Духовни поуки од св. Нил Сорски

download-11За мислената борба против помислите и страстите, Светите Отци учат да им се спротивставуваме на лукавите помисли, колку што ни дозволуваат нашите сили. Награда за таа борба ќе бидат- или венци, или маки. Победнички венци им се даваат на оние кои што му се спротивставиле на непријателот, а на вечни маки ќе бидат казнети оние кои згрешиле и во овој живот не се покајале.

            Разумната и искусусна борба се состои во тоа што, говорат Светите Отци, треба да се отсечат и прогонат од себе лошите помисли, односно предлогот, уште на самиот почеток и во непрестаната молитва, зашто кој ќе успее да се спротивстави на првата предложена помисла, т.е. на предлогот, тој со еден удар ги пресечува сите нејзини наредни дејствија. Кој се бори разумно, тој злото од корен го искорeнува, односно лукавиот предлог на помислата.

            Особено за време на молитвата треба да се трудиме својот ум да го направиме глув и нем, како што вели св. Нил Синајски, и да имаме безмолвно срце кон секоја помисла, дури и кон таа што е добра, вели св. Исихиј Иерусалимски, зашто по бестрасните помисли следуваат страсните, како што е познато од опит, и првите(добрите) биваат причина за влегување во срцето на вторите(страсните).

            И бидејќи, како што веќе е речено, по добрите помисли следуваат лошите, тогаш треба да се принудуваме да не ги пуштаме и таквите помисли, за кои ние мислиме дека се добри, а постојано да сме во созерцание и од длабочината на срцето да говориме: „Господи Иисусе Христе, Сине Божји, помилуј ме!“. Понекогаш, оваа молитва ќе ја кажуваме цела, а понекогаш нејзината втора половина: „Господи Иисусе Христе, помилуј ме!“, или „Сине Божји, помилуј ме!“, онака ако што може монахот-почетник, вели св. Григориј Синаит. Не треба често да се менуваат зборовите, туку поретко. Некои отци, кон молитвата го додаваат и следниот збор: „Господи Иисусе Христе, Сине Божји, помилуј ме“ – зборот „грешниот“. И тоа Му е пријатно на Бога, особено ни доликува нам грешните. И така повторувај секогаш со усрдност, кога стоиш, или седиш, или лежиш, со умот и срцето.

            Кога особено силно ќе бидеш нападнат од помисли, тогаш стани и моли се за избавување од нив, а потоа фати се за својата работа… Ако и по твојата молитва помислите подеднакво продолжуваат и толку се умножуваат, што умот не е во состојба да внимава на срцето, тогаш говори ја молитвата непрестајно, усрдно и трпеливо.

            Ако те нападне леност или слабост – призивај го Бога на помош и принудувај сѐ колку што имаш сили, да не ја прекинуваш молитвата.

            И тогаш, изгонети со Божјата помош, сите искушенија ќе прекинат.

            Кога умот ќе се успокои од помислите, внимавај на своето срце и повторно продолжи со душевната умна молитва.

            Кога ние сме поразени од скверните помисли, ѓаволот, по својата злобна лукавост, става срам во нашето срце, задржувајќи нѐ, да не се обратиме кон Бога со покајание и да не ги вознесеме нашите молитви кон Него, за избавување од нив. Но, ние со нашето постојано покајание и непрестана молитва, да го победиме, и да не дозволиме непријателот да торжествува над нас, па макар и илјадници пати на ден, да дојде до прифаќање од него, да дадеме ветување дека, дури до самата смрт никогаш да не го оставаме ова живоносно делание.

Превод: СВЕТА РЕВНОСТ.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *