Духовни поуки на старец Теофан Новоезерски

  • imagesДуховниот живот, – говори старецот, – треба да биде прост, чистосрдечен, кроток, благопокорлив и смирен. Смирението е спасение без труд. Смирението на срцето е првиот и најглавен темел на домот душевен и на монашкиот живот. Зашто и Христос, Синот Божји, говори: „поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши“. (Мат. 11, 29).

* * *

          Ако од некого бидеме навредени, треба да кажеме: згрешив, прости ради Бога, а во себе, представувај си ги своите гревови, размислувајќи: јас сум достоен за казна и за повеќе од тоа.

* * *

          Христос Синот Божји, „кога на Него хулеа, Он не им одвраќаше со хули“ (1 Пет. 2, 23). Ако некогаш од нанесените навреди срцето се смути, тогаш никако не треба смутот да се изрази со зборови, но со сета сила треба да се воздржуваме од нив, според реченото: „се смутив и не прозборев“ (Псал. 76, 5). Треба да се памти апостолското слово: „сонцето да не зајде во гневот ваш: ниту, пак,  да му давате место на ѓаволот“ (Ефе. 4, 26-27), иначе нема да Му бидат угодни на Господа Бога, ниту молитвите наши, ниту останатите добродетели, колку и да се големи.

* * *

          Не треба да се воздржуваме само од лоши дела и зборови, но и од скверни помисли, кои што ни доаѓаат од демоните. Прво е предлогот, односно демонскиот предлог на нашите мисли, потоа следува соединување, односно прифаќање на нашиот ум на ѓаволскиот предлог, и на крајот самото извршување на дело. А потоа, секоја мисла која што може да и наштети на душата, тогаш треба да се одрази на сеќавањето на  секогашното со нас присуство Божјо, според напишаното: „Секогаш Го гледав пред себе Господа, зашто Он е од мојата десна страна, за да не се поколебам“ (Пса. 15, 8). А светиот Јован Лествичник вака поучува: „Со Иисусовото име биј го непријателот, зашто не постои против нив посилно оружје ни на небото ни на земјата, од името Исусово. И секогаш треба во умот да ја имаме оваа молитва: Господи Иисусе Христе, Сине Божји, помилуј ме грешниот. Господи, отргни ја од мене оваа помисла на лукавиот. Господи, дади ми добра мисла.

* * *

          Не треба да ги забележуваме туѓите недостатоци, но секогаш да гледаме на своите гревови, и да не ги осудуваме другите, туку себе да се обвинуваме и укоруваме. Преку ова, во својот живот можеме да го поправиме.

* * *

          За делата кои што се спротивни на волјата Божја, треба да наследиме црв кој не спие, оган неизгаслив, смола која врие (види Марко 9, 44; Иса. 66, 24). Представувајќи си го ова во нашиот ум, можеме да ги победиме страстите, кои што војуваат на нас.

* * *

          Нема никаква полза, -говорел старецот, – ниту од вериги, ниту од бедна облека, ниту од пост, дури некој и да јаде по еден пат во неделата, ни долгото бдение и стоење, ниту многуте метании, ниту сите телесни измачувања, зашто „телесното обучување“, според зборовите на апостолот, „е малку корисно“ (1 Тим. 4, 8), ако нема духовни добродетели. Потребно е да се има помеѓу себе нелицемерна љубов, да се биде во послушание, во трпение со смирение. Железото, гладот, и метаниите нема да н# спасат. Бог бара мир и чистосрдечна љубов, зашто „плодот на Духот е: љубовта, радоста, мирот, долготрпеливоста, добротата, милосрдноста, верата, кротоста, воздржливоста. Против такви нема закон“ (Гал. 5, 22).

* * *

          Верата, надежта и љубовта – трите евангелски добродетели: вера, додека живееме, веруваме, но не гледаме, а кога ќе видиме, ќе премине, како и надежта, која во нашиот живот н# поткрепувала, а љубовта ќе се умножува во веки. Кога ќе го видиме Бога, каков што е, тогаш нашата љубов ќе биде совршена! Затоа, потребно е да се подготвиме во сегашниот живот, да ја очистиме душата од сите привидни мисли и чувства, кои и попречуваат на Божествената љубов да расте во нас. Удостој ме Господи, да Те љубам со сета моја душа и помисли и во се да ја творам волјата Твоја!

Превод: А.Т.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *