Екуменизам – еклисиолошка ерес (8)

450078108ПАТРИЈАРХОТ АТИНАГОРА ВО ВАТИКАН

Во петок на 26 октомври 1967 г. папата Павле VI и патријархот Атинагора се сретнале по трет пат. Со солзи размениле израз на мистична љубов, свет братски целив што пред очите на милиони гледачи кои сето тоа го набљудувале преку Евровизија, навистина претставувало трогателна сцена. Тоа бил најјак доказ за единството во Христа. Двајцата првоерарси благословувајки го народот влегуваат во преполниот храм во кое кардиналите веке завзеле места, преку двесте членови на Бискупскиот Синод, клирот и претставници на редовните заедници на Рим, членови на дипломатскиот кор и други заедници.

На почетокот се поклониле пред капелата на Светите Тајни и Богородица, а потоа се упатиле до гробот на апостолот Петар додека хорот на сикстинската капела пеел разни химни. Таму обајцата тивко се помолиле и патријархот дарувал едно византиско кандило кое самиот го запалил. Потоа се искачуваат на централниот олтар над гробот на апостол Петар кој го покрива величествениот цибориј на Бернини. Прв пат во историјата на папството покрај папскиот трон поставен е уште еден за првопрестолниците на стариот Рим и Новиот Рим. Оттаму папата и патријархот учествувале во богослужбата која всушност била скратена божествена литургија без проскомидија, осветување на дарови и причест, нешто како претходноосветени дарови само без евхаристискиот дел кој ке се вклучи кога се ке биде спремно за сослужување, односно, кога Светиот Дух ке го овозможи тоа со своето вдахновение. Богослужењето почнало со 118 псалм, воведната молитва, читањето на апостолот (фил.2,1-11) на латински јазик. Потоа следела химната “UBI CARITAS”. Прочитано е Евангелието (Јн. 13,1-15) на византиски напев на грчки јазик. Потоа почнале ектениите на верните на шест јазици на кој народот громогласно одговарал кирие елеисон. Прочитан е прологот на “вознесение”со една друга папска молитва за единство на црквата. Потоа хорот ја отпеал песната: Свет Свет Свет Господ Саваот. Сите го прочитале “Оче наш”, по што следеле поздрави. По службата се симнале во криптата пред гробот на папата Јован XXIII каде патријархот Атинагора видно возбуден запалил свеќа, го прокадил гробот и отпеал неколку песни од службата заупокоени. Потоа на гробот положил три класа со зборовите од Евангелието: “Ако зрното пченица паѓајки на земјата не умре, останува само; а ако умре ке донесе голем род” (Јн.12,24)Папата потоа рекол: “Вие го претставувате преданието на Црквите на Понт, Галилеја, Кападокија, Азија и Витанија.” Патријархот му одговорил: “А вие сте носител на апостолската благодат и наследник на плејада свети луѓе кои се повикани на Тронот први по чест и поредок во Вселенската Црква.”

Богослужењето завршило со молитва на патријархот за мир на Црквата и светот и со апостолски благослов на двајцата првопрестолници. Потоа го обиколиле главниот олтар додека хорот ја пеел химната:”Пејте му на Господа песна нова”(Пс.97).

 Сите овие небулозни активности и сентиментално-пророчки изјави зачинети со бујна грчка реторика предизвикале незадоволство и бура помеѓу многу православни христијани. Митрополитот Флорински Августин во 1969 год. поднел представка до синодот заради “неканонските и неправославни активности на Патријархот”. Света Гора протестирала уште порано во1964 г. кога атонските монаси ги осудиле “овие проунијатски активности и ставови на Вселенскиот Патријарх и неговите истомисленици”. Тие апелирале на Патријархот да престане со екуменистичките активности, а доколку продолжи со нив се заканиле дека ќе престанат да заедничарат со него. Протестите стигале од сите страни. Поглаварот на Руската Задгранична Црква, митрополитот Филарет во своето писмо до патријархот Атинагора по повод “тргнувањето на анатемата” истакнува дека никој нема право во името на целата Црква да го прави она што е противно на учењето и на црковните канони. Тој се повикува на 15 канон од Прво-вториот собор во Цариград од 861г.  кој ги нарекува “чесни  меѓу православните христијани” оние епископи и клирици кои ке го прекинат заедничарењето со својот патријарх  доколку тој отворено проповеда ерес. Од сите страни се слушал ставот “да нема компромиси во нештата на православната вера”. Каков е одговорот на Цариград на сето тоа?

Целосно игнорирање. До денешен ден Вселенската Патријаршија не објавила никаков демант, или барем објаснување за своите еретички ставови и активности, туку со нив продолжува уште подалеку. Останатите помесни Православни Цркви не само што молкум преоѓале покрај се што се случувало чувајки го лажниот мир во Црквата и со тоа премолчно аминувајки го воведувањето на новата ерес во рамките на Црквата, туку поедини претставници на нивните хиерархии и сами почнале активно да учествуваат во екуменизмот надминувајки ги често и “кардиналите од Фанар”.

Екуменистичките кругови во патријархот Атинагора виделе “пророк на новото време”, “духовен татко на православната ренесанса”(архиепископ Јаков, американски).[1] Списанието Ekklhsia  предничело во пофалбите прикажувајки го како светител (Ekklhsia 1.15.1972). Архиепископот Атински Јероним, кој останал запаметен како голем пријател на римокатолиците и екуменистите без никакви резерви, по повод смртта на патријархот Атинагора во 1972 г. изјавил дека “великите не умираат, а Атинагора навистина беше велик… Тоа дека беше велик најдобро го потврдува не само неговиот живот туку и неговата смрт. Бидејки никогаш до сега во историјата на Православната Црква смртта на еден поглавар не предизвикала таква се-христијанска тага и сочувство на целиот свет. Дури и Свештената општина на Света Гора упатила телеграма во која ја изразува молитвената желба “душата на упокоениот патријарх да се најде во заедница со Златоуст, Василиј, Григориј и Фотиј Велики”. Тешко е да се разбере до која мера полтронската куртоазија може да ја доведе христијанската совест. Чесен пример за спомен е еден атински ѓакон кој одбил да служи парастос на патријархот Атинагора бидејки тој бил еретик. Секако многу православни христијани во Грција биле шокирани од нечујното предавство на Православието во Фанар, но за жал на такви тонови ретко наидуваме во изјавите на црковните  челници. Сепак гласови на протест доаѓале од страна на големите духовници како што биле о. Епифаниј Теодоропулус[2] и отец Филотеј Зервакос, игуман на манастирот Лонговард на Парос кој како верно духовно чедо на св. Нектариј Егински на време ја осетил опасноста на екуменистичката ерес.[3] Протестирал и митрополитот Филарет од Њујорк со своите прочуени “писма на болката”, потоа бројни теолози и совесни христијани од целиот свет.

Официјалната Српска Црква пред сето тоа молчела. Единствено се чул гласот на архимандритот Јустин Ќелијски, кој во повоениот период на општа апостасија и колаборационизам со безбожните власти, бил и останал “духовен Патријарх” на православниот српски народ. Тој длабоко чувствувајки го и литургиски преживувајки го духот на апостолската и светоотечка вистина, по повод патријархот Атинагора напишал: “А патријархот цариградски? Тој со своето неопапистичко однесување со своите зборови и дела со децении ја соблазнува православната совест одрекувајки ја единствената и сеспасоносна вистина на Православната Црква и вера, признавајки го Римскиот врховен првосвештеник со сета негова демонска гордост..”

Овие зборови јасно изразуваат еден зрел, искрен и светоотечки став кон патријархот еретик, како и прецизна дијагноза на основните намери на Цариград, кој наследниците на патријархот Атинагора се до денес ги спроведуваат пред очите и со премолчно одобрување на официјалната Црква.

Сите овие случувања и активности на првоиерархот на Цариградската Црква и неговите истомисленици ширум православниот свет пластично го одржуваат основбниот дух на философијата на XX век која иако разединета на  стотици различни философски  правци и идеологии сепак има заеднички именител. Нејзе можеби нај јасно ја изразил Иван Карамазов кој вели: “Бог е мртов и затоа човекот станува Бог и се е возможно”. Ова мисла е сржта на современиот нихилизам, анархизам и екуменизам. Екуменистите упорно ја употребуваат синтагмата “Нова Епоха”. Во коренот на таа идеја лежи древната ерес на хилијазмот, бидејки што друго би можело да оправда такви радикални промени и монструозни изопачувања на Православието освен фактот дека влегуваме во нови историски околности, нов вид на времиња во кои идеите од минантото повеке не се важни. Основен раководител со сите овие движења всушност е духот на времето. Римокатоличката “црква” со векови води борба да го преобрази Христијанството во хуманизам. На Вториот Ватикански Концил истакната е потребата од усовременување на црквата во секој поглед – aggiornamento (усовременување). Папата Павле VI пророчки изјавува: “VOX TEMPI – VOX DEI” (Гласот на времето е глас Божји).Колку само е тоа спротивно на светоотечкиот начин на размислување на великиот исповедник на Православието – Св. Атанасиј Велики кој говорел “Знајте дека мораме да му служиме не на (ова) време туку на Бога.” Беше потребно значи да се направи реформа и на Истокот. Патријархот Атинагора упорно работел на воведување на новиот дух во црквата не обѕирајки се на тоа дека на тој начин прекршува десетина канони и целокупната свештена традиција на Црквата. Всушност, неговите истомисленици никогаш и не пробале да го оправдат како теолог или како традиционалист. За нив тој е “пророк на новото време” чии идеи не можат да се осудат затоа што тој веке  живее во “новото време” пред своето време и својата генерација. Самиот патријарх често говорел за “Третото доба на Светиот Дух”. Се работи за стара хилијастичка идеја која ја проповедал и Берѓаев, а може да се следи во минатото од Јаким од Фиоре, а индиректно од монтанистите. Идеата за Новото време ја обзема речиси цела европска мисла во периодот на последните два века. Овие идеи посебно се актуелни во многуте современи движења обединети под името New Age (Ново Време), или The Age of Aquarius (Време на водолијата) што означува почеток на новиот астролошки циклус и крај на еден цивилизиран период во кој доминирало Христијанството. Во намера целосно да ги отворат дверите на илјадагодишното царство на мирот и благосостојбата на земјата, главните инспиратори на оваа идеја константно го форсирале поимот “прогрес” кој е клучен збор на сите европски револуции. Постојано се зборува за новата моралност, новото разбирање на религиите, братството на сите народи и вери, толеранција и компромис, пролетта на Христијанството и потребата од реинтерпретација на поимот Црква. А сите овие спомнати идеи и ним сличните во областа на политиката и економијата се составен дел од Новото светско движење, кое има за цел да го прекрои Божјиот Поредок, и да создаде човечко царство на земјата без Бога. За жал и покрај најверојатно искрените и добри намери на некои наивни екуменисти, ова движење служи токму за спортивната цел, уништување на Црквата и Православната вера и оставањето на земното царство на антихристот.

[1] Архиепископот Јаков дал да се подигне голема статуа на патријархот Атинагора во паркот на богословското училиште во Бостон. Статуата го претставува патријархот со путир во раката како ги повикува сите христијани на општење во едната чаша. Не е за чудење ако еден ден екуменистите покренат процес за канонизација на патријархот Атинагора. Тоа би бил единствениот “светител” на Црквата што ги поддржувал екуменистичките ставови.

[2] Архимандритот Теофаниј Теодорополус светоотечки напишал остро отворено писмо до патријархот Атинагора во кое го обелоденува неговото предавство на Православната вера. Писмото е објавено во списанието “Три иерарси” бр. 1228, 1965 г.

[3] Отец Филотеј Зервакос напишал едно отворено писмо до патријархот Атинагора во кое светоотечки остро му дава една поука за смирението и му порачува: “Ако навистина го сакаш папата, оди и кажи му ја целата вистина: – Драг папа, бидејки те љубам ќе ти кажам една непобитна вистина. Слушај, ако имаш уши да чуеш. Ти си прв во гордоста, а јас сум веднаш зад тебе. Ти, поради тоа што велиш дека си непогрешлив, а јас, затоа што ме викаат Најсвет. Објацата сме лажговци, затоа што ни ти не си непогрешлив, ниту јас сум најсвет. А ако луѓето, со намера да ни ласкаат, не нарекуваат непогрешлив и најсветол, да им ја кажеме вистината. Ние не сме она што мислите. Ние сме грешници. Кажете им го она што Богочовекот, Господ нашиот Исус Христос му го рекол на момчето:”Зошто ме нарекуваш добар,? Никој не е добар, освен едниот Бог.”(Марко 10,18)…” Патријархот луто му го вратил писмото на о. Филотеј не задржувајки го во себе за да не остане во патријаршиските архиви. Orthodoxoy tupy Атина 1979 г.

Продолжува…

Превод: Р.К. 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *