Екуменизам – еклисиолошка ерес (1)

ekumenizamЕРЕС НАД ЕРЕСИТЕ

Православната Црква која со векови одолева на разните ереси, успеала да го сочува неосквернето исповедањето на богочовечката вера која ни ја предаде Господ Христос преку Апостолите и Светите Отци, денеска се наоѓа соочена со досега најголемата опасност. Новата ерес, сеереста на екуменизмот, од сите страни го нагризува единството на Православната Црква, нејзиното учење и вековното канонско устројство.

Феноменот на екуменизмот не е нешто ново и непознато. За него веке со децении се пишува и со право може да се каже дека се работи за една доста сложена појава. За разлика од древните ереси кои ги искривувале поедините точки на православното учење и богочовечкиот лик на Спасителот Христос, екуменизмот се манифестира на разни планови на црковниот живот. Во суштина се работи за цела низа на ереси кои удираат на самиот корен на православната вера – нејзината Црква. Затоа екуменизмот пред се е еклисиолошка ерес.

“Денеска целта на непријателот на човековиот род не е само да ги оддели верните од патот на спасението по кој го води Црквата Христова, туку да создаде сопствена “Црква Христова” на лажен и фалсификуван Христос, и да го претвори самото Тело Христово во една “екуменска” организација, за на тој начин да го подготви доаѓањето на својот избраник – Антихристот…” Екуменизмот, значи, своеволно го “коригира” Богочовечкото учење на Господ Христос сведувајки го на ниво на социјална, хуманистичка и пацифистичка идеја и самиот Христос го заменува со обезбожениот и секуларизиран европски човек. Накратко кажано, тој го реинтерпретира христијанството во духот на “Новото време” (New Age) и со тоа ги отвара дверите на Црквата за сите останати ереси и новотарии.

Во древната Црква зборот οικουμενικοζ (вселенски) е користен со значење за приведување на сите народи во полнотата и чистотата на вистината на Православната Католичка Црква. Оттука тој чесен атрибут е придодаден во називот на Цариградската Патријаршија. Денес овој израз се користи во сосема спротивно значење во остварувањето на надворешното единство на христијанските, но во последно време дури и на нехристијанските, конфесии жртвувајки ја полнотата на Богочовечката вистина со “компромис на љубовта”, со крајна цел остварување на совршена човечка заедница, своевиден рај на земјата, но без Бога.

Потеклото на оваа идеја не е тешко да се утврди. Таа е родена под закрила на рационалистичниот и хуманистичен Запад и целосно била туѓа на начинот на размислување на православните христијани се до почетокот на овој век, кога влегува на мала врата во Православната Црква, потпомогната од новосоздадената западномислечка интелигенција и владеачка класа, преку поедини иерарси на Цариградската Патријаршија, образовани на папистичкиот и протестантски Запад.

ПОЧЕТОЦИТЕ НА ЕКУМЕНИЗМОТ

Magna Charta на екуменизмот е втемелена уште од крајот на минатиот век, поточно во 1897 г. на конференцијата на 194-те англикански бискупи во Ламбет. На тој собир се формулирани основните принципи на екуменската унија на христијански “цркви”. Ламбетската конференција го афирмира догматскиот минимализам, кој поаѓа од фактот дека единството треба да се бара во минимумот заеднички сличности на богословските учења. Минималната заедничка основа требало да ја сочинуваат: Светото Писмо (но, вон контекст на Светото Предание), Никејско- Цариградскиот символ на верата и само две свети тајни – Крштевање и Евхаристија. Покрај тоа истакнат е и т.н. принцип на толерантност кон учењето на другите “цркви” и подготвеноста на компромис со љубов. Третиот принцип на Ламбетската конференција e прочуената Теорија на гранките (Branch Theory) која поаѓа од фактот дека Христовата Црква е како разгрането дрво, чие стебло ја претставува едната неделлива Црква. Гранките се разни “цркви” кои меѓусебно се рамноправни и ја претставуваат манифестацијата на едната Црква. Ниедна гранка поединечно не е Црква ниту ја поседува полнотата на вистината, та затоа поедини богословски преданија на локалните “цркви” треба да се усогласат преку дијалог за да се “реконструира” една вистина и видливо да се оствари една Црква.

Веќе во почетокот на дваесеттиот век, во 1910 г. во Единбург, во организација на протестантските “цркви” е одржана Светската мисионерска конференција (International Missionary Society) на која е одлучено да се организира Светско движење на христијани за прашањата на верата и црковното устројство (World Movement for Faith and Order). Истовремено со оваа движење дејствувало и движењето “Живот и Работа” (Life and Work) чија задача била да создаде единство на христијаните преку нивна соработка во секојдневните животни прашања. Овие две движења во 1948 г. ќе се обединат во т.н. “Светски Сојуз на Црквите” (The World Council of Churches) со седиште во Женева. Паралелно со ова тежнеење да се унифицира религијата, се работело и на создавање на друштвени меѓународни тела кои ќе овозможат создавање на услови за политичко обединување на светот.

Така во 1994 г. во Швајцарија е формирана т.н. “Лига на народите” која го претставува зачнувањето на “Организацијата на обединетите нации”. Во делувањето на обете овие движења забележлива е единствената намера да се создаде светско единство во сите видови живот но не во личноста на Богочовекот Христос и Неговата вистина. Во суштина се работи за една “хиелистичка” идеја на земното царство, која со векови го инспирира Западот и која се пројавува во разни видови преку папизмот, хуманизмот, марксизмот, масонеријата и други движења со слична ориентација.

Меѓутоа, најголема препрека на оваа идеја на религиозен план претставувало Православието со своите светоотечки и традиционално непомирливи ставови кон секоја модернистичка реинтерпретација на Христијанството, и со ставот дека вистинско мерило и начин на надминување на подвоеноста е само се-спасоносната вистина на Богочовекот Господ Христос. Господ не учи дека единството на сите луѓе може да се оствари единствено во Православната Црква, во Неговата Богочовечка личност, во Светата Причест и во единственото исповедање на Апостолската вера. Било потребно, значи, и Православната Црква да се вовлече во екуменското движење, и да се замени нејзиното учење за Црквата со екуменистичко-еклисиолошката ерес. На прв удар се нашле двете патријаршии кои имаат најголем углед и влијание во целиот православен свет. Набрзо покрај протестантите, главни актери на екуменизмот, за жал, станале и православните. . .

превод: Р.К.

Извадок од книгата: Екуменизам и време на апостасија

Продолжува…

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *