Духовни поуки на преподобниот Теодор Санаксарски (1)

 

441798009Добродетел е исполнување на заповедите Божји, а грев е нивното нарушување.

* * *

Првиот плод на добродетелта е презирање на земните работи, а радост за небесните, според зборовите на апостолот: „што око не виде, уво не чу, ниту на човека на ум му падна, тоа Бог го приготвил за оние, кои Го сакаат“ (1. Кор. 2, 9), а за ова да се придобие потребни се плодови од добродетелите на кои што укажал Господ во беседата за блаженствата: Блажени се бедните по дух, односно оние кои што ја спознале својата немоќ. Блажени се оние што плачат, односно, оние кои поради својата немоќ нема да се лишат од милоста Господова. И уште: „Блажени се милостивите… Блажени се чистите по срце… Блажени се миротворците… Блажени се протераните заради правда и.т.н. (Мат. 5, 34; 7-10). И повторно Христос говори: „љубете ги вашите непријатели… правете им добро на оние кои што ве мразат (Мат. 5, 44). И уште: „Научете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце (Мат. 11, 29). И уште: „Оти гладен бев и Ми дадовте да јадам; жеден бев и Ме напоивте, странец бев и ме примивте; необлечен бев и Ме облековте; болен бев и Ме посетивте; во затвор бев и дојдовте при Мене“ (Мат. 25, 35-36).

Кон тоа и Божествениот Апостол Павле додава говорејќи: „А плодот на Духот е: љубовта, радоста, мирот, долготрпеливоста, добротата, милосрдноста, верата, кротоста, воздржливоста“ (Гал. 5, 22-23). „Оние, пак, кои се Христови, го распнаа телото свое со страстите свои и похотите“ (ст. 24), и со тоа доброволно се распнуваат, особено монасите.

* * *

Плодови на гревот се: сладострастието и неразумната љубов кон светот, за која што светиот апостол Јаков говори: „Прељубодејци и прељубодејќи, не знаете ли, дека љубовта кон овој свет е непријателство на Бога? Оти, кој сака да му е пријател на светот, му станува непријател на Бога (Јаков 4, 4). Светот апостолот ја нарекува сладострасната постојана човечка љубов (пристрасност): или кон богатството, или кон човечката слава, или кон раскошот, и кон се што е минливо и угодно на телото. И повторно св. Апостол Павле тој сластољубив човечки живот го нарекува телесно мудрување: „телесното мудрување е непријателство против Бога; на законот Божји тоа не му се покорува, ниту, пак, може“ (Рим. 8, 7), доколку човекот е упорен во таквиот сластољубив живот.

Страст е постојана преступничка љубов кон некој предмет. Светољупците паѓаат во трите најдушепогубни страсти: во славољубие, среброљубие и сластољубие, а од овие три страсти, како од непресушни извори, произлегуваат и останатите гревовни извори, на пример: навредување на ближниот, завист, злопамтење, гнев, гордост, лага, клевета, прекорување, смешки, измама, крадење, немилосрдност, лицемерно човекоугодување, соучевство во грев, веселби, пијанство, блуд, пцуење, хулење и секаква гревовна нечистота. Христос Спасителот говори: „И ви велам, дека за секој лош збор, што ќе го изговорат луѓето, ќе одговараат на судниот ден“ (Мат. 12, 36). И уште: „Тешко вам што се смеете сега, зашто ќе заридате и ќе заплачете“ (Лука 6, 25). И повторно: „Само пазете се: вашите срца да не бидат оптоварени со прејадување и пијанство, и грижа за овој свет, за да не ве затече оној ден ненадејно“ (Лука 21, 34). Светиот апостол Павле говори: „Никаков лош збор да не излегува од устата ваша“ (Ефес. 4, 29). „И не Го оскрбувајте Светиот Дух Божји, со Кој сте запечатени за денот на избавувањето“ (стих 30). Лош збор е исто што и празен, односно, хулен и шегобиен. И повторно истиот свет апостол говори: „Блудството, нечистотата, страста, злобната похот и лакомството, кое е идолопоклонство! Поради тие пороци иде гневот Божји врз синовите на непослушноста“ (Кол. 3, 5-6).

А за исполнување на заповедите Божји и победување на ѓаволот и неговите душепогубни страсти, неопходно е постојано да се сеќаваме на Бога и непрестаната молитва (особено умната молитва Иисусова), за да добиеме помош од Господа, со која ќе можеме да застанеме против сите лукавства ѓаволски.

* * *

На оној кој што сака да добие милост Божја, треба да ги исполнува заповедите Господови. А заповедите Господови заповедаат да твориме добродетели и да се чуваме од зли дела.

* * *

За да Му благоугодиме на Бога, неопходно е да Му се молиме со скрушено срце, да ни ги прости согрешенијата наши, милостивно да го устрои нашио живот (во спасение), и да Му благодариме за сета Негова милост кон нас. За празниците Господови да одиме на црква Божја, во се да слушаме, што заповеда Светата Црква, и во останатите денови да се трудиме без мрзливост, и од тоа што го работиме, да даваме милостиња на сиромашните и на Црквата Божја, еден со друг да си помагаме во потребите, кој има непријателство против некого, да му прости без гнев, сите непријатности кои што доаѓаат без наша вина, благодушно да ги трпиме, без тага, со благодарност кон Бога.

Секогаш да имаме страв Божји, за да се избавиме од вечните маки, и секогаш да бараме од Бога, да н# удостои да влеземе во Царството Небесно.

Сето ова е угодно на Бога!

* * *

За да с# сочуваме од злите дела, потребно е еден со друг да не се навредуваме, од туѓото да не крадеме и да не користиме никаква измама, да не лажеме, еден со друг да не се караме, да не се гневеме, да не бидеме злопамтиви, да не бидеме блудници, пијаници, да не кажуваме смешки и празнословија, да не бидеме мајтапчии и танцувачи, да не се занимаваме со волшепство и други нечисти работи, и кога сме болни да не прибегнуваме кон маѓепсници, бајачи, гатачи, и колдони. Сето ова е против Бога.

* * *

Душевната, или духовната чистота е во тоа, да ја чуваме душата од секој страсен грев, бидејќи душата која што пребива во гревови, е скверна и нечиста и навистина во Светото Писмо, се нарекува блудница и прељубница, зашто отпаднала од љубовта на Женихот, од својот Христос и се одала на тие душепогубни страсти, а преку нив на ѓаволот, кнезот на страстите, и преку тоа станала невеста на сатаната, бидејќи (преку страстите) на него му ја дава својата љубов.

Да се биде чист од гревот, значи, не само од гревовните дела да се чуваме, но дури и во помислите да не бидеме склони кон тоа дело, според зборовите Господови: „Блажени се чистите по срце, зашто тие ќе го видат Бога“ (Мат. 5, 8).

* * *

Смирението се состои во тоа, да немаме големо и високо мислење за себе, како пред Бога, така и пред луѓето: пред Бога, зашто ти секогаш си грешник, иако и да направиш нешто добро, треба да знаеш, дека тоа добро не го направи сам, туку единствено со помошта Господова, според зборовите на апостолот: „но не дека сме способни да помислиме нешто, како од себе; напротив, нашата способност доаѓа од Бога“ (2. Кор. 3, 5).

Затоа, отсега немој да мислиш за себе дека си нешто големо, туку подобро спомни си за пророчките зборови за себе: јас сум црв, а не човек.

Продолжува…

Превод: А.Т.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *