Екуменизам – еклисиолошка ерес (7)

ПАПАТА ПАВЛЕ VI ВО КОНСТАНТИНОПОЛ

“Папата носејки ја панагијата која му ја поклонил патријархот во Ерусалим пристига пред портите на Патријаршијата. Ѕвончето одекнува, а насобраното мноштво поздравува со аплаузи и со восклици. Го пречекуваат митрополитот халкидонски Мелитон и деркискиот Јаков. Кон папата приоѓа свечена литија составена од ѓакони и архимандрити облечени во златовезни одежди и го следат до влегувањето во патријаршискиот храм св. Георги. Таму го чека Патријархот кој ја носи својата свечена мандија. Со солзи во очите разменуваат целив во Христа и заедно влегуваат во внатрешноста на храмот, додека триесет и петчлениот византиски хор пее “колку е добро и убаво кога браќата живеат заедно” (Пс.132,1).

Двајцата првоерарси се качуваат на една ниска платформа на која има два идентични трона пред царските двери на иконостасот. Тука се молат, “земаат време” како да ќе служат заедно. Десно од папата е нареден Светиот Синод и гостите иерарси. Лево од патријархот се кардиналите и надбискупите од папската пропрата. По тропарот на Светиот Дух, на апостолите Петар и Павле и на Богородица, следуваат стиховите од големото славословие и ектениите кои ги читаат ѓаконите. За прв пат во последните петстотини и повеке години се слуша од православна уста громогласната просба – УШТЕ СЕ МОЛИМЕ ЗА НАЈСВЕТИОТ ПАПА РИМСКИ И АРХИЕПИСКОПОТ И ПАТРИЈАРХ НАШ… тоа била навистина трогателна историска заедничка молитва, прва пред жртвеникот и народот.” Службата завршила со молитвата на патријархот и со заедничкото читање на “Оче наш”. Потоа уследиле поздравите на двајцата „иерарси“ во форма на дијалог:

ПАПАТА: Брате, многуљубен во Христа! Пред три години Бог ни даде во својата бескрајна добрина да се сретнеме со вас во Светата Земја каде Христос ја основа својата Црква и ја проли својата крв за неа… Денес таа иста љубов Христова и на Неговата Црква не носи да размениме целив на братска љубов овде каде нашите отци во вера преминаа и ја исповедаа со едно срце Света Тројца, неразделна и единосуштна.

ПАТРИЈАРХОТ: Најсветол и во Христа многуљубен брате! Слава на Бога кој прави чуда кој не удостои денес во својата бескрајна љубов и со највисока почест да ја примиме Вашата толку љубена и почитувана Светост која ни доаѓа од стариот Рим носејки го нејзиниот целив на својата помлада сестра (Црквата на Новиот Рим – Константинопол)

ПАПАТА: Во светлоста на нашата љубов кон Христа и меѓусебната братска љубов, повторно ја откриваме длабоката еднаквост на нашата вера, а работите во кои сеуште не сме согласни не треба да не спречуваат да го чувствуваме тоа длабоко единство.

ПАТРИЈАРХОТ: Господ постепено не водеше и не доведе пред болната точка на нашата заедничка историја. И ни нареди да ја кренеме завесата која не разделува… Укажувајки послушание на Неговата волја, тежнееме кон единство на сите и целосно општење на љубовта и верата во заедничката Чаша Христова…

ПАПАТА: Љубовта ни дозволува да видиме како нашето единство расте во сослужување и не поттикнува да ги придвижиме сите сили за до го забрзаме доаѓањето на тој ден Господов… Признавајки и почитувајки се едни со други… грижејки се за целовитоста и растењето на народот Божји и избегнувајки го се она што може да го раздели. Љубовта е витална точка, незаменлива за раст на верата, а заедничарењето во вистината е услов на целосна манифестација на љубовта која се изразува во сослужување.

ПАТРИЈАРХОТ: Ке изградиме тело Христово, ке собереме се што е растурено со заедничко црковно настојување… усмерувајки го теолошкиот дијалог кон принципите на целосната еднаквост во темелните основи на вистината и слободата.

ПАПАТА: Со нелицемерна љубов Ве целиваме со свет целив.

ПАТРИЈАРХОТ: Благословен си брате кој доаѓаш во името Господово.

Во 21:10 ч. папата дошол во латинската црква Св. Дух. Дочекан е со громогласно ѕвонење. Одвај успева да се пробие низ масата народ кој се насобрал. Мешовит хор во придружба на оргули ја пее химната “Christus vincit”. По стихот со молитва за папата, хорот пее: “ATHENAGORAS ARCHIEPISCOPO CONSTANTINOPOLITANO ET OECUMENICO PATRIARCHA VITA, PAX ET FELICITAS PERPETUA.” Двајцата првопрестолници седнуваат на свечените тронови поставени пред олтарот. Папата ја носи панагијата од Ерусалим и епитрахилот со златовез, а патријархот златниот крст на папата Јован XXIII. Службата почнала со химната на Светиот Дух “Veni creator spiritus”. Потоа папата прочитал молитва, а потоа следувало читањето на Апостолот (Еф 3,8-21) и Евангелието (Јн. 14, 23-30). Хорот повторно ја запеал химната “Ubi caritas” а потоа почнале литаниите за обата првоерарси. Сослужувањето завршило со отпусна молитва и со читање на “Оче наш” на обата јазици. Откако папата и патријархот размениле целив на мирот и заедно го благословиле клирот и народот, го напуштиле храмот додека хорот пеел “Magnificat anima mea dominum” (Величи го душо моја Господа).

Превод: Р.К.

Екуменизам – еклисиолошка ерес (5)
Екуменизам – еклисиолошка ерес (4)
Екуменизам – еклисиолошка ерес (3)
Екуменизам – еклисиолошка ерес (2)
Екуменизам – еклисиолошка ерес (1)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *