ЖИТИЕ НА СВЕТИОТ ОТЕЦ НАШ ФИЛАРЕТ ЊУ ЈОРКШКИ ИСПОВЕДНИК ПРВОИЕРАРХ НА РУСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА ЗАДГРАНИЧНА (1 дел)

Свети Филарет, во светот Георги Николајевич Вознесенски, потекнува од благочестиво побожно руско православно семејство. Роден е на 22 Март 1903 година во градот Курск. Неговиот татко бил свештеник, а подоцна и Архиепископ во Руската Православна Црква Задгранична, Димитриј Хајларски. Во 1909 година семејството на владиката Филарет се преселило на Далечниот Исток, и до 1920 година идниот светител живеел во Благовештенском, каде што и завршил гимназија. Еве што вели самиот владика за своето детство во беседата при наречението за епископ Брисбенски: „Во мојот живот, во годините на детството и младоста, едвај да има нешто што заслужува внимание, освен можеби, овие спомени од нај раното детство, кога како дете од шест или седум години, наивно детстки сакав да си играм „служби“ – ќе си направев црквена облека и така „служев“. А кога родителите почнаа да ми го забрануваат тоа, Владиката Евгениј Благовештенски, кога ќе наидеше во куќата на таква „служба“, на запрепастување на моите родители тврдо ќе им речеше: „Оставете го детето нека „служи“ по свое. Добро е да ја сака службата Божја.“ Од овде се гледа дека идната висока црковна служба на владиката како да беше таинствено претскажана уште во неговото детство.  

По завршувањето на гимназиското школување, идниот Архипастир замина за Харбин, каде што заврши Политехнички институт и доби звање инжињер по електромеханика. Ниту подоцна, кога веќе стана првоиерарх на Руската Православна Црква Задгранична, тој не ги заборави своите другари од институтот. Сите кои што го познаваа, и во училиштето и во институтот, се сеќаваат како на срдечен и добар другар. Се одликуваше со голем талент и секогаш беше подготвен да им помогне и на другите ученици, извлекувајќи ги од непријатни ситуации. По завршувањето на студиите беше предавач.  Познат како добар и вешт педагог, учениците го сакаа и почитуваа. Неговите предавања ги надминуваа границите на училишната програма и проникнуваа во сите области на човечкиот живот. Многу негови поранешни ученици и колеги целиот свој живот високо го почитуваа авторитетот на Владиката.

Пораснувајќи во свештеничко семејство и гледајќи го животот и трудот на својот татко, строгиот и побожен пастир на Црквата, Владиката, природно, уште од мал се навикна на храмот и богослужбите. Но, како што и самиот подоцна говореше, тоа на почетокот беше само надворешна спонтана навика на црковната атмосфера во која немаше „речиси ништо длабоко, внатрешно осветено и свесно прифатено.“ Навистина, за човекот многу е важно да стане внатрешно свесен за неопходноста на верата и животот според верата, бидејќи без тоа – ако црковноста е прифатена само на надворешен начин просто преку атмосферата во која некој живее – на крајот, во променети околности, тој може целосно да ја изгуби верата во Бога.

„Но, Господ умее да се допре до човечката душа, – се сеќава Владика Филарет, – и таквиот допир од Неговаа грижлива Отечка десница несумливо ја гледам во тоа како уште во студентските години во Харбин буквално како удар од гром ме поразија зборовите на свети Игнатиј Брјанчанинов кои што ги прочитав во неговите дела: „Гробу мој! Зошто те заборавам? Ти ме чекаш, чекаш, и јас сигурно ќе се населам во тебе… Зошто те заборавам и се однесувам како гробот да е судбина само на другите луѓе, а не и моја?“ Само оној кој и самиот има преживеано ваков „духовен удар“ е во состојба да ме разбере! Навистина, заслепувачка светлина – светлина на вистинското христијанско сфаќање на животот и смртта, смислата на животот и значењето на смртта, засветли пред младиот студент и така започна новиот духовен живот. Се световно, се „мирско“ го изгуби значењето во моите очи, се изгуби некаде и се замени со другата содржина на животот. И конечниот резултат на овие внатрешни промени беше примање на монаштвото…“.

 

Монах Филарет

 

Светителот беше пострижен во монаштво во 1931 година. Во тоа време тој веќе имаше свештенички чин – беше свештеник Георгиј. За ѓакон беше ракоположен на 5/18 Мај 1930 година, а за свештеник на 22 Декември/ 4 Јануари 1931 година. Истата година ги заврши Пастирско – Богословските курсеви во Харбин. Во монаштвото го доби името Филарет – во чест на свети Филарет Милостиви. Во 1937 година отец Филарет е произведен во чин архимандрит.

„Човекот многу размислува, за многу нешта фантазира и се стреми кон многу нешта – говори во една проповед свети Филарет – но многу често во неговиот живот ништо од тоа не се остварува. Меѓутоа, Страшниот Христов Суд никој нема да го одбегне.  Не залудно рекол Премудриот: Сеќавај се на својот крај, и нема да згрешиш до века! Ако имаме на ум како ќе заврши нашиот земен живот и што понатаму ќе биде со нас, тогаш ќе живееме онака како што христијанин треба да живее. Ученик или ученичка пред кои е тежок и важен испит, не забораваат на него, туку сето време се сеќаваат и се трудат да се подготват за него. Но, овој испит ќе биде страшен бидејќи тоа ќе биде испит за целиот наш живот, надворешен и внатрешен. Освен тоа, по овој испит нема да има поправен. Тоа е оној страшен одговор кој ќе го одреди уделот на човекот за цела безгранична вечност. Господ Исус Христос е многумилостив, но е и праведен. Духот Христов исполнет е со љубов која се симнала на земјата и цела се предала за спасение на човекот. Но, страшно ќе биде на Судот за оние луѓе кога ќе видат дека таа Голема Жртва на овоплотената Љубов не ја искористиле како што треба, туку ја отфрлиле. Сеќавај се на својот крај човече, и нема да згрешиш.“

Првите години во монаштвото на светителот поминувале со вообичаените искушенија кои ги има на таквиот животен пат. На почетокот со своите совети многу му помагал тогашниот Првоиерарх на Руската Православна Црква Задгранична, Митрополит Антониј (+ 1936), со кого о. Филарет долги години се допишувал. И секако, о. Филарет се трудел одговори на своите недоумици и прашања да најде во делата на светите отци кои уште од самиот почеток го понесоа по патот на духовниот живот и кои му беа незаменливо раководство во отсуство на живи наставници. Дека отец Филарет бил воспитан во вистински православен дух од страна на Светите Отци, се гледа од тоа што тој подоцна речиси секогаш осамен стоел во заштита на правдата Божја и црковната вистина. Светителите го научија да не се бои да остане сам во борбата за вистината, зашто ако Бог е со нас, кој може против нас? (Рим. 8, 31). Љубовта на отец Филарет кон Словото Божјо била толку голема што тој на памет ги научил сите четири Евангелија, и целиот свој живот се трудел своите проповеди да ги темели на толкување на зборовите Господови, евангелските раскази и истории.

Продолжува…

Превод: СВЕТА РЕВНОСТ

Извор: СИПЦ

1 коментар на « ЖИТИЕ НА СВЕТИОТ ОТЕЦ НАШ ФИЛАРЕТ ЊУ ЈОРКШКИ ИСПОВЕДНИК ПРВОИЕРАРХ НА РУСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА ЗАДГРАНИЧНА (1 дел) »

  1. Ping : ЖИТИЕ НА СВЕТИОТ ОТЕЦ НАШ ФИЛАРЕТ ЊУ ЈОРКШКИ ИСПОВЕДНИК ПРВОИЕРАРХ НА РУСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА ЗАДГРАНИЧНА (втор дел) | СВЕТА РЕВНОСТ

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *