Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин.
Апостолот Павле во неговото послание до Римјаните ни го кажува следново: „Ве молам, браќа, пазете се од оние, кои предизвикуваат расцепи и соблазни против учењето, кое сте го научиле, и клонете се од нив! Зашто таквите не Му служат на нашиот Господ Исус Христос, туку на стомакот свој, и со слатки и ласкави зборови ги измамуваат срцата на простодушните“ (Рим. 16:17-18).
Овие зборови изискуваат огромна длабочина на сфаќање а тоа единствено им е дадено на оние од нас, кои се членови на Светата Православна Црква, да ги разберат во нивната вистинска смисла. Истото важи и за сите учења на Црквата. За да Го разбереме нашиот Спасител и она, на што Он нè поучуваше, ние мораме да бидеме едно со нашиот Спасител. Мораме да Го искусиме како што се случи со Лука и Клеопа на Патот за Емаус, и да земеме учество во Него, како што направија тие при прекршувањето на Лебот. Само тогаш нашите очи ќе бидат отворени за разбирање на Писмата, само тогаш ќе разбереме како горат нашите срца во нас. Ова сфаќање и соединетост не доаѓа само од читање и пишување, туку од Самиот Свети Дух, Кој го дополнува она што недостасува во нас недостојните садови преку Неговото просветлување, и ги прогонува нападите на лукавиот, којшто постојано војува против нас. Тогаш ние сме способни да летнеме кон Небесното Царство со двете крила што Он ги обезбедува за нас. Крилата што отците ги нарекуваат: Ортодоксија (правоверие) и Ортопраксија (праводелање), односно, преку следење на учењата на Црквата и преку живеење на учењата на Црквата. Светителите имаа такви крилја parexellence.
Свети Климент Чудотворецот Охридски, ученик на Светите Методиј и Кирил, имаше обичај да ги споредува оние кои беа Православни во верувањето, но не и во пракса, со оние кои имаат очи, но немаат раце и нозе. Оние, пак, од друга страна, кои се обидуваат да живеат добородетелен живот без суштински да бидат православни, беа споредувани со оние кои имаат раце и нозе, но немаат ниту едно око.
Свети Јован Лествичник, еден од великите светители на Црквата, имаше толку големо единство со Бога, така што Светиот Дух зборува преку него кога тој пишува: „Учи не од ангел, ни од човек, ни од книга, туку од Мене, односно, од Моето пребивање, од Моето просветлување и дејствување во тебе; зашто Јас сум кроток и смирен по срце и во мислата и во духот, и вашите души ќе најдат спокој од борбите и ослободување од помислите“. Свети Симеон Новиот Богослов вели нешто слично: „Како што е напишано ‘И ќе бидат сите од Бога научени’ (Јован 6, 45), учејќи побожност не преку книги и писма, туку бивајќи научени од Светиот Дух“. Не само преку збор, туку во светлината на зборот и во зборот на Светлината тие се таинствено воведени во божествени нешта. Затоа Он вели, „‘Тогаш ќе станете учители и на себеси и на вашите ближни; и повеќе од тоа, вие ќе бидете светлината на светот и солта на земјата’“.
Ова „пребивање“ е она што Светите Отци го нарекуваат „Тхеосис“ или „Обожување“ во коешто ние стануваме „богови по благодат“. Навистина преку малку покајание и познание на нашите гревови, портите на Рајот ни се отворени; многу работи ни се откриени. Само тогаш, зборовите на Свети Јован Богослов важат за нас „зашто Оној, Кој е во вас, е поголем од оној што е во светот“ (І Јов. 4:4).
ХРАМОВИ НА СВЕТИОТ ДУХ
Сите ние сме повикани да бидеме храмови на Светиот Дух и Светиот Дух е потполно дејствителен само во Црквата, преку Светите Тајни, па така, само преку Неа вистински наоѓаме Свет Мир, Којшто е Самиот наш Спасител Христос. Во црковните химни пееме „Утврди ја Христе Твојата Црква во Православие, и направи го нашиот живот мирен, Зашто Ти си Добар и Човекољубив“. Ве молам да обрнете внимание дека првин се молиме Црквата да биде утврдена во Православие, а после ова бараме мирен живот.
Вистински мирен живот можеме да добиеме само во Православната Црква. Знаеме дека Христос е глава на Црквата, Црквата е Телото Христово и сите ние посебно сме членови; односно, сите ние кои сме Му верни Нему. Па оттука, може да се заклучи дека, исто како што „Исус Христос е ист вчера, и денес и во веки“ (Евр. 13, 8), па така и Црквата на Исус Христос е исто така „иста вчера, и денес и во веки“. Меѓутоа, поради тоа што сме склони кон злото уште од младоста, како што учи Црквата (сп. I Мој. 8, 21) и како што гледаме од нашето лично искуство, нашите умови не се просветлени; всушност, со нашите дела ние го нажалуваме Светиот Дух Којшто е во нас. Штом ќе дојдеме до некој вид разбирање како Православни Христијани, првото нешто што го учиме е дека потребно ни е да учиме многу повеќе, или попрво, ние ништо не знаеме. Второто нешто што го учиме е тоа дека потребно е да одиме кај оние кои се просветлени од Светиот Дух. Затоа, најнеопходно за нас е да се угледаме на нашите духовни херои, чиишто умови и срца биле очистени преку долгогодишна борба и преку смирение; односно, нашите свети отци. Овој поим е употребен за Светиите на Црквата коишто се наши учители. Да ни даде Бог секогаш да пазиме на она, на што нè учат светите отци. За несреќа, како што очигледно ќе се покаже, екуменистите не го слушаат овој глас, и затоа помеѓу нив има водачи кои очигледно се волци, додека пак другите се волци во овчи кожи.
ГОЛЕМА ХУЛА
Голема хула и навреда е за нас, кои навистина веруваме во Христа, кога гледаме други, кои себеси се нарекуваат водачи на Православните Христијани, како ги отфрлаат Боговдахновените учења на нашите свети отци кои нам ни беа предадени од поколение на поколение, постојано сугерирајќи дека овие отци беа во заблуда. Оние кои беа сметани херои за верата и загинаа маченички, чиишто мошти мироточат, чиишто икони чудотворат, од чиишто имиња демоните се ужаснуваат, овие, според екуменистите, беа во заблуда, а тие (екуменистите) се во право. Светителите беа осветени преку Црквата, а не преку правење ереси. Всушност, отфрлајќи ја ереста, мнозина пострадаа маченички.
Екуменистичките архиереи трујат многу едноставни души со отровот на нештата спротивни на учењата на светите отци, иако се претставуваат како Православни, па дури и им кажуваат на другите дека тие ја проповедаат Православната вера неизвалкано – многу префинет начин за одвлекување на луѓето од Црквата. На овој начин тие го губат скапоцениот бисер за којшто нашиот Спасител зборува во Евангелијата и го заменуваат за некој евтин метал којшто всушност е многу штетен. Не може некој да биде Православен ако не верува во теологијата на Православната вера.
Поради тоа што водачите имаат поголема одговорност, тие ќе бидат построго судени од нивните следбеници, бидејќи со слатки и ласкави зборови тие ги измамуваат срцата на простодушните (Рим. 16: 17-18).
ВЕЧНО СПАСЕНИЕ
Учењата на Православната Црква се многу полесни за сфаќање кога го имаме како приоритет нашето вечно спасение. Меѓутоа, кога нашите приоритети не се прави, кога имаме различна агенда, кога сакаме да го следиме „духот на времето“ или „духот на светот“ кој никако не е поврзан со Духот Божји, или кога имаме амбциозни желби за правење на црковно-политичка кариера, тогаш ние се оддалечуваме од правецот на којшто би требало да бидеме. За жал, се чини дека ова се случува со екуменистичките Епископи и нивниот клир. Од друга страна, пак, кога некој се доближува до Бога, тој сака да биде со Бога, тој не се плаши од смртта, зашто смртта нè носи кон живот во Христа. Светите отци го дефинираат ова сеќавање на смртта не како нездраво или морбидно сеќавање, туку како многу здраво, зашто тоа не нè води кон ништо друго, освен во реалноста; тоа нè освестува малку. Ние постојано се молиме за „Христијански крај на нашиот живот“ во службите на Црквата за да се потсетиме на блиската смрт. Кога оваа и некои други реалности влијаат на нас, тогаш сфаќаме дека сме повикани кон подуховен живот, или, пак, дури и повикани за монашки живот.
НИТУ ЈОТА
Светите отци нè учат дека не смееме да менуваме ниту една јота во учењето на нашата вера – и токму така можеме да ги заштитиме учењата на нашата света Црква, инаку ќе се формираат илјадници лажни религии. Многумина не го послушаа гласот на Црквата и преку нивната гордост ги измислија оние илјадници религии. На ова нè предупреди нашиот Спасител кога вели, „ете, однапред ви кажав“ (Мт. 24, 25). Боговдахновените отци им беа послушни на Боговдахновените отци пред нив, кои редум им беа послушни на Боговдахновените отци пред нив, кои, пак, Му беа послушни на Христос нашиот Господ и Спасител. Па така, само во Православната Вера го имаме овој ланец, ова духовно преемство (наследство) кое нè враќа назад во деновите на нашиот Спасител, Самиот Исус Христос. Всушност, многу луѓе кои не се Православни ќе го посведочат ова.
АВТЕНТИЧНОСТА НА ПРАВОСЛАВНАТА ВЕРА
Се сеќавам, мојот професор по Англиски јазик, кој беше многу посветен Римокатолик, ја признаваше автентичноста на Православната Вера. Многу често слушаме од Новокалендарците (барем од оние кои не се заразени од нивните лидери) дека традиционалните Православни, се „вистинските Православни“. Додека едни конвертираат во Православие, други сакаат да ги следат световните патишта, или како што некои би ги класифицирале како „лесниот пат“, токму заради гореспоменатата причина, имено, за да го следат духот на времето. Многу е покомотно и полесно ако сте Римокатолик или новокалендарец, односно од световен аспект. Но Христос пострада, и ние, исто така, мораме да пострадаме ако сакаме да бидеме со Него. Колку повеќе се бориме, толку полесна станува борбата и Христос си прави пребивалиште во нас, како што веќе рековме. Светите отци нè учат дека Бог ни дава благодат согласно со нашата воља и според нашето смирение. Тогаш ние учиме вистински да Го сакаме, и кога некој сака некого, тој на драга воља е спремен да направи било каква жртва за неговиот Љубен; тој сè ќе направи за да го спречи одделувањето од неговиот Љубен. Потребно е многу повеќе од едноставно верување во постоењето Божјо. Дури и демоните веруваат, како што учиме од Библијата (Јаков 2, 19). Многумина од Евреите поверуваа, гледајќи ги многуте Христови чудеса пред нивните очи, но кога дојде време за распнување, некои од истите тие луѓе извикаа „распни Го, распни“ (Лука 23, 21), бидејќи тие не беа очекувале Небесен Цар, туку земски Цар. Нивните умови и срца беа далеку од Бога, во световните работи. „Ќе гледаат и нема да виѓаваат, и ќе слушаат и нема да чујат“ (Мат. 13, 13; Мк. 4, 12; Лука 8, 10) многу често ни е напомнувано во Светото Писмо. Не треба да бидеме изненадени кога гледаме колку се слепи луѓето. Гордоста е извор на ова слепило.
Човекот е тајна. Човекот има чудесна способност да биде осветен и просветлен, меѓутоа, за жал, најголем дел не ни сакаат да тргнат по тој пат. Ако сите ние имавме вистинско разбирање, како што вели Свети Исаак Сириски, немаше да има наследување во светот, бидејќи сите ќе побегнеа во пештерите и јамите на земјата; ќе отрчаа во манастирите за целосно да Му се предадат на Бога. Ова разбирање ни е дадено нам како дар, но тоа изискува големо смирение, себепонижување и себепознание. Се разбира, секој оној што вистински се познава себеси ќе биде смирена личност, а смирената личност вистински се познава себеси, бидејќи сите сме полни со гревови. Ние се подмладуваме кога ќе дојдеме на молитва, кога ќе оствариме контакт со Бога, а особено преку светите тајни. Според Свети Макариј Велики „таму (во срцето) е Бог, таму се ангелите, таму е животот и Царството, таму е светлината и Апостолите, таму се ризниците на благодатта…“. Се разбира, Светителот не ги спомнува ни Буда ни Мухамед. Буда, Мухамед или кој било од Хинду паганските божества припаѓаат само во срцата на оние кои се далеку од Бога, како што слушаме од Псалмите „Сите богови на незнабожците се бесови“ (Пс. 95, 5). Очистувањето на срцето, како што рековме, е примарна работа на сите Православни Христијани.
ОТЦИТЕ НА НАШАТА ВЕРА ВООПШТО
НЕ БЕА НЕИНФОРМИРАНИ
Очистувањето доаѓа преку послушност, смирение, исповед, покајание, солзи и други начини, сè на Православен начин. Тое не се случува преку тапкање еден со друг по грбот и велејќи еден на друг дека „ние сме Го нашле Бога и тоа е супер, или дека начинот на кој ти си Го нашол Бога е различен од начинот на кој јас сум Го нашол Бога, и тоа е добро, и отците на мојата вера не го знаеја ова, ама сега е време на обнова во екуменската црква и ние треба да се подготвиме за една голема црква“. Отците на нашата вера воопшто не беа неинформирани за ова, тие постапуваа со ереста на еден Православен начин, како оние, чиишто умови беа просветлени и насочени кон Бога. Некои од нив сиот свој живот го посветија во одбрана на верата. Како Православни Христијани ние треба да ги искористиме сите средства што ги имаме во Црквата за да Го сретнеме Бога, и тогаш вистински ќе ја разбереме Православната Светоотечка Теологија. Некој можеби ќе се чуди зошто го истакнав овој „духовен аспект“ во говор за екуменизмот. Причината за ова е бидејќи (како што веќе беше спомнато) Ортодоксија и Ортопраксија се неразделни средства на нашиот пат кон Небесата. Тие се неразделно поврзани, како што понатаму ќе продолжиме да покажуваме.
ШТО Е ЕКУМЕНИЗМОТ,
ЗОШТО ТОЈ НЕ Е ВО РЕД
Денес ќе расправаме на тема: што е Екуменизмот, зошто тој не е во ред, каква внимателност се бара од нас како Православни Христијани во справувањето со оваа современа опасност, „конзервативните“ екуменисти како спротивставени на „либералните“ екуменисти (и нивната таканаречена духовност), и како тоа влијае на нас, како Светата Православна Црква во Северна Америка (СПЦСА). Ќе ги разгледаме овие теми во различна светлина.
„ТИЕ ТАМУ ВО НИШТО НЕ ВЕРУВААТ“
Пред неколку месеци, еден свештеномонах од Света Гора накратко го посети нашиот манастир. Кога старецот на нашиот манастир му кажа неколку работи за патријархот Вартоломеј, монахот се согласи изјавувајќи „тие таму во ништо не веруваат“ (мислејќи на црковните водачи во Цариград). Тогаш за чудење е како може некој да споменува на литургија некого, којшто не верува во Бога?
Барајте во Светото Писмо, читајте ги житијата на светиите, читајте ги учењата на светиите; таму ќе најдете потполна посветеност на верата, и одвратност кон она што ñ е туѓо. Пред сè, светителите на Светата Црква ја сочуваа нашата вера неизвалкана, дури и со пролевање на нивната крв, а за возврат за нивната вера тие го стекнаа Царството. Возљубени Православни Христијани ние мораме да го следиме нивниот пример. Според Свети Фотиј Велики, „Еретик ли е пастирот? Тогаш тој е волк! Бегај од него; немој да бидеш прелажан од него дури и ако изгледа кроток и благ. Бегај од заедничарење со него како што би избегал од отровна змија“. Безбројни се примерите и може многу да се каже, но за жал немаме многу време. Само ќе спомнеме неколку интересни моменти.
Кога некој расте духовно во Православната Вера, тој има ум (или како што обично се нарекува „фронима“) на Православен Христијанин. Овој менталитет не е менталитетот на „светот“. Овде поимот свет како што е дефиниран од Светите Отци означува „страсти“, „плотски“, „гордост“ или накратко, она што е спротивно на Црквата. Бидејќи ѓаволот е кнез на светот, како што сведочи Светото Писмо, зборот „свет“ и зборот „страсти“ стануваат многу тесно поврзани. Да го цитираме Светиот Јован Богослов, „Сега е судот на овој свет; сега кнезот на овој свет ќе биде истеран надвор“ (Јован 12:31). „Нема веќе многу да зборувам со вас, оти иде кнезот од овој свет, и во Мене тој нема ништо“ (Јован 14, 30). „Но Јас вистината ви ја кажувам: подобро е за вас Јас да си отидам, оти, ако не си отидам, Утешителот нема да дојде при вас; ако, пак, заминам, ќе ви Го пратам“ (Јован 16:7).
„А Он, кога ќе дојде, ќе го изобличи светот за грев, и за правда, и за суд:
За грев – дека не веруваат во Мене;
За правда – оти Јас си одам при Својот Отец, и веќе нема да Ме видите;
а за суд – зашто кнезот на овој свет е осуден“ (Јован 16, 8-11).
Св. Павле соопштува:
„Мудрост, пак, проповедаме меѓу совршените, но не мудрост од овој век, ниту, пак, онаа на преодните господари од овој свет;
Туку ја проповедаме Божјата премудрост, тајна сокриена, која Бог ја предодредил уште пред вековите за наша слава;
Која никој од господарите на овој свет не ја познал; зашто ако ја беа познале, тогаш немаше да Го распнат Господа на славата“ (І Кор. 2, 6-8).
„Но ние не го примивме духот од овој свет, туку Духот, Кој иде од Бога, за да го знаеме она, што ни е дадено од Бога“ (І Кор. 2:12).
Повторно Свети Јован Богослов ни вели „Вие сте, чеда, од Бога и нив сте ги победиле; зашто Оној, Кој е во вас, е поголем од оној што е во светот. Тие се од светот, затоа и по светски зборуваат, а светот ги слуша. Ние сме од Бога, Кој Го познава Бога, нè слуша нас; кој не е од Бога, нас не нè слуша. По тоа и го познаваме Духот на вистината и духот на заблудата“ (І Јов. 4:4-6).
Разликата помеѓу светот и Божјото Небесно Царство е иста како разликата помеѓу светлината и темнината.
ТУЃИНЕЦ
Според Архиепископот Аверкиј од манастирот Света Троица во Џорданвил, Њујорк, „…Господ им рече на Неговите ученици на Тајната Вечера ‘Вие не сте од овој свет’ (сп. Јован 15, 19). Ние мораме да се држиме до овие зборови и да му останеме верни на вистинското Христијанство – вистинската Црква Христова секогаш била, е, и секогаш ќе му биде туѓа на овој свет. Одделена од него, Таа е способна непроменливо да ги пренесе божествените учења на Господ, зашто тоа одделување ја одржа непроменлива, односно, како Самиот непроменлив Бог“.
ЕКУМЕНСКОТО ДВИЖЕЊЕ Е…
ДУХОТ НА ОВОЈ СВЕТ
Па така, гледаме дека постои разлика или поточно непријателство помеѓу Божјите и световните нешта. Накратко, екуменското движење е токму тоа: духот на овој свет.
Зборот екуменизам потекнува од грчкиот збор „икумени“ што ја означува сета населена земја, вселената, светот. Овој термин се сретнува многу пати во Евангелието. На пример, нашиот Спасител им вели на Неговите ученици во Евангелието според Свети Матеј „И ќе биде проповедано ова Евангелие за царството по целиот свет (икумени, или населена земја), за сведоштво на сите народи; и тогаш ќе дојде крајот“(24;14). При денешната употреба обично се мисли на здружување или обединување на различните религии од целиот свет. Екуменизмот всушност го подготвува патот на „крајот што ќе дојде“, а со тоа тој ја отфрла уникатноста на Црквата. Тој ги прегрнува сите различни човекосоздадени или поточно, демоносоздадени религии во светот. Во овие околности, многу веројатно, антихристот може да биде на неговиот престол бидејќи екуменистите ја очекуваат идната голема религија која ќе ги соедини сите религии – токму најповолниот момент за кнезот на овој свет да се покаже себеси како таков.
Пред некое време, Митрополитот Ефрем ни кажа за една негова средба во Канада. Пред околу 15 години или повеќе, Неговото Високопреосвештенство ја посети нашата мала парохија во Калгари и додека беше таму, тој се сретнал со еден Англиканец, заинтересиран за Православието. Во текот на разговорот Англиканецот му кажал на Митрополитот „Знаете Ваша Светост, јас сум многу заинтересиран за Православието, но многу ми е жал кога гледам што се случува во современиот Православен свет. Јас го гледам Англиканскиот начин на уништување на ќилимот, но јас исто така го гледам и Православниот начин на уништување на ќилимот“. Митрополитот му рекол, „Те молам кажи ми на што мислиш; многу сакам да чујам што имаш да ми кажеш“. Па така, човекот продолжил, „Па вака, во Англиканската Црква, начинот за да уништиш ќилим е да истуриш бензин врз него и да запалиш оган. За миг ќе се запали. Меѓутоа, Православниот начин е нешто поразличен. Бидејќи вие сте повеќе или помалку луѓе од Истокот, и имате многу попрефинет начин на уништување на ќилим – а тоа е со вадење на нишките, една по една, сè додека конечно не добиете еден голем куп од нишки без ќилим“. Како одговор на ова Митрополитот му рекол „Јас те уверувам, ние не работиме на уништување ќилими, туку на нивно заштитување“.
Па исто така е и денес, возљубени Православни Христијани, помеѓу оние кои им припаѓаат на таканаречените „Официјални Православни Цркви“ низ светот. Извади една нишка којашто е нишката на постењето; зошто да постиме? Извади уште една нишка којашто е свештеното расо на клирот, или уште една којашто е музички инструменти во Црквата, или уште една којашто е неправилна форма на крштевање; итн. итн.
Конечно, со вадењето на сите нишки, мноштво и многу значајни нешта се извадени од Црквата, па така, никој не може правилно да го вреднува ќилимот, зашто тој станал голем куп од нишки – нешто што е едвај привлечно. Имајќи го тоа на ум, некој може да рече „бидејќи мојот ќилим не е многу подобар од твојот ќилим, зошто да не го соединам со твојот изгорен ќилим, или нечиј расечен ќилим и да видиме дали може одново да се направи убав нов ќилим“! Оние таканаречени „православни“ екуменисти размислуваат на овој начин. Оние кои припаѓаат во нивна јурисдикција се во многу опасна позиција, затоа што нивниот ќилим е уништен. За да го заштитиме нашиот свештен ќилим, односно Светата Црква, ние се одделивме од нив. Ништо повеќе не може да се стори. Ние не сме среќни од тоа што сме одделени.
Ова одделување не беше мала работа, не го направивме тоа без внимателно испитување и многу молитви, бидејќи сме повикани да го чуваме единството на Црквата, како што пред малку чувме од зборовите на свети Павле. Ете зошто секогаш се молиме за „единство на сите верни“ во нашите свештени служби. На Божествената Литургија се молиме „откако го испросивме единството во верата и Заедницата на Светиот Дух, самите себе и едни со други на Христа Бога да му го предадеме“. Меѓутоа, ова единство е единството на сите оние кои Му се верни на Христа.
Ова единство не беше нарушено од нас, туку беше најпрвин нарушено од тогашниот цариградски патријарх Мелетиј Метаксакис и неговите следбеници во 1924 год. Откако покажаа дека не се заинтересирани за следење на преданијата на Црквата, многумина од верниците се одделија од цариградскиот патријарх откако видоа дека правецот кон кој ги води патријархот не беше горниот Ерусалим. Заедницата на Светиот Дух не може да биде и со нашиот Бог Спасител и Создател, и со лажните пагански божества.
Во текот на оваа дискусија ќе го слушнеме гласот на Црквата, и гласот на оние кои тврдат дека се архиереи на Црквата, и ќе видиме дека гласот на последниве никако не одговара на гласот на Отците на нашата Црква. Всушност, гласовите на овие современи архиереи ги осудуваат Отците на нашата Црква, и се осудени од Отците на Црквата. За некој да го направи ова, мора да е хипокрит. На пример, како можат овие таканаречени архиереи да ја целиваат иконата на свети Козма Етолски и исто така да го целиваат лицето на нивниот „брат“ Римскиот Папа, иако свети Козма го викал Римскиот Папа Антихрист? Тажно е тоа што истите овие архиереи не нудат само целив, туку, како предавници, тие учествуваат во заеднички богослужби со Папистите.
Свети Исидор Пелусиот за нив вели: „Исто како што рибарот ја крие јадицата со мамец и прикриено ја уловува рибата, слично, лукавите сојузници на ересите ги покриваат нивните злобни учења и изопаченото сфаќање со пиетизам, и ги уловуваат попростите, доведувајќи ги до духовна смрт“.
ПРОМЕНАТА НА КАЛЕНДАРОТ
Според народното верување, првиот чекор кон екуменизмот беше промената на црковниот календар. Ова сигурно беше голем чекор кон „помирувањето“, коешто екуменистите толку желно го очекуваат, а сепак не е првиот знак на екуменизмот во Црквата. Тие мораа да направат еден вид подготовка пред да се случи промената на календарот. Првата документација која ја имаме за Православните, вклучени во една екуменска средба беше, кога во 1893 год. се случи првата средба на она што беше наречено „Светскиот Парламент на Религиите“. На таа средба Архиепископот Дионисиј Латас од Грчката Црква зеде активно учество. Вреди да се спомене тоа што ниту еднаш во неговиот говор тој не ја спомна „Грчката Православна Црква“. Од друга страна, пак, тој вели „Грчката Црква“ или ќе рече „Грчката Христијанска Црква“. Тој го почнува својот говор велејќи „Почитувани Служители на Возвишената Идеја и на Возвишеното Име на Бог, Создателот на Светот и Човекот; Почитувани Дами и Господа…“ Многу повеќе беше спомната Грчката историја, фактички, паганската историја. Тоа беше многу патриотски, но не и многу патристички чин. Пофалбата беше кон Грција, а не кон Исус Христос, нашиот Господ. Еве ја световноста. Ете зошто мораме да се пазиме од опасноста на етнофилетизмот.
Низ историјата на Црквата можеби имало некои луѓе со екуменистички начин на размислување, но едно е јасно, не е, и никогаш не било, учењето на Црквата да биде екуменистичко во тоа, да се молиме заедно со еретиците, ниту пак е во согласност со учењето на Црквата, Патријархот да го посетува Рим, или Папата да го посетува Цариград. Оној кој ги знаел или ги знае учењата на Црквата не може да биде екуменист.
Во 1920 год. беше направен уште еден чекор со посланието на Вселенскиот Патријарх „До Црквите на Христос каде и да се“. Посланието предлагаше:
1) Усвојување од страна на сите Цркви на еден и единствен календар за заедничко славење на големите Христијански празници;
2) Размена на братски писма;
3) Братски контакти помеѓу претставниците на Црквите;
4) Воспоставување на комуникации помеѓу богословските школи и размена на документи и периодики од „секоја црква“;
5) Студентска размена;
6) Свикување на сехристијански собири;
7) Објективно, историско испитување на доктринарните разлики;
8) Меѓусебно почитување на праксата и обичаите на различните „цркви“;
9) Меѓусебно делење на домови за молитва и гробишта, за погребување на „следбеници на други вероисповеди“;
10) Спроведување на заеднички правила во врска со мешаните бракови и;
11) Меѓусебна поддршка во областа на верското образование, добротворноста итн.
Па добро, барем овде во 1920 год., прават разлика спомнувајќи „Црквите на Христос“. Оттогаш, ќе видиме колку далеку отидоа од „Христос“. Овој световен дух е она што го поттикна почетокот на расколот помеѓу екуменистите, а тоа е промената на календарот. Причините кои стоеја зад ова беа политички и се разбира екуменистички, да се биде со останатите од светот, да го славиме Божиќ и другите празници со другите таканаречени Христијани. Може ли ова да биде резолуција на Православни Епископи?
МОНАШТВОТО И ЕПИСКОПАТОТ
Не е без причина тоа што го вовела Црквата, епископот задолжително да биде монах. Преку годините на неговото обучување во манастир, епископот го има научено духовниот живот и теологијата на Црквата, има стигнато до тоа да Го знае Бога, повеќе, отколку да знае за Бога. Манастирот е најдобриот богословски терен за обука и ете зошто низ историјата гледаме дека, токму монасите се оние кои ја бранат Црквата од ерес. Денес, најголем дел од овие екуменистички епископи станале монаси за еден или два дена, обично на денот на нивното ракополагање во ѓаконски чин, без претходно обучување, освен, можеби, неколку испити на Богословски Факултет кој обично е многу заразен од екуменистичката мисла. Во најголем број случаи овие школи се всушност против монаштвото. Некои студенти дури и посетуваат Римокатолички школи во Рим или на некое друго место. Многумина од нив се дел од Масонската Ложа.
МАСОНСКАТА ЛОЖА
Немаме време целосно да ја разгледаме Масонската Ложа, но само накратко, тоа е тајна организација на различни луѓе од различни религии кои се посветуваат преку тајни обреди. Кога ќе влезат во Масонскиот Храм, тие мораат да ги стават настрана сите лични верски убедувања и сите ја исповедаат едната велика „Возвишена Идеја“, како што спомна Архиепископот Дионисиј Латас во неговиот говор на Светскиот Совет на Религиите во 1893 година. Масонството е екуменизам parexcellance. Според книгата, издадена од Масоните, наречена „Морал и Догма“ на 28-от Степен читаме „Единствениот Личен Бог Когошто Го прифаќа Масонството е човештвото… Значи, човештвото е единствениот личен Бог што постои“. Исто така, испечатено е во една од нивните книги: „Во неговите лични молби човекот може да Му се моли на Бог или Јехова, Алах или Буда, Мухамед или Исус; може да го повикува Бог на Израилот или Првата Велика Причина. Во Масонската Ложа тој слуша молитви кон Великиот Градител на Вселената, наоѓајќи си свое божество под тоа име. Сто патишта може да водат нагоре, околу планината; но на врвот сите се сретнуваат“ (IntroductiontoFreemasonry, CarlH. Claudyp.38).
СВЕТСКИОТ СОВЕТ НА ЦРКВИТЕ
Според 45-от Апостолски Канон „Епископ, презвитер или ѓакон, којшто само се молел со еретици, да биде одлачен (екскомунициран); а ако им дозволи да вршат некаква свештена служба, нека биде отстранет“. Екуменистичкото движење на Светскиот Совет на Црквите на почетокот беше само за Христијани од различни деноминации, меѓутоа подоцна прифати и служење на пагански ритуали. Некои екуменистички епископи се фалат дека Православните се соосновачи со Протестантите на Светскиот Совет на Црквите.
Светскиот Совет на Црквите, според дефиницијата дадена воColumbiaEncyclopedia, е „една меѓународна, меѓурелигиска организација од најголем дел Протестантски, Англикански и Источно-Православни Цркви; основана е во Амстердам во 1948 год., нејзините команди се во Женева, Швајцарија. Идејата на светско пријателство на Христијанските цркви доби конкретна форма во 1937 год., кога две екуменистички конференции – за животот и работата, и за верата и поредокот – избраа заеднички комитет за да ги формулира плановите за светски совет. Овој привремен комитет се сретна со Utrecht во 1938 год., под раководство на првиот генерален секретар на организацијата, WillemAdolfVisser’tHooft, но не бидна сè до после Втората Светска Војна, кога се случи првото собирање (1948) и формално беше ратификувано конституирањето. Во Амстердам имаше 147 Христијански цркви од 44 земји; денес има 341 црква членка од преку 100 земји. Управно тело на советот е соборот, којшто се среќава на секоја седма година. Собранието одбира централен комитет од 150 членови, кои се среќаваат пет пати помеѓу соборите; овој комитет избира извршен комитет од 26 членови. Советот, исто така, има претседателство (президиум) на кое се назначени осуммина. Советот, којшто нема законодавна моќ над неговите цркви членки, предвидува можност за неговите конститутори да дејствуваат заеднички во работите од општ интерес, под нивниот заеднички повик „да Го прифатиме нашиот Господ Исус Христос како Бог и Спасител“. Неговиот интерес вклучува меѓународни односи, локална правда, образование и мисија. Римокатоличката Црква не е член на Комисијата на Советот на Верата и Поредокот, и на нејзината Здружена Работна Група“. Ќе чуете од многу луѓе кои се членови на оваа група дека сите ние имаме ист Бог, но дека една религија може подобро да работи од друга религија зависно од личноста, како што изјави Далај Лама на последното собрание. Еден од сегашните Претседатели на овој совет е Митрополитот Хризостом од Ефес, кој ñ припаѓа на Вселенската Цариградска Патријаршија.
Тие ќе зборуваат за светскиот мир. Ова е постојаното оправдување на екуменистите за нивните екуменистички дејствија. Сепак, ако го испитуваме Светото Писмо, Бог секогаш ги заштитувал верните со мир, особено кога тие биле верни на учењата на Црквата, од друга страна, пак, кога не биле толку верни, тој допуштал да паднат под нивните непријатели. Цариград, некогашниот славен центар на Византиската Империја, сега има помалку од 1000 т.н. Православни. Ако тие ја зачуваа верата, сигурно дека тој ќе беше во рацете на Православните. Старецот Јероним Егински обично велеше „Кога ние не сме во ред (т.е. Грците) Бог ги користи Турците како камшик за да нè стави во ред“. Кога детето е немирно, потребно му е поправање, не може да му се дозволи да прави што сака, инаку ќе заврши станувајќи мал разгален мачител. Слично и Бог нас нè учи. Некои деца учат побрзо, некои побавно, додека пак некои никогаш нема да сфатат колку грешат зашто гордоста ги заслепува. Никој да не се лаже, спасението не го стекнуваме сами, туку преку благодатта Божја, којашто изобилува во Неговата Света Црква.
Една работа која ги поттикнува конвертитите да конвертираат во Православие е тоа што тие им даваат значење на зборовите на нашиот Спасител: „Барајте и ќе најдете“. Гледајќи ја Црквата од историски аспект, никаде на друго место не можете да најдете совршен континуитет на преемството на Црквата, до наше време, како што ќе најдете во Православната Црква. Кога нашиот Спасител му рекол на Петра „Ти си Петар и на тој камен ќе ја изградам Црквата Своја, и вратите на пеколот нема да ја надвладеат“ (Мт. 16, 18), Он јасно покажува дека Црквата не престанува да постои штом вратите на пеколот никогаш нема да ја надвладеат. Инаку, нашата вера е празна и Христос згрешил. Модерните Протестантски секти, кои се појавија во текот на 1700-тите, 1800-тите и 1900-тите години, сите тие го изгубија овој континуитет. Всушност, самата Библија којашто ја употребуваат Протестантите беше земена од Православната Црква, зашто во текот на првите години после Воскресението на нашиот Спасител, кружеа многу неавтентични текстови, како што е апокрифната книга на „Евангелието според свети Тома“. Црквата мораше да свика Собор, бивајќи раководена од Светиот Дух, за да одреди кои текстови беа автентични а кои беа направени од човек, и на овој начин беше формирана Библијата. Во Црковната историја ќе најдете дека Христос имаше негови ученици, кои имаа нивни ученици, а тие пак имаа свои ученици, итн., итн. Св. Павле, Св. Игнатиј, Св. Поликарп, тоа води право до наше време. Во модерна Италија, претежно Римокатоличка земја, ќе најдете древни Цркви, кои потполно личат на денешните Православни Цркви како што се во Равена; икони, кадилници, путири итн. Читајќи ја Евсевиевата Црковна историја, ќе најдете исто канонско уредување, Епископи, Презвитери и Ѓакони кои ги вршат работите во Црквата. Свети Павле нè учи „И така, браќа, стојте и држете ги преданијата, што ги научивте било преку нашето слово, било преку нашето послание“ (ІІ Сол. 2:15). Бидејќи Протестантите учат дека треба да се верува „solascriptura“, а тоа е само во Библијата, а свети Павле во самите тие посланија ни вели да ги држиме преданијата на кои бевме научени, било преку збор или послание, на Протестантите им недостасува нешто многу важно; каде и што е „зборот“? Во Протестантските секти воопшто нема предание. Овој „збор“ за којшто ни кажува Свети Павле е живото предание, свеќи, темјан, света вода и многу други работи. Библијата почива на Црквата, а не Црквата на Библијата. Затоа на Светата Трпеза (Престол) лежи Светото Евангелие. Во текот на Божествената Литургија Светиот Путир е на неговото место содржејќи ги Телото и Крвта Христови, и ние ги принесуваме нашите молитви во оваа Црква. Светата Причест, Евангелијата и молитвите се неразделни средства за заедничарење со нашиот Бог – вистинска света троица!
Затоа, духовна работа за нас е да го развиеме умот на Црквата (што значи да се биде просветлен), а спротивност е, се разбира, помраченоста. Во Црквата ни е многу јасно дека „екуменизмот“, како што го знаеме денес, му е туѓ на Православието. Ние сме повикани да бидеме храмови на Светиот Дух. Кога Светиот Дух пребива во нас, нема сомнежи. Полесно би било да се сомневаш во постоењето на твојот ближен, когошто го гледаш со свои очи, отколку во Божјото постоење, Когошто иако не Го гледаш со Твоите телесни очи, како што го гледаш ближниот, сепак никој не може да пребива во тебе на начинот, на којшто Бог може. Како што постои Христијанинот, така Бог сопостои во него, и тој сè би направил заради љубовта на неговиот возљубен Господ. Средствата преку кои се добива тое единство со Господ, се обезбедени за нас од Самата Црква. Ереста е отстапување или перверзија, која е предизвикана од первертиран ум. Свети Јован Златоуст нè учи дека изопачениот живот ги раѓа лошите учења, и така добивате ерес.
Отец Јустин Поповиќ, богослов кој живееше во Србија и се упокои пред неколку години, го кажа следново за Православието: „Во срцата на нивните срца, нашиот народ го знае Христа и Православието, знае што е она што ја прави Православната личност да биде Православна. Православието секогаш ќе создава подвижнички препород. Тоа не познава друго. Подвижниците се единствените мисионери на Православието. Подвижништвото е неговото единствено мисионерско училиште. Православието е подвижнички труд и живот, и така преку труд и преку живот неговата мисија се пренесува и остварува. Развојот на подвижништвото би требало да биде внатрешна мисија на нашата Црква помеѓу нашиот народ. Парохијата мора да стане подвижничко жариште. Но ова може да се постигне само преку еден свештеник подвижник“.
Екуменизмот е кулминација на многу ереси соединети во она што се нарекува духот на љубовта. Овој „дух на љубовта“ е всушност духот на прелеста. Нашиот Спасител не ни ја предаде љубовта на овој начин. Не обрнувајќи им внимание на учењата на Црквата, и прегрнувајќи ги сите различни вери кои се директно против Православната вера, екуменизмот со право може да се нарече сеерес на нашево време, и најголема закана за Црквата. Никој не треба да биде измамен да верува дека секое пријателство означува љубов. „Пријателството со светот е непријателство со Бога“. Во Евангелските раскази за Распетието се спомнува дека Ирод и Пилат станаа пријатели „оти порано беа скарани помеѓу себе“ (Лк. 23, 12) веднаш штом Пилат му Го предаде Христа на Ирод. Ова не е она што можеме да го наречеме „љубов“ во Црквата. Некои екуменисти мислат дека ние немаме љубов кога не им дозволуваме на неправославните да се причестат кај нас. Лесен начин да го добиеме одговорот на овој проблем е да ги прашаме оние конвертити кои беа одбиени од Света Причест и подоцна станаа Православни. Откако беа лишени од тајните, тие почнаа да прашуваат зошто беа лишени од тајните, па дури беа и осудувани од нивната совест. Правејќи го ова, Црквата покажува вистинска љубов за да ги доведе заблудените во заедницата на Црквата. Црквата не е само за оние од нас кои се родени во некоја етничка заедница која е Православна, туку е за сите. Нашиот Спасител сака сите луѓе да бидат спасени.
Свети Павле нè учи да ги избегнуваме сите ереси, и Светите Отци продолжуваат во тоа учење низ вековите. Навистина, возљубени Православни Христијани, никаде во Црковната историја не го наоѓаме овој пристап на екуменистите, и особено никогаш не го наоѓаме во житијата на светителите, туку го наоѓаме токму спротивното. Сретнуваме одредено снисходење или икономија во односот со еретиците, но не и во односот со ереста. Ереста е изопачување на доктрините и учењата на Црквата, а екуменизмот е ерес или поточно, најлошата од сите ереси, затоа што тој во себе ги соединува сите ереси. Во неговото послание до Свети Тит, Свети Павле нè учи „Бегај од човек еретик, откако еднаш и по вторпат го советуваш , знаејќи дека таков човек се изопачил, греши и дека се осудил сам себеси“ (Тит. 3, 10-11). Повеќе од сигурно дека ова не е нешто што т.н. „Православни“ екуменисти го прават! Веруваат ли тие навистина, дека тие му ја сведочат на светот вистината за Православието? Веројатно некои наивни луѓе може да веруваат во тоа. Се чини дека официјалното соопштение на Православните делегати од Собранието на ССЦ во Најроби во 1975 год. дава јасен одговор на ова прашање, кога велат „Православните не очекуваат другите Христијани да конвертираат во Православие, во неговата историска и културна реалност на минатото и сегашноста, и да станат членови на Православната Црква“.
Свети Јован Милостив[1] вели „Ние нема да го избегнеме учествувањето во таа казна, којашто во идниот свет ги чека еретиците, ако ние го извалкаме Православието и светата Вера преку прељубодејна заедница со еретиците“. Можеби зборовите на Свети Јован Дамаскин ќе фрлат светлина на овој проблем: „Со сета сила да се пазиме да не примиме Причест од еретиците, или пак ние да им дадеме ним. ‘Не им ја давајте светињата на кучињата’ вели Господ. ‘Не го фрлајте бисерот пред свињите’, за да не станеме учесници во нивниот срам и осуда“ (Изложување на Православната Вера). Свети Максим исто така има да додаде уште нешто: „Дури и ако сета вселена (икумена) заедничари со Патријархот (кој е еретик), јас нема да заедничарам со него. Зашто јас знам од писмата на Апостолот Павле: Светиот Дух објавува дека дури и на ангелите анатема, ако тие почнат да проповедаат друго Евангелие, воведувајќи некое ново учење“. Свети Теодор Студит ни вели „Чувајте се себеси од душепогубната ерес, со којашто заедничарејќи, се отуѓуваме од Христа… Некои претрпеа конечен бродолом во однос на верата. Некои, иако се немаат удавено во нивните мисли, сепак погинуваат преку заедничарење со ереста“. Примерите се безбројни. Искрено, никогаш, ама баш никогаш нема да најдете Светител на Црквата кој го проповеда спротивното. Сакам да нагласам: ова не се мои зборови, туку зборовите на Отците на Црквата, кои правеа и продолжуваат да прават чудеса, и на коишто јас им верувам, како што би требало секој Православен да им верува, и се попросветлени од вас или од мене за да знаат како да се справат со овие проблеми.
Во врска со екуменизмот, Владиката Аверкиј Џорданвилски го вели следново: „Одрекувањето на, и заштитата од отпадништвото кое има толку голем напредок, изискува од нас да стоиме настрана од духот на времето (којшто ги носи семињата на сопственото уништување). Доколку очекуваме да ги издржиме нападите од светот, неопходно е најпрво да го разбереме тоа и да го чуваме осетливо во умот тоа, дека во ова сегашно време, сето она што го носи најсветото и слатко име на Православието, всушност не е Православно. Попрво, честопати тоа е „лажно и узурпирано Православие“ од кое треба да се плашиме и да бегаме како од оган. Спротивно од оваа лажна вера, вистинското Православие беше дадено и мора да биде прифатено без новотарии и ништо не смее да биде прифатено како учење или обичај на Црквата, коешто е спротивно на Светото Писмо и на догматите на Вселенската Црква. Вистинското Православие мисли само да Му служи на Бога и да спасува души, и не е преокупирано со секуларната и минлива благосостојба на луѓето. Вистинското Православие е духовно, а не физичко, или психолошко, или земно. За да се заштитиме себеси од „духот на времето“ и да ја запазиме нашата верност кон вистинското Православие, најпрво, и со сета наша сила ние мораме да живееме беспрекорно: Потполна и строга предаденост на Христа, без отстапување од заповедите Божји или од законите на Неговата Света Црква. Истовремено, не смееме да имаме заедничка молитва или духовна врска со модерното отпадништво или со нешто што ја „валка“ нашата света Вера, дури и со оние дисиденти кои себеси се нарекуваат „Православни“. Тие нека си одат по својот пат, а ние ќе одиме по нашиот. Ние мора да бидеме чесни и цврсти, следејќи го правиот пат, никогаш не отстапувајќи за да им угодиме на луѓето, или од страв дека можеме да изгубиме некои лични привилегии“.
За да имате претстава што е екуменизмот, замислете си дека му припаѓате на Царското Семејство. Царот, вашиот татко, се упокоил, но ви оставил сè од ризниците на неговото царство; царската палата, изобилие од храна за прехранување, многу слуги, злато и сите чудеса што може да се замислат. Животот во оваа палата е среќен, живеејќи со многуте ваши браќа и сестри во хармонија и љубов.
Бидејќи вашиот татко беше Цар, неговата слава се прошири низ целата земја, и тој стана многу позната личност поради многуте негови успеси, особено во тоа што го утврди неговото царство во мир и сигурност. Меѓутоа, некаде во некоја далечна земја, некои сиромашни луѓе од друго семејство почнаа да тврдат дека Царот бил всушност нивни татко, и дека тие биле неговите вистински наследници. За да бидат нештата уште полоши, многу други семејства почнаа да тврдат дека тој ним им припаѓал, постојано менувајќи многу факти во врска со него, некои велејќи дека тој всушност не бил Цар, туку само богата личност, некои велејќи дека тој не живеел вистински во палатата во којашто тој навистина живеел, додека, пак, други рекоа дека Царот дури и не ни постоел; тој бил само мит. И така завладеал хаос. Новините се вратија во царската палата и ова предизвика кавга помеѓу царското семејство. Некои од нив рекоа дека тие треба да одат и да ги најдат овие луѓе зашто тие тврдат дека се дел од семејството, и да имаат повторно соединување на семејството во љубов. Но другите рекоа „тоа е апсурд, ние сме наследниците на нашиот татко, каков доказ уште ни треба? Ние живееме во неговата куќа; ние јадевме со него, зборувавме со него, плачевме со него, се веселевме со него, и секојдневно го гледавме. Овде тој седеше, овде ги одржуваше неговите средби, овде ние јадевме заедно, овде тој спиеше, би било лудо од наша страна да излеземе од палатата за да бараме луѓе кои тврдат дека тие се вистинските наследници на престолот. Вие мора да сте слепи! Всушност, овие лажни наследници се опасни, тие заблудуваат безброј луѓе, ние мораме да ги сопреме. Тие го навредуваат нашиот татко, царскиот спомен, со тоа што лажно ги учат луѓето со невистини за него! Кога ќе се покајат ќе ги примиме во палатата, инаку, не можеме да дозволиме да продолжи ова, всушност, ние мораме да ги известиме сите за опасноста од нив!“
За жал другите членови на семејството не им обрнаа внимание на мудрите, тврдејќи дека тие немаат љубов, и така си заминаа од Царската Палата. Некои од нив рекоа дека само ќе одат да ги смират лажните браќа носејќи ги назад во палатата и средувајќи ги работите, додека другите рекоа дека тие само ќе одат да ги побараат за да направат едно големо, среќно семејство. Повторно, некои заминаа не затоа што сакаа да ги најдат лажните браќа, бидејќи знаеја дека тие се лажни, туку зашто ги гледаа членовите на семејството кои заминаа како полегитимни наследници, од наследниците кои ñ припаѓаа на палатата. За жал, тие исто така паднаа во замка. Заминувајќи, сите тие ги загубија скапоценостите на царството и почнаа да гладуваат, зашто немаа доволно залихи храна. Нивните залихи траеја многу кратко, но на крај се истрошија. Неколкумина од членовите на семејството се вратија, но другите кои беа многу измамени рекоа дека е подобро да умрат од глад заради љубов кон лажните браќа, за кои тие веруваа дека се вистински. И така тие бедно загинаа – тоа беше навистина страшна глетка.
Така е и со нашава денешна ситуација. Царот, се разбира, е нашиот Спасител, оние кои живеат во палатата се оние кои ñ припаѓаат на Црквата. Лажните браќа се неправославните, екуменистите се оние кои ја напуштија палатата, верните се оние кои ги предупредија нив, но тие не сакаа да им обрнат внимание ставајќи се себеси во тешка опасност, преку изгладнување, зашто нивните залихи од храна траеја само кратко. Оние кои заминаа, бидејќи сакаа да ги следат членовите на семејството, за кои тие сметаа дека се вистинските наследници, се оние наречени „конзервативни“ кои припаѓаат на екуменистички јурисдикции. Светите Отци велат, „На оној кој се дави во река дај му го твојот стап, а не твојата рака“.
Некој можеби се чуди зошто во Неделата на Православието на Литругијата се чита делот за Свети Натанаил, комушто нашиот Спасител му рече „Еве вистински Израилец, во кого нема лукавство“ (Јн. 1, 47). Навистина, оној кој предизвикува ерес е полн со лукавство; тој е опасно и препредено чудовиште исполнето со гордост. Свети Ефрем Сириски вели, „Гордоста не му дозволува на човекот да ги прими учењата пренесени од преданието“. Некои од вас може да се сетат дека кога најпрво се појави иконоборечката ерес, иконоборците лукаво рекоа дека тие ќе ги стават иконите на повисоко место, бидејќи ние не сме достојни да ги почитуваме, а крајната цел им беше конечно и потполно да ги исфрлат иконите од Црквите. На истиот начин, екуменистите (можеби и не секој од нив), почнаа велејќи „ние мораме да им ја сведочиме вистината за Православието на народите, ние нема да правиме компромис со нашата вера, туку ние треба да ја сведочиме“. Се разбира, ова се однесува на последниот Архиепископ на Северна и Јужна Америка, Михаил, отец Ѓорѓи Флоровски и Јован Романидис како што се гледа од нивните текстови. Меѓутоа денес, т.н. екуменистички Православни јурисдикции исповедаат дека Римокатоличката Црква и Православната Црква се две белодробни крила на едно тело – тие се Цркви сестри. И интересно е тоа што Римокатоличката Црква не е член на Светскиот Совет на Црквите. Православните екуменисти кажуваат две работи; едно им кажуваат на оние кои се нервозни во врска со екуменизмот, а друго на оние кои не се. На првите им велат дека тие никогаш нема да се откажат од Православната вера, а на оние другите им велат дека другите религии исто така водат кон Бога, и време е ние да смениме нешто во Православието. Ова што следи беше кажано од Православната делегација на Светскиот Совет на Црквите во 1957 година: „Ние сме ограничени во совеста јасно да го изјавиме она што е логички заклучок: дека сите други тела биле директно или индиректно одделени од Црквата. Единството од Православен аспект означува враќање на разделените тела во историската Православна, Соборна и Апостолска Црква“. За жал, оттогаш нештата се променија. Сега и тогаш можете да чуете такви изјави од екуменистичките архиереи, но се чини дека овие изјави се кажуваат кога паствата почнува да протестира. Истите тие луѓе кажуваат потполно спротивни работи, како што е очигледно од сведоштвата и интервјуата или списанијата пишани од нив, како и снимки кои ги покажуваат екуменистичките настани.
За да ви дадам пример, како екуменистите го менуваат мислењето од 1957 год., дозволете ми да ги употребам зборовите на екуменистичкиот епископ Јован Калос од Термон, од пред една деценија или повеќе: „Кога бев ракоположен за епископ, пред околу две години, Неговото Блаженство Архиепископот Јаковос ме обврза така, да мојата служба како епископ треба да биде окарактеризирана како Христијанска револуција за да се реализира препородот на Американската душа. Цврсто сум убеден дека таквата религиозна револуција може да го најде своето потполно изразување и реалност во Екуменистичкото Движење и никаде на друго место. Можеби ќе прашате, зошто се случува сето ова? На прво место, Екуменизмот е дијалог за истиот Господ, истата вера и истата Црква. Тоа е дијалог, а не конфронтација. Затоа, не може да има јаз од било кој вид или форма, и покрај тоа што има разлики помеѓу учесниците. Тоа е презентирање на ставови, а не презентирање на барања. Тоа е движење на љубов, а не движење на омраза.
Екуменистичкото Движење претпоставува дека Светиот Дух пребива во целото тело на Црквата и повторно го воспоставува Апостолското Предание после секоја временска човечка грешка. Поделбата на Христијанството, со неговите стотици деноминации, е човечки неуспех, човечка грешка и најголемата од сите човечки глупости… Средството кое ги соедини Црквите како ΚοινωνίατωνΕκκλισίωνе Светскиот Совет на Црквите, којшто сам по себе не е ниту Црква ниту пак има своја еклисиологија. Од друга страна, пак, Светскиот Совет на Црквите има еклисиолошко влијание врз Црквите како што е евидентно од приликите на нивното заедничко молење, откривајќи дејствително еден веќе постоечки знак на единство, и преку меѓуцрковни општествени дејствија, покажувајќи израз на заедничко Служење (Ѓаконија) за сите“. Па така, гледате дека тие веруваат дека има „еден веќе постоечки знак на единство“. Тој всушност се осудува себеси со своите зборови кога понатаму вели „Трагичен е фактот што Христијанските Цркви беа страшно незаинтересирани за Христијанското единство сè до овој век. Наместо да бидат обединета сила, Христијанските Цркви беа разорувачка сила, имајќи многу мало влијание врз нашиот модерен свет. Денес, екуменизмот предизвика обнова во Христијанското семејство на Цркви, во што уште еднаш доживува преоживување однатре“.
Па така, овој екуменистички епископ самиот признава дека Црквата не била екуменистичка во минатото, и дека ова е времето за Црквата да биде препородена, време е за „Христијанска револуција“. Но тој многу греши кога вели дека Христијаните имаат недостаток од грижа за единство. Сè што треба да направиме е да провериме кај Светите Отци и да видиме колку биле тие загрижени.
Сепак екуменистите не застануваат таму. Погледнете ги зборовите на екуменистичкиот епископ Ѓеорѓи (на Гората Ливан и Вивлос) кажани на празникот на Свети Антониј Велики во врска со Христијаните и Муслиманите (и простете ми што дури повторувам такви зборови, но за наша поука, мораме да ги кажеме): „Но сега, кога се наближи крајот на Рамазан – подвигот на Муслиманите – и времето на празникот Фитр [Муслиманска Пасха, се празнува после постот на Рамазан] се ближи, јас Го преколнувам Бога, секој ден да стане празник за Муслиманите – Господ Бог да им ја принесе сета слава и чест, и да им ја дарува Неговата богата милост и милосрдие, та оваа земја и рајот подоцна, нека станат нивно добро пребивалиште. Да ја земе сета беда и понижување од нивната средина, и полнотата на нивното очистување да стигне до нивните срца. Да ги посвети нив, возљубени на Негов начин, и пребивајќи во Неговата добрина, осенети од Неговата добрина.
Наша радост [Христијани] е да се молиме на Фитр, барајќи за нив [Муслиманите], за себе, и за нашата заедничка татковина – мир. Да нè ослободи Бог нив и нас во овој свет, од беда и слабост, та да можеме да се молиме за нив и за себе кажувајќи ја молитвата на Иса, синот на Маријам: „ О Алах, Господару наш, дај ни од небото трпеза да ни биде празник, на првите од нас и на последните, и Твое чудо, и нахрани нè, а Ти си најдобар Хранител!“ (Трпеза: 114). Господи Боже, дај ни на сите во овој Фитр, трпеза за сите кои веруваат во Тебе и за оние кои се гладни, и никој да не загине под тиранија – овозможи им да се радуваат во Твоите благослови – Ти Кој во Твоите раце го држиш Царството на сè.
Додека некои се радуваат денес [на Свети Антониј] – а некои други ќе се радуваат утре, или задутре [во зависност од првиот ден на појавувањето на месечината] – води нè Господи кон Твоето Благо Лице“. Новомачениците од Отоманската Империја би имале многу да кажат во врска со ова. Тој исто така изјавува дека „Ние сме му должници на Протестантизмот за реоткривањето на живата порака на Евангелието“. Тој хули на Светата Троица велејќи дека „Духот дејствува и ги насочува Неговите енергии во согласност со Неговата икономија и ние можеме, од овој агол, да ги гледаме нехристијанските религии како места, каде што Неговото вдахновение е дејствително“. Тој отиде толку далеку што дури шокираше многу Протестанти на конференцијата во Либан, поддржана од „Светскиот Совет на Црквите“, помеѓу Хиндусите, Будистите, Христијаните и Муслиманите, повикувајќи ги Христијаните „да го испитаат автентично духовниот живот на некрстените“. Интересен момент којшто може овде да се спомне, е случајот со две момчиња, коишто и обете ги знаев лично, кои од детско незнаење и бунт одлучија да се вклучат во Хинду култовите. Едниот имаше гуру којшто беше негов тренер по боречки вештини и кој имаше некои чудни натприродни способности. Хиндусите се многу екуменистички настроени, но еден ден тој побара од него да го извади крстот, за да научи нова техника. Техниката немаше да дејствува ако тој го носеше крстот. За несреќа, и двајцата младичи конечно беа заболени, ментално и духовно. Демоните завладеаја со нив. Тие си играа со оган, затоа што одеа во Црква кога ќе почувствуваа потреба, и исто така правеа други екуменистички, или поточно, други демонски нешта. После некое време, тие не беа способни ни за одење во Црква. Не можеме да мешаме светлина со темнина. Дали можеби ова е тоа што го прават екуменистите? Свети Павле ни вели: „Не впрегнувајте се заедно со неверниците; зашто, какво, општување постои меѓу правдата и беззаконието? Што општо има меѓу светлината и темнината? Какво согласие може да има меѓу Христа и Велијар? Или, што општо има меѓу верник и неверник? Каква сличност има храмот Божји со идолите? Вие сте храм на живиот Бог, како што рекол Бог: ‘Ќе се вселам во нив и ќе одам меѓу нив; ќе им бидам Бог, а тие ќе бидат Мој народ. Затоа излезете од нивната средина и одделете се!’ Вели Господ, и ‘не допирајте се до нечисто, и Јас ќе ве примам!“ (ІІ Кор. 6:14-17).
Можеби на овој начин тие толку многу се помрачија во умот, мислам на сите релации кои тие ги имаат со нехристијаните. Доколку Свети Исаак Сириски нè предупредува да се држиме подалеку од текстовите на еретиците зашто тоа „го помрачува умот“, тогаш што да речеме за заедничките молитви, не само со оние што се еретици, туку и со оние кои ги обожуваат демоните? Патријархот Димитриј, поранешниот Цариградски патријарх, даде многу изјави во неговите братски честитки до Муслиманите, и им рече на Муслиманите и Христијаните дека тие „Му служат и Го почитуваат“ едниот Велик Бог на сите. Патријархот Партениј, поранешниот Александриски патријарх го нарече Мухамед „апостол Божји“. Новокалендарскиот Албански архиепископ, пред неколку месеци ñ испрати 600 000 долари на Владата во Србија, за обнова на една голема џамија, како и на некои од Црквите кои беа запалени. Нешто дефинитивно не е во ред овде. Очигледно е дека тие се заболени, и ментално и духовно.
Можно ли е да сме едно со Муслиманите? Учиме ли ние да ги убиваме неверниците како што прават Муслиманите; и кои се неверниците? Христијаните кои не веруваат во Мухамед, според Муслиманите, се неверници. Може ли да се израмни нашиот пост со оној мухамеданскиот на Рамазан? Од модерните терористички напади треба да сфатиме дека Муслиманската религија е сосредоточена на омраза и злосторство. Коранот, т.н. „света книга“ на Муслиманите учи дека „Христос Исус синот на Маријам не беше ништо повеќе од еден пратеник Божји… Не велите ‘Троица се!’: Престанете, подобро за вас: Алах е само Еден Бог: Нека Му е слава (Далеку повозвишен е Тој) зарем Тој да има дете?!“ (Сура 4:173)… ‘Христос (Месијата) е Син Алахов’. Тоа се нивни зборови, од нивните усти; (во ова) тие само ги имитираат древните еретици во она што обично го велеа. Алах да ги убие! Како се заблудуваат тие?! (Сура 9:30). Па така, доколку некој Православен Христијанин сака да ги признае Муслиманите како побожни следбеници Божји, Муслиманската вера остро ги осудува Христијаните поради верувањето дека Христос е Син Божји. Па тогаш која е вистинска? Не може и обете да бидат во право, не можеме да Му служиме и на Бога и на Мамона. Всушност, Муслиманите се обврзани да ги убиваат сите неверници „Бори се против оние кои не веруваат во Бога[2]“ (Сура 9:29), „Ви се пропишува борба, иако вам не ви е по воља! – Не сакате нешто, а тоа може да биде добро за вас; сакате нешто, а тоа излегува лошо за вас. – Алах знае, а вие не знаете“ (Сура 2:216).
Во житието на Свети Паисиј Велики, сретнуваме како еден негов ученик отиде по некоја работа и враќајќи се, се сретна со еден Евреин на патот. Евреинот го негираше нашиот Спасител а ученикот на Свети Паисиј му рече „па добро, можеби е така како што велиш“. Кога се врати дома, Свети Паисиј, со просветленото око на неговиот ум, разбра дека неговиот ученик имаше пад. Всушност, тој му рече дека ја изгубил благодатта од Крштението. Според тоа, овие епископи имаат паднато, многу имаат паднато, не само од нивните чинови, туку исто и од самото нивно Крштение.
Кога бев на Света Гора, токму пред да заминам во манастир во 1994 год., отидов пред сè, за да го посетам отецот зилот кој беше свет човек Божји, старецот Јоаким. На патувањето, морав да поминам една ноќ во манастирот Филотеј, чијшто игумен во тоа време, беше отец Ефрем. Отец Ефрем сега живее во Аризона. Неколкумина од монасите беа од мојот роден град (Торонто) и јас зборував со еден од нив за нашите парохии, зашто тој често доаѓаше во парохијата на Свети Нектариј. Еден постар монах нè виде како зборуваме и потоа ми рече дека тој сака да зборува со мене. Па така, ја поминавме манастирската порта и почнавме да разговараме. Тој почна да ме прашува за мојата парохија и така сфати дека ние сме со старокалендарците и тогаш тој рече „Сакам да кажам нешто, но не знам дали треба“. Се разбира, јас му реков да ми каже. Тој ми го кажа вообичаеното „не е добро да се биде во раскол“ итн. но тогаш тој ми кажа нешто друго, што го немав слушнато дотогаш. Тој рече: „знаеш, можеме да речеме дека Патријархот Вартоломеј има екуменистички дејствија, но не можеме да кажеме дека е екуменист“. Па добро, како да се одговори на ова? Подобро отколку да го прашувам што зборува тој во светот, јас реков: „знаеш ли дека постојат канони кои ни забрануваат да се молиме со неправославните“. Тој кажа уште една интересна работа за ова „ох, навистина? Јас не го знаев тоа; Не знам многу за каноните“. Каноните настрана, зарем нашата Православна совест не ни ја кажува јасно вистината за овие работи?
Свети Григориј Палама вели за еретиците дека тие „им служат на своите стомаци“ повторувајќи ги зборовите на апостолот Павле. Се разбира, сите ние им служиме на нашите стомаци буквално, но духовното значење позади ова, уште еднаш нè враќа кај сфаќањето за световниот ум, плотскиот ум, первертираниот ум. Најголемата заблуда што некој може да ја има е заблудата „да ја поправа Црквата“. Во ова веруваат и екуменистите преку сите нивни контакти со другите религии, и нивните „конзервативни“ следбеници исто така веруваат во ова, борејќи се против овие контакти „од внатре“. Денешните екуменистички клирици си ја стрижат косата, си ги бричат брадите, носат костум со бел околувратник, сето ова е за да не бидат „глетка на светот“ (І Кор. 4:9), за да бидат во тек со времето и модата на другите „христијански“ вери. Ова не се доктринарни проблеми и секако дека не можеме да ги третираме како и другите работи од верата, но како што вели нашиот Спасител „по нивните плодови ќе ги познаете“ (Мт.7:16). На овој начин размислуваат екуменистите, размислувајќи световно, гордоста не им дозволува да „изгледаат смешно“. Мораме да бидеме претставителни, и на истиот начин да изгледаме исто како еретиците, како што се Римокатолиците, Англиканците, и другите т.н. христијански секти. Па така тие имаат и клупи во нивните Цркви. Идејата која стои зад сето ова е екуменистичка.
Кога нашиот Спасител ñ рече на жената Самарјанка „Вие му се клањате на она, што не го знаете; а ние се клањаме на она што го знаеме…“ (Јн. 4, 22), денешниот екуменист би имал многу нешта да Му каже Нему. На пример, тој би прашал, „Каква љубов е оваа? Зарем не му служиме заедно на еден Бог наспроти многуте божества на незнабошците? Дури и божествата на незнабошците се свети, па така, сигурно имаме многу заеднички нешта со Самарјаните“. Тие ќе речат, „Извини Исусе Христе, ама грешиш“. Фарисеите, бивајќи во другиот табор исто веруваа – уште една опасност за која мораме да расправаме.
На ова место јас би сакал да поставам малку „рамнотежа“ во она за што зборувавме, односно, да наведеме друг аспект на нашите животи како Православни Христијани борејќи се за запазување на верата, којшто можеби честопати е превидуван, иако никако не смееме да го превидуваме. Последните настани во нашата Света Православна Црква во Северна Америка нè принудуваат внимателно да ги разгледаме овие нешта. Откако ќе слушне што велат Светите Отци за верата, и ревноста која тие ја покажуваа во пазењето на Црковните догмати, искрениот човек природно посакува со сето свое срце да биде потполно член на Светата Православна Црква плашејќи се од отцепување од неа, преку следење на лажните архиереи. И така треба и да биде. Меѓутоа, потребно е да го употребиме нашето расудување и да видиме како нашите Свети Отци се однесуваа со еретиците, за да фрлиме мала светлина на нашата денешна ситуација. Светите Отци сигурно дека ја осудувале ереста, сепак за одреден временски период, додека да се расчистат нештата, тие употребуваа икономија, во многу случаи, кон еретиците. Она што ќе го кажам овде не е за икономијата (диспензација, снисходење), ниту пак, за акривијата (строгост), туку за рамнотежата; односно, дека треба да имаме и акривија и икономија, и треба да знаеме во кои случаи да ја применуваме едната, а во кои ситуации да ја применуваме другата. Треба да се молиме, та да ни го даде Бог ова сфаќање кое е многу важно. Ова сфаќање и рамнотежа не е ништо друго, туку расудување.
Најпрвин мораме да сфатиме дека тоа што нашиот Спасител прими човечка плот беше големо снисходење, и дека низ целиот Негов земски живот, Он правеше едно снисходење по друго, па така, давајќи ни пример и покажувајќи ни дека Он сака сите луѓе да бидат спасени, и се обидува да го оствари ова со Неговото постојано снисходење кон нас. Никогаш не сум чул во некоја од службите „Слава на Твојата строгост Христе“, но многупати сум чул „Слава на Твоето снисходење Христе“[3]. Ние мораме да внимаваме да не употребуваме премногу акривија, „со каква мерка мериш, со таква ќе ти се мери“. Кога сме на отворено море, во зависност од ветрот, мораме да го вртиме кормилото на една или на друга страна, со цел да ја одржиме рамнотежата на бродот. Истото може да се каже и во врска со икономијата и акривијата. Еднаш еден свештеник од нашиот Синод ми рече, „мора да бидеме многу внимателни да не му ја отвараме вратата на демонот што се бори против Православието, зашто, ако вратата е отворена, дури и со широчина на мал процеп, ѓаволот потоа ќе ја искористи сета негова сила за да продре внатре“. Сосема точно. Меѓутоа, треба да бидеме крајно претпазливи. Постои исто така задна врата низ која демоните се обидуваат да влезат. Исто така има и странични врати. Не можеме да ги игнорираме овие други врати. Ние мораме да бидеме „целите око, како Херувимите и Серафимите“ како што авва Висарион ни заповеда да бидеме. Постои една многу опасна состојба за која треба да бидеме свесни, а која за жал влезе во Црквата; тоа е прашањето на зилотизмот (ревноста). Зилотизмот може да биде меч со две острици. Тажно е што некои од оние кои се борат против екуменизмот се покажуваат дека се фарисеи во тоа што тие се многу внимателни во врска со предната врата, и можеби со уште други една или две врати, сепак тие сосема ги игнорираат сите останати врати. Некој можеби ќе се запраша, како тогаш е можно да се биде избавен од сите овие искушенија: тогаш, кој би можел да биде спасен. Нашиот Спасител му одговара на овој страв со доверба дека „за луѓето ова е невозможно, но за Бога сè е можно“. Повторно Светиот Јован Богослов ни вели „Поголем е Оној што е во вас, отколку оној што е во светот“. Мораме со сето срце да веруваме во ова. Нашите претци веруваа, и тие ни ја пренесоа верата на нас и ние треба да ñ ја пренесеме на следната генерација. Користејќи го примерот со жената Самарјанка, би сакал да нагласам дека од друга страна, исто така има такви кои би го осудиле нашиот Спасител поради тоа што зборувал со жената Самарјанка, зашто таа беше еретик. Строго говорејќи, според Еврејскиот закон, Он не требаше да зборува со неа; според Еврејскиот закон, нашиот Спасител беше „надвор од поредокот“. Некои од т.н. зилоти, кои одат во друга крајност, исто така би требало да Му кажат на нашиот Спасител дека згрешил, иако знаеме дека нашиот Спасител дојде да го укине законот, бидејќи сенката на законот помина со доаѓањето на благодатта, како што пееме во црковните химни[4]. Потребно е големо внимание во врска со ревноста; никогаш не треба да веруваме дека ние сме совршено сигурни само затоа што сме ревносни во пазењето на каноните на верата. Никој не е непогрешлив. Всушност, многумина од Евреите кои Го распнаа Христа веруваа дека тие се многу ревносни за Еврејската вера, а сепак беа опрелестени, бидејќи, ако тие навистина Го познаваа Отецот, ќе Го познаваа и Синот. Денес многу луѓе се исто така опрелестени или можеби ја користат ревноста за прикривање на гордоста, љубомората, зависта или гневот. Сме го виделе ова како се случува многу пати и ќе спомнеме неколку примери. Всушност Свети Исаак нè предупредува за гордоста која се крие во ревноста. Ѓаволот има големо искуство со луѓето, гревот и ереста – векови и векови кои вредат како искуство, тој би завладеал со нас ако не беше Божјата благодат да нè покрива. Црквата нè учи дека човекот е наклонет кон злото уште од самата негова младост, па затоа треба да имаме голема духовна внимателност. Тоа значи дека ние постојано треба да се осудуваме себеси, како што сме научени да правиме, и да се фатиме себеси при застранување. Треба да имаме постојано покајание. Треба да викаме по нашиот Небесен Отец како расплакани, едноставни, беспомошни дечиња. Сигурноста е во верноста кон Црквата.
Ревноста, по нејзината природа, честопати може да возбуди во нас одредени страсти, особено кај оние од нас кои се почетници во верата – кај оние од нас кои немаат многу духовно искуство. Треба да забележиме дека ние треба да бидеме ревносни, но во вистинска смисла. Доколку ревноста не се користи според умот на Црквата, ние паѓаме. Ова може да предизвика, на пример, гнев или гордост на еден „неправеден“ начин. Ова е другата крајност, а не царскиот или среден пат, по којшто Светите Отци ни велат да одиме. Нашата вера е мисионерска вера; бидејќи таа е вистината, ние посакуваме, како што сака и нашиот Спасител, сите луѓе да бидат спасени. Повторно треба да нагласиме, ете зошто треба да го имаме умот Христов, умот на Црквата. Тоа го добиваме не само преку читање на Светите Отци, туку и со практикување на она што тие го проповедаат. Испитувајте, пребарувајте го Светото Писмо како што сме научени да правиме, и таму ќе ја најдете икономија што ја изврши нашиот Спасител, којашто нашите немоќни умови не можат да ја разберат, исто така, кога имало потреба, Он исто така покажа ревност и строгост, па така учејќи нè да расудуваме. Меѓутоа, чинот на Неговото вочовечување дефинитивно ја нагласи икономијата, повеќе отколку акривијата. Кога учениците Го прашаа дали да се помолат да слезе оган од небото и да ги проголта безбожниците како што направи ревносниот Пророк Илија, Он им кажа, „Не знаете од каков дух сте вие; зашто Синот Човечки дојде, не да погубува човечки души, туку да спаси“ (Лк. 9:55-56).
Па така, постојат два патишта на кои треба да внимаваме, а тоа е она што Светите Отци го викаат „искушение од десно и искушение од лево“. Доколку сме внимателни во чувањето на нашата света вера, тогаш ѓаволот ќе се обиде да нè искуша со гордост, зашто многу често ревноста може да биде испреплетена со неа. Внимавајте на моите зборови возљубени Православни Христијани, никогаш не сме потполно безбедни, ние имаме непријател којшто како лав талка наоколу, барајќи некого да проголта. Зилотите на кои им недостасува духовно искуство и кои се неупатени во Светите Отци, можат да развијат тенденција да направат догмат од некои незначајни работи. Понекогаш изгледа како да се обидуваат да најдат повеќе причини за да ја исповедаат верата. Некои можеби имаат добри намери, но многу им недостасува внатрешен мир. Кога некој ќе чуе „за работите од верата“ (за верските вистини) тој автоматски мисли дека треба да стане за да ја брани верата, иако овој термин е многу употребуван за други работи. На пример, Свети Јован Лествичник вели, „во заедница со смирението… невозможно е да се има дури и еден здив на непослушание, освен ако, можеби, верата е доведена во прашање“. Секој може да земе таков цитат, или многу други такви цитати, за да си ги задоволи сопствените цели. Така, мнозина, од незначајни работи прават „работи од верата“, кога всушност, тие се повеќе како „работи на страстите“ или „работи на слепилото“ или „работи на гордоста“. Протестантите секогаш користат такви техники со цел да ги оправдаат нивните верувања, зашто секоја индивидуа може да излезе со сопствена теологија. Тие цитираат библиски цитати надвор од контекстот. На овој начин тие ја прикриваат нивната лага со нивната т.н. ревност за Христа. Меѓутоа ова е голема прелест (самоизмама) и ние исто така мораме да го обелодениме ова, возљубени Православни Христијани, па така да можеме да научиме да одиме по патот што е вистински исправен, царскиот или среден пат, по којшто Светите Отци нè учат да одиме. Многу лесно е да ги применуваме каноните право од „Кормиларот“[5], меѓутоа не сите канони се определени за примена во секоја ситуација и на истиот начин. Свети Илариј Поитиски (Пиктавијски) вели „Ереста лежи во определената смисла, а не во напишаниот збор; вината му припаѓа на оној кој ја изложува, а не на текстот“ (За Троица, ІІ, 3).
Ќе ви изложам неколку примери за тоа, како може некој да забега преку ревноста која не е според учењето: мнозина од верниците во времето на Несторијанската ерес (како и во времето на Аријанската ерес), којашто учи дека Христос беше само добар човек, беа збеснати од една таква хула. Тие беа ревносни за верата. Меѓутоа оваа ревност се претвори во „ревност што не е според учењето“ кога тие отидоа доволно далеку за да се развие Монофизитската ерес, којашто го тврдеше токму спротивното; дека Христос беше само совршен Бог. Он беше и Бог и човек, но Неговата Божествена природа, според нив, конечно ја проголта неговата човечка природа. Црквата пак, од друга страна, ги чуваше учењата кои ñ беа предадени, дека Исус Христос беше и совршен Бог и совршен Човек. Преку овој пример гледаме дека оваа „ревност“ всушност предизвика ерес. Расколот на Староверците во Русија е уште еден пример. Кога службите на Руската Црква беа малку изменети, мала група Христијани се побуни. Ова не беше догматска ситуација, но за Староверците сигурно беше. Резултатот беше тоа што тие се одделија од Црквата, и тоа што денес многумина од нив немаат дури ни апостолско преемство, бидејќи немаа ни епископи. Тие имаа свештеници, и свештениците на крај умреа, па така, сè што им остана беа црквите, често без олтар и без тајни. Без Крштение, без Света Причест, тие имаа икони и си имаа нивни служби, но повторно без свештеници. Ако нема епископ, нема ни Црква, вели Свети Игнатиј Богоносец.
Како што рековме, многумина имаат тенденција да прават догмати од најнезначајни работи; ова, се разбира, може да важи за нашите браќа старокалендарци во Грција. Имено, има некои кои направија догмат во врска со тоа колку ѕвезди треба да има Мајката Божја на нејзината облека, кога се слика на нејзината света икона. Некои никогаш не би ти дозволиле редовно да примаш Света Причест; и општа практика е тие да не се причестуваат во неделите. Друга работа која беше догматизирана од некои е почитувањето на една икона наречена „Света Троица“, која Го изобразува Бог Отецот како старец со Светиот Дух во форма на гулаб, иако многу Отци на Црквата, како што е Свети Јован Дамаскин, нè учат така, зашто Бог Отецот по природа е неизобразив. Некои синоди донесоа одлука оваа икона на Светата Троица да биде поставена во секоја Црква. Замислете си. Тие не погледнаа на другата врата. Сите овие се човечки преданија, а не преданија на Црквата, и за жал, тие се многу ревносни во чувањето на овие преданија. Од друга страна, пак, мнозина од новокалендарците се подобро информирани за овие предмети отколку традиционалните Православни, и тие ги погледнуваат и си мислат дека овие се надвор од умот. Сепак, останува фактот, традиционалистите не се молат со еретици и никогаш нема, и во ова се согласуваме. „Човечките преданија“ може некако да бидат превидени, затоа што не се догматски, меѓутоа, иако ние сме спремни да ги превидиме, многумина од поддржувачите на овие човечки преданија не се, имајќи направено догмат од нив, како што веќе кажавме.
За жал, ова скапо нè чинеше. Оваа т.н. ревност, како и личната амбиција, е она што ја предизвика катастрофата помеѓу старокалендарците во Грција, а тоа е нивниот недостаток од единство. Да внимаваме додека сè уште има време и да не паѓаме во истата замка. Некои клирици од Матеевците се обидуваат самите да се извлечат, но тие толку многу го имаат фанатизирано нивниот народ, што таков чекор би бил невозможен. Јас сум разговарал на оваа тема со некои луѓе кои ја изразиле нивната запрепастеност во врска со тоа, зошто ние не сме во заедница со другите старокалендарци од Грција, верувајќи дека би биле многу поголема сила доколку би биле заедно. Јас сигурно дека можам да сочувствувам со оваа мисла, зашто знам многу клирици и луѓе во Грција кои го следат стариот календар, и кои се многу посветени и побожни луѓе, но искрено, кога имате работа со нивниот синод, работите може многу да се усложнат, токму поради претходно спомнатите причини. Сигурен сум дека нашите Епископи низ големото искуство го знаат ова. Дај Боже работите да се сменат еден ден. Верниците во Грција толку многу се изморија од поделбата, така што најголем дел од нив, вклучително и клирот, повеќе го гледаат тоа само како административен хаос, отколку како вистински раскол. Во TheStruggleAgainstEcumenism, официјалното издание на Светата Православна Црква во Северна Америка, отворено се укажува дека има „помеѓу екуменистичките и новотарските јурисдикции, видлив доктринарен пад; помеѓу традиционалните Православни, непопустлив администрадивен пад“. Овде, мора да се запомни дека Црквата познавала административен неред и претходно, како што е во случајот со расколот на Мелетиј во Антиохија, во четвртиот век, во којшто Светителите Василиј Велики, Григориј Богослов и Григориј Низиски и епископите од Мала Азија поддржуваа еден кандидат – Мелетиј; додека Свети Атанасиј Велики, и епископите од Египет и од Запад поддржуваа друг кандидат – Павлиниј. Колку и да е тежок административниот неред, сепак тоа е потполно различен поредок од отпадништвото од Православната Соборна Вера“. Книгата понатаму кажува нешто многу значајно „првата е домашна препирка; втората е едно прељубничко напуштање на Домот“. Треба да имаме во умот дека ние сме човечки битија и како такви ќе правиме грешки. Во Делата Апостолски читаме „Варнава предложи да го земат со себе Јована, наречен Марко. Но Павле сметаше за недостојно да го земат со себе оној, што се беше одделил од нив во Памфилија и не беше пошол со нив по работата, за која беа пратени. Поради тоа се појави расправија, така што тие се разделија еден од друг; и Варнава, откако го зеде Марка, отплови за Кипар; а Павле си го избра Сила и тргна…“ (Дела 15:37-40). Свети Јован Златоуст и Свети Епифаниј Кипарски исто така имаа неколку недоразбирања – само да спомнеме неколку.
Па тогаш како постапуваме ние со екуменистите? Мораме да побараме одговор на овој проблем од светоотечки и духовен аспект. Да го видиме начинот на којшто Светите Отци постапуваа со ереста. Има еден начин на постапување со оние кои се отцепија од Црквата во 1054 год., а друг начин со оние кои се отцепија себеси за помалку од 100 години. Не можеме да ги гледаме новокалендарците, Протестантите, Римокатолиците и Монофизитите во иста светлина. Предложениот пример на еден светител на Црквата, Свети Теодор Студит, ни доаѓа на ум, во неговиот однос кон еретиците од негово време – иконоборците. Светителот разликува четири степени на снисходење во односот кон овие еретици. Тоа се следниве:
1) Презвитерот го спомнува својот Православен епископ, и истовремено, „од страв“, исто така, го спомнува митрополитот еретик: со такви свештеници (но не со епископи) потполно заедничарење, вклучувајќи евхаристиско заедничарење, е можно.
2) Презвитерот го спомнува својот епископ, но последниов самиот е еретик. Меѓутоа, презвитерот, говорејќи фактички, не сослужува со епископот. Евхаристиска заедница и оние служби во кои мора да биде спомнат епископот еретик се строго забранети. Но „псалмопеење“ (молитвени служби без спомнување на клирот или со спомнување на Православни авторитети) и „благословувања“ се дозволени.
3) Презвитерот всушност сослужува со неговиот епископ еретик. Меѓутоа, тој не го прави тоа „свесно“, знаејќи ја неговата ерес. Истите препораки овде, како и во претходниот случај.
4) Свештеникот свесно сослужува со неговиот епископ еретик (од страв). Таквиот свештеник не треба да се разликува на било кој начин од оној кој отпаднал во ерес поради убедување, па така со него не може да се има заедница“.
Ова учење на Свети Теодор беше на почетните степени на ереста, сè додека работите не станат доволно јасни. Ова е само за да покажеме дека не е сè црно и бело. За време на иконоборечкиот период во Црквата имаше две фракции: едната што поддржуваше акривија при примањето назад на еретиците во Црквата, а другата беше за икономија. Меѓутоа тие сè уште беа во заедничарење една со друга. Во Африка го прифатија назад аријанскиот клир само со сослужување, иако беше поминало некое време. Помина некое време од расколот со новокалендарците, но од подигањето на Анатемата, имаат поминато 40 или повеќе години.
Еден од главните проблеми со кои се занимаваме е тоа што водачите на екуменистичките јурисдикции постојано ги информираат луѓето дека тие не ја негираат Православната вера, и дека никогаш нема да го сторат тоа. Можете да кажете дека истото се случува со сите еретици, но овде, тие всушност проповедаат Православие, и тие ереста ја нарекуваат ерес. Според Професорот Константин Каварнос „Екуменизмот е многу сложен и лукав феномен… чијашто цел или мета, Екуменистите не се обидуваат да ја објаснат на јасен, недвосмислен начин“. Ги слушате како зборуваат за вистината на Православието и супериорноста на неговата духовност. И кога ги слушате да го кажуваат ова, може и да си помислите дека тие воопшто немаат отпаднато. Кога, пак, од друга страна, гледате јасни чекори на видеокасети или списанија за екуменистичките собири, и слушате што самите овие водачи имаат да кажат од официјалните документи на екуменистичките седници, понекогаш се прашувате дале се тоа истите луѓе. Многу луѓе го слушаат нивното божемско „исповедање на верата“ и не слушаат многу за нивното негирање на верата, додека други слушаат негирање, а не исповедање на верата. Меѓутоа мора да се забележи дека има многу луѓе во овие екуменистички јурисдикции кои се многу антиекуменистички настроени, а тоа вклучува исто така и клирици. Може многу да се каже за нив, но најлогично е да оставиме Бог да биде судија. Меѓутоа, нам ни се чини дека многумина од нив причинија голем дел од штетата бидејќи, доколку не ги уверуваа верниците дека тие се сè уште Православни, многумина од нив ќе станеа дел од Вистинската Црква. Оваа категорија на т.н. конзервативци ја има најбизарната еклисиологија. На пример, некои од нив ќе речат дека Цариградскиот Патријарх е еретик, ама сè уште морате да го спомнувате зашто тој е глава на Црквата – секој кој се одвојува од него е расколник. Мене ова ми изгледа како Римокатоличка схоластичка еклисиологија; Папата е глава на Црквата, па што сака нека биде. Меѓутоа, тоа не е Православие. За жал, како што вели Свети Павле, тие, „со слатки и ласкави зборови ги измамуваат срцата на простодушните“ (Рим. 16:17-18). Затоа Бог не ги суди следбениците како што ги суди водачите. Свети Доротеј од Газа ни дава еден интересен пример во неговото поглавие за осудувањето на нашиот ближен. Тој сведочи дека имало две робинки – девојки кои биле многу млади, едната од нив била купена од праведна жена, а другата од блудница. Нивните маќеи ги воспитувале обете според себеси. Ќе ги суди ли Бог обете на ист начин? Дефинитивно не! Отец Сергиј Блек, игуменот[6] на нашиот манастир во Калифорнија, еднаш ми кажа дека самиот тој не знаел колку само длабоко биле инволвирани неговите епископи во екуменизмот, сè додека тој не дојде еднаш во нашиот манастир на посета и го виде видеоматеријалот што го имавме за екуменизмот. Ова се случува особено во случајот со монасите, особено со оние што живеат на Света Гора. Меѓутоа, прилично сум сигурен дека мнозинството монаси и клирици од новотарските јурисдикции сега знаат дека има некои блиски односи помеѓу нивниот патријарх и неправославните; дали знаат дека тоа е всушност негирање на верата, јас не сум сигурен. Некои од постарите лаици и монаси не знаат што се случува. Други остануваат со новотарите знаејќи за отпадништвото и меѓу оваа група, голем дел од нив се од Масонската Ложа. За овие, прашање е кој верува, а кој дури и не верува во Бога. За мнозина од нас, би било тајна, како тоа некој да биде толку инволвиран во Црковна служба, а сепак да не верува во Бога. Во Њујорк има една мала монашка заедница наречена Нов Скит (Неа Скити), која има многу интересен вид на еклисиологија. Пред неколку години тие ја живописаа нивната Црква со фрески и насликаа една со Франциско Асишки, кој е светител на Римокатоличката Црква. Еден од отците од нашиот манастир живеел некое време кај нив пред да конвертира, и ни кажа како тие ги носат нивните монашки облеки само во Црква, јадат месо, си ги кратат косите и воглавно, тие се едно интересно братство. Ова е духот на новото време кое е изморено од светите преданија на нашата вера. Ние нема да си го загрозуваме нашето спасение бивајќи во заедница со нив, дури и ако некои од нив може да изгледаат како многу Православни, бидејќи ние знаеме подобро од тоа.
За да го завршиме она што го рековме за ревноста, ќе проговориме за она што неодамна го чувме, за некои клирици кои ја напуштија Светата Православна Црква во Северна Америка. Тие го направиле овој чекор, поради нивната т.н. ревност, но можеби имаше друга причина, можеби „ревноста“ за верата беше прикривање, а можеби дури ни самите тие не беа свесни за ова; можеби беа толку заслепени, та поверуваа дека тие се во право, или сакаа да поверуваат во тоа. Свети Доротеј од Газа вели дека има три степени на лажење. Првиот е едноставно да лажеш, вториот е да лажеш толку многу, така што некој ќе ти поверува на твоите лаги, а третиот е кога целиот живот ти станува една голема лага. Овие клирици заминаа многу брзо. Архиереите ги прашаа за причината и веднаш потоа добија одговор. Тие дадоа неколку интересни причини. Една поплака беше дека им даваме нафора на новокалендарците. Најдефинитивно ова не е догматско прашање, но моето прашање е, доколку ова било толку голем проблем, тогаш зошто, откако нè напуштија нас, тие пристапија кон јурисдикција која отворено им дава нафора на новокалендарци? Всушност, јас и не знам некоја старокалендарска јурисдикција која воопшто не им дава нафора на новокалендарците. Јас имам некои роднини кои се новокалендарци и кои често одат во овие цркви, не поради убедување (бидејќи Црквата им е блиску), и тие постојано добиваат нафора. Друг проблем. Херојот на овие тројца беше Владиката Андреј од Spring Valley, бидејќи еден од овие свештеници го има запознаено. Јурисдикцијата на која конечно ñ се приклучија никогаш нема да го признае Владиката Андреј како свет човек, зашто неговата еклисиологија не беше иста како нивната. Тие нè обвинија за новотарии, што воопшто ги немаме, но кога беа прашани да дадат примери за тоа, како сме паднале во нашето исповедање на верата, ни дадоа негативен одговор. Нешто не е во ред овде. Во друга прилика, други тројца клирици нè напуштија и нивната главна поплака беше дека ние сме биле неканонски, затоа што сè уште немаме избрано архиепископ. Но тие конечно ñ се приклучија на група која исто така немаше архиепископ, па дури ни местобљустител! Кои се вистинските причини? Ова потсетува на една од протестантските секти. Не обрнувајќи внимание на заповедта на нашиот Спасител да ги учиме „сите работи“, тие си го одбраа она што им се допаѓа, и кај човечките битија, какви што сме сите ние, секогаш ќе најдете нешто погрешно кога упорно го барате тоа. Фарисеите секогаш Го слушаа нашиот Спасител, но не заради нивното спасение, туку за да Го „фатат во некој Негов збор“. Да ги земеме во предвид овие примери и да внимаваме. Сфаќам дека ова се чувствителни теми, зашто некои луѓе од нашите парохии се пријатели со оние кои им припаѓаат на оние јурисдикции кои нè напуштија, сепак овие два примера се дадени за нас, за да бидеме будни. После сè, кога нашиот Спасител сакаше да им упати порака, во она време, Он говореше многу остро против Фарисеите. Да не стануваме секташи. Кога еднаш ќе се случи, тогаш е тешко да се врати во здравата реалност на вистинска Црковна администрација. Само затоа што самите сме се одделиле од новотарите, тоа не значи дека треба да продолжиме со барање причини за уште поделби, да не ја заборавиме заповедта на нашиот Спасител дека сите мораме да бидеме едно. Да внимаваме на оние други врати.
Еднаш еден Православен Христијанин ми кажуваше за датумот, на кој, според неговото убедување, благодатта ги напуштила новокалендарските јурисдикции и јас го испровоцирав неговиот став соопштувајќи одредени факти и со заклучок дека ние не го знаеме моментот кога со оддалечува благодатта. Бог ги знае сите работи, а не ние. Само да наведам еден од многуте примери, при кревањето на анатемата помеѓу Папата и Цариградскиот Патријарх (настан што се случи во Ерусалим), Ерусалимската Црква апсолутно одби да учествува. Не само тоа, туку и кога го прашаа дали може да го извршат официјалното „кревање“ во еден од Светите Храмови, Патријархот Бенедикт одби. Исто така тој им кажа на сите членови на неговата Патријаршија да не учествуваат. Некој можеби ќе рече „па што, Ерусалим сè уште беше во заедница со Цариград“, да, ова е вистина, но она што го направи Патријархот Бенедикт беше барем нешто мало во поглед на неговото покажување дека не се согласува. Најдефинитивно јас не ја поддржувам Ерусалимската Патријаршија, но ова е само еден пример за начинот како една Црква се справила со овој предмет. Се разбира, Бог е судијата како што рековме и затоа не можеме да кажеме кога благодатта апсолутно се оддалечува. Не велам дека благодата останала, ниту пак велам дека се оддалечила, но она што го велам е дека ние не знаеме кога се оддалечила благодатта (Нашите Епископи имаат напишано драгоцен текст во врска со темата „Благодат“ и оние кои не го прочитале, а сакаат да го прочитаат, лесно може да побараат и да добијат копии). Мнозина од нашите клирици и верници ги напуштија новотарите при кревањето на анатемата верувајќи дека тоа беше последниот голем чекор во компромитирањето на верата. Некои од нашите луѓе имаа надеж и останаа сè до тој момент. Задграничната Руска Православна Црква од друга страна, пак, имаше многу блиски односи со Ерусалимската Патријаршија, како и со Српската, додека ние бевме во заедница со неа. А Ерусалимската Патријаршија беше во целосно заедничарење со Цариград. За некои, тоа би нè направило нас еретици. Всушност тоа би ги направило сите традиционални Православни Синоди еретички, во еден или друг момент, бидејќи и Матеевците и Флоринтјаните беа регулирани во нивниот неканонски статус од Задграничната Руска Православна Црква. Дали од ова секој станува еретик? Дали тоа значи дека ние сме биле во заедничарење со Цариград дури и на „мала врата“?
Истата оваа личност која ми раскажуваше за времето кога благодатта ги напуштила Официјалните Цркви, при друга прилика ми раскажуваше за упокојувањето на неговата мајка. Тој рече дека неговата мајка била многу праведна жена која секогаш се молела и постојано одела во Црква. Како резултат, на денот на нејзиното упокојување таа се причестила и со молитви на нејзините усни се упокоила. Бивајќи просветен од оваа приказна јас му реков дека тоа е зачудувачки но јас не бев свесен за фактот дали во тој дел на Грција има старокалендарска парохија. Тој ми кажа дека немало. Таа се упокоила според новиот календар. Тогаш јас го потсетив дека тој ми кажа дека нема благодат кај новокалендарците, а тој ми одговори, „таа не знаеше ништо подобро, таа беше само една стара баба!“ Па, си помислив, кога се работи за семејството сè уште може да има благодат, но поинаку нема благодат! Не можеме да имаме селективна теологија „земи што ти одговара“, ниту пак можеме да базираме сè врз нашите емоции, коишто, како што знаеме, може да бидат манипулирани од демоните.
Она што мора да го разбереме е дека одредени канони биле напишани за одредени ситуации, во одредени временски периоди, во коишто биле применливи. Пример за ова е канонот што забранува да се оди кај еврејски лекар. Екуменистите постојано го употребуваат ова за да си ги оправдаат нивните дејствија велејќи, дека денес никој не го почитува соодветно канонот, бидејќи, очигледно има многу лекари Евреи. Меѓутоа, ова било напишано во време кога еврејските лекари употребувале еврејски гатања врз нивните пациенти, и затоа верниците биле предупредени да не одат кај нив. Денес овој канон не важи зашто го немаме овој проблем. Меѓутоа, работите од верата се сосема различен предмет. Затоа се потребни внимание и расудување. Мораме да имаме на ум дека каноните се за да нè водат – тие се упатства, а не закон.
Се сеќавам на еден настан од животот на нашиот Старец Јосиф Спилеот кој му беше Старец на Старецот на нашиот манастир – наш духовен дедо. Пред да стапи на Света Гора тој беше читал една книга наречена „калокерини“ којашто беше збир од житија на светители кои ги славиме во лето. Во едно од житијата тој прочитал дека мора да му простиме на братот пред да зајде сонцето, доколку сме имале препирка во текот на денот. После неговото доаѓање на Света Гора тој го посетил Старецот Даниил кој живеел во неговата ќелија, во скитот Катунаки, којшто е зависен од Манастирот Велика Лавра. Младиот Франко (световното име на Старец Јосиф) забележал дека двајца браќа имале мала расправија. Им било потребно некое време да се смират, па така, поминала ноќта, а тие сè уште не побарале прошка еден од друг. Франко, кој тогаш не бил официјално ни послушник, му се пожалил на Старецот Даниил дека двајцата монаси сè уште се немаат помирено, иако зајдисонцето беше поминало. Старецот Даниил му рекол да не се грижи, зашто тој и обајцата ги познавал духовно и дека се ќе биде во ред. Но Франко упорно настојувал велејќи дека, книгата вели дека сонцето не смее да зајде во гневот твој. Тогаш, Старец Даниил му рекол да си ја земе книгата и да оди да си најде друго место за живеење, „ти дојде во братството за да нè поучуваш или да бидеш поучуван?“ го прашал тој. Старец Јосиф во тоа време бил многу неискусен и не го разбирал духовниот живот, па така потребно му било искуство.
Друго опасно нешто што мораме да го разгледаме е она на современите „старци“ коишто им припаѓаат на екуменистичките јурисдикции. Можам да зборувам најмногу за оние од Грција. Мораме да разбереме неколку нешта. Некој од нив, секако, би требало да обрне внимание на зборовите на Апостолот „ако и ангел од небесата ви проповеда друго евангелие, не го слушајте“. Сепак, прашање е колку „ангелски“ се мнозина од овие старци. Секако, ние во нашиот манастир во Бостон знаеме неколкумина коишто длабоко ги почитуваме. Еден од нив беше нашиот старец Јосиф Спилеот. Се разбира, нашиот старец Јосиф се упокои пред кревањето на анатемата, па ова ги менува нештата за нас. Но неговиот соподвижник, старец Арсениј, не. Тој се упокои во почетокот на 1980 год. Знам некои клирици кои се многу „строги“ во нивната еклисиологија, но едно нешто што тие не можат да го негираат е, дека Старец Арсениј беше посебна личност, кој беше благословен со дарови на Светиот Дух, тие го знаат тоа зашто го имаа сретнато. Можеби житието на Свети Герасим Јордански ќе фрли малку светлина на овој проблем. Во житието на Свети Герасим, се раскажува дека тој бил заблуден следејќи ја Монофизитската ерес. Благодарение на залагањата на Свети Ефтимиј Велики тој пак бил вратен во Црквата. Меѓутоа, едно нешто го збунило Свети Герасим, имено, како тој имал благодат да прави чуда преку неговите молитви, дури и кога бил во заедничарење со Монофизитите. Тогаш му било откриено дека причината за ова е затоа што тој бил следбеник на ереста од незнаење. Меѓутоа, забележете, Свети Ефтимиј Велики сè уште се трудеше да го врати во Црквата. Не беше доволно тоа што тој правеше чуда. Помеѓу некои од денешните т.н. старци од екуменистичките јурисдикции, најголем дел од нив зборуваат против екуменизмот. Но некој може да се чуди слушајќи за некои од нивните „знаци“ кои тие ги прават. Се разбира, во Црквата има место за знаци и чудеса, а сепак Светите Отци нè учат да внимаваме, да бидеме многу внимателни во верувањето на овие знаци. Свети Максим Капсокаливит ни дава објаснување како можеме да препознаеме што е од Бога, а што од лукавиот. Да наведеме еден пример за „вистински“ знак во Црквата. При неколку прилики имаме појавување на Крстот на небото што се спомнува во житијата. Последен пат ова се случи во 1925 год., кога 2000 традиционални Православни Христијани беа сведоци на ова чудо, додека верниците беа собрани на богослужба во Црквата на Свети Јован Богослов, надвор од Атина, за празникот Воздвижение на Крстот, на 14 септември според Црковниот календар. Некои од нас дури имаат и сретнато луѓе кои присуствувале на ова страшно чудо. Не знам за вас, но кога 2000 луѓе сведочат за нешто, било тоа да е чудо или судски случај во судовите, јас попрво би им поверувал ним, отколку на двајца или тројца „старци“ кои велат дека зборувале со Мајката Божја, особено ако виденијата на старците биле лажни. Впрочем, чудата се за слабите. Знакот на Крстот на небото беше охрабрување за верните кои веќе сфатија што се случува, и за оние кои не беа толку сигурни. Знак е или не е знак, нештата треба да ни бидат јасни. Но бидејќи тоа беше знак, ајде да ги прашаме оние кои им припаѓаат на екуменистичките јурисдикции: можно ли е Бог да направи грешка? Не знаеше ли Бог дека оние луѓе, кои беа сведоци на ова чудо ќе, останат верни на црковниот календар? Не мислам дека Бог сакаше да ги направи расколници. Од друга страна, пак, еден „знак“ од упокоен атонски старец кој припаѓа на Цариград ни паѓа на памет. Додека бил во неговата ќелија (или монашка куќа), група поклоници сакале да го посетат и да земат благослов од него. Сите добиле благослов освен еден, комушто старецот не му дал. Кога го прашале зошто не му дал благослов, тој им одговорил дека тој човек бил масон, и тој не сакал да го прими. Ова навистина било така. Сепак, некој можеби ќе се праша, доколку ова навистина било точно, зошто да се биде толку непопустлив во врска со спомнувањето на Патријарх кој е истакнат масон? Ова навистина иницира некои прашања.
Некои од нас биле удостоени да сретнат многу свети луѓе. За некои од нив ми раскажуваше старецот на нашиот манастир, но исто така, и јас самиот бев удостоен да запознаам неколкумина од нив. Една од нив беше Тарсо, Јуродивата (Лудата) заради Христа. Ако сакате да зборувате за чудеса, таа правеше неверојатни чудеса. Сепак, таа беше верна на Црковниот календар, и верна на Црквата. Меѓутоа, она што го забележав кај неа и кај други, беше многу слично со она што го забележал старецот на нашиот манастир, а тоа е дека, иако тие беа многу верни на Црквата, тие не беа непријателски расположени кон новокалендарците, туку дури во одредени случаи, многу сочувствителни кон луѓето. Постоеше исто така и Старец Јоаким од Света Гора. Мнозина од оние кои го спомнуваат Цариградскиот Патријарх веруваа дека еден ден, Старец Јоаким ќе се освести, бидејќи беше многу духовен човек, и ќе почне да го спомнува Цариградскиот Патријарх. Го спомнувам ова во врска со новокалендарците, зашто мислам дека многу може да се направи во враќањето назад на верните во стадото на Црквата каде што припаѓаат. Ќе ми простите на изразот, тие се лесен плен. Сепак, со силно смирение, ние можеме да им помогнеме на едноставните луѓе да се вратат на нивните корени, и не мислам дека тоа ќе го направиме со тоа што постојано им затвораме врата. Многу клирици и верници од СПЦСА не се родија во СПЦСА. Треба да се сетиме како ние сме влегле во Црквата. За некои било потребно повеќе време, за некои помалку. Треба да го запомниме ова, кога гледаме новокалендарци да се интересираат за нас, и кои се изморени од она што се случува во нивните јурисдикции. Има и такви кои воопшто не се грижат за овие теми, но со текот на времето, откако ќе стапат во Црквата, биваат просветлени. Во молитвата на Часовите Го молиме нашиот Спасител да ги „очисти нашите мисли“. Не секој има најдобри намери (мисли) уште веднаш. Просветлувањето доаѓа со текот на времето. Ние треба да покажеме цврстина, урамнотеженост и единство, и кога зборуваме со нив, треба да се сосредоточиме на работите од верата, повеќе, отколку на личните гревови на нивните водачи. Гревовите секогаш можеме да ги најдеме насекаде, но поучени сме да не судиме. Од друга страна, пак, кога станува збор за работи од верата, Свети Василиј Велики ни кажува дека треба да судиме, или поточно, да расудуваме за ситуацијата.
Во заклучокот сакам да укажам дека поделбите и скандалите во црквата се многу сериозна работа. Повторувајќи ги зборовите на Свети Павле ние сме научени да ги избегнуваме. Поделбите помеѓу т.н. „старокалендарци“ и „новокалендарци“ не беа предизвикани од традиционалните Православни, туку од оние кои прават новотарии. 15-от Канон од Прво-вториот Цариградски Собор треба да го разјасни ова, зашто многу често се применува за нашава денешна ситуација: „зашто оние, коишто поради некои ереси осудени од Светите Собори или Отците, се одделуваат од заедничарење со нивниот претстојател (којшто јавно проповеда ерес и јавно учи така во Црквата), таквите личности не само што не подлежат на канонска казна за тоа што, уште пред да има соборна одлука, се одделиле од таквиот епископ, туку, напротив, ќе се удостојат да уживаат чест што им доликува помеѓу Православните Христијани, зашто тие не осудиле епископи, туку лажни епископи и лажни учители; и тие не го нарушиле единството на Црквата со раскол, туку, напротив, побрзале да ја ослободат Црквата од расколи и поделби“. Таканаречените „конзервативци“ на Вселенската Патријаршија, треба да го прочитаат овој канон пред да тврдат кој е, а кој не е во раскол. Времето не ни дозволува да ги цитираме Светите Отци за местото на Епископот во Црквата. Јас би им предложил на оние кои се заинтересирани да ги прочитаат текстовите на Свети Игнатиј Антиохиски во врска со Епископите, клирот и поредокот во Црквата. Ова е многу важно четиво. Сепак она што ќе го кажам е дека Епископот е икона Христова според Православната Теологија. Каде е Епископот таму е и Црквата, како што веќе рековме. Затоа многу ги почитуваме нашите Епископи. Јас ве уверувам дека нашите епископи не само што го држат знамето на Православие на високо, туку тие исто така ја проповедаат верата и ја практикуваат, имајќи искуство и од духовниот живот и од пастирската грижа. Ја користам оваа прилика да побарам од вас да останете верни под нивно раководство. Јасен е нашиот еклисиолошки став, секогаш е истиот, и ние нема да го смениме тоа зашто самата цел на нашето постоење е да се држиме до учењата на нашата вера наспроти многуте препреки. Ако некој има некакви помисли или сомнежи за нашиот став, одете кај изворите (архиереите) да разговарате за тоа, да не дозволите да се умножат помисли, зашто ѓаволот ќе го искористи тоа. Таткото на лагата манипулира со нашите чувства, и ако му се предадеме, тој ќе има способност да ги зацврсти помислите, односно ако не ги исповедаме нашите помисли кај поискусен. Гордоста е единствената работа која нè спречува да го направиме тоа. Колку повеќе им се предаваме на помислите, толку поголема станува силата на демоните, затоа: внимавајте. Не знаеме што ни носи иднината, но искрено се молиме Бог да ни даде, ние верните да останеме во Црквата до самиот крај од нашите животи, и да живееме на Православен начин. Ако навистина сакаме да бидеме спасени Бог ќе се погрижи за ова. Тогаш ќе можеме да кажеме со сета доверба како вистински слуги Божји „Поголем е Оној, Кој е во нас, отколку оној кој е во светот“. Амин.
[1] Се празнува на 25/12 Ноември (заб. на прев.).
[2] Во текстот на босански јазик стои: „ Борете се против оние на кои им е дадена Книгата, а кои не веруваат ни во Алаха ни во оној свет, не го сметаат за забрането она што Алах и Неговиот Пратеник го забрануваат и не ја исповедаат вистинската вера“.
[3] Воскресен тропар први глас. (заб. на прев.)
[4] Догматик (богородична стихира на Господи Возвах) втори глас. (заб. на прев.)
[5] Зборник од канони. (заб. на прев.)
[6] Авторот на овој текст сега е Митрополит на цела Америка – заб. на СВЕТА РЕВНОСТ.
Преземено: Владика Димитриј