва. Во истиот момент ова и го направив.“

Продолжува…

Превод: СВЕТА РЕВНОСТ

Извор: СИПЦ

ЖИТИЕ НА СВЕТИОТ ОТЕЦ НАШ ФИЛАРЕТ ЊУ ЈОРКШКИ ИСПОВЕДНИК ПРВОИЕРАРХ НА РУСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА ЗАДГРАНИЧНА (1 дел)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *