Духовната власт на пастирот и слободата на личноста на духовното чедо

Апостол Петар не’ учи како треба да се одвива служењето на душегрижништвото: Чувајте го стадото Божјо… не како да господарите со наследството Божјо, туку да бидете углед на стадото (1 Пет. 5: 2-3).
Свети Григориј Богослов повикувајќи се на зборовите на апостолот Петар (Оние, кои се меѓу вас свештеници, ги молам јас, кој сум и сам свештеник, и сведок на Христовите страдања и соучесник во славата, што ќе се открие: пасете го Божјото стадо, што го имате, надгледувајќи го не присилно, туку драговолно и според Бога; не заради неправедна корист, туку од добро срце (1 Петр. 5: 1-2) и наведува: „Нешто што е принудно е слично на растение кое со сила се витка во рацете, но, штом ќе биде препуштено на самото себе се враќа во претходната состојба. Спротивно на тоа, она што се прави со слободна воља е законско и сигурно бидејќи е утврдено со врските на наклонетоста на срцето. Затоа, нашиот закон и Самиот Основач на законот заповедаат: чувајте го стадото Божјо… не принудно, туку доброволно.“

Суштината на духовната власт ни ја открива самиот праведен Јован Кронштадски: „Само Бог може да го обнови човекот кој е развратен од гревот, или тоа можат да го направат оние луѓе на кои Самиот Бог им ја дава Својата благодат и власт и сила самите да се обноват, и просветат, и зацврстат во новиот живот, и другите да ги обноват, да ги осветат и да раководат со нив со власта Божја, со духовна власт .“

Свети Димитриј Ростовски се обраќа кон пастирите: „Духовништвото на иереите од Бога им е дарувано за да послужи за спасение на луѓето, а не за суета, гордост, суетна надменост и прекумерно господарење со духовните деца. Иако Бог на свештеникот му дава власт да врзува и разрешува гревови, оваа власт делува само додека се извршува светата Тајна Исповед и покајание, а по исповедта на гревовите духовникот не треба да се сеќава на исповеданото, како што и не му доликува да има власт на господарење над духовните чеда .“
Свештеникот секогаш треба да има на ум зошто е повикан од Бога и согласно со тоа да го извршува своето служење: „Ние, свештенослужителите, немаме власт во домот Божји. Ние не сме господари на Црквата, туку нејзини послушници, не командуваме, туку со свештениот Божји страв по својот разум располагаме со благодатта која одозгора ни е дадена .“

Свети Игнатиј (Брјанчанинов) вистинското служење на духовникот го споредува со служењето на свети Јован Крстител: „Секогаш длабоко во срцето ме допираат зборовите на свети Јован Крстител кои ги кажа за Господ и за себе и кои и за нас се сочувани во Евангелието според Јован: Кој има невеста, – вели светиот Претеча, – младоженец е, а пријателот на младоженецот, кој стои и го слуша, многу се радува на гласот од младоженецот. Оваа, пак, моја радост се исполни. Он треба да расте, а јас да се смалувам! (Јован 3, 29).

Секој духовник треба да биде само слуга на Небесниот Жених, душите треба да ги води кон Него, а не кон себе, треба да им ја објавува бесконечната и неискажлива Хритова убавина, Неговата бескрајна доброта и сила: нека го засакаат Христа Кој навистина е достоен за љубовта. И нека духовникот, исто како великиот и смирен Крстител, стои на страна, нека се смета себе си за никој и ништо, нека се радува на своето намалување пред учениците (се мисли на своите духовни чеда, – забелешка СВЕТА РЕВНОСТ), намалување кое претставува знак на нивниот духовен напредок. Се додека кај учениците преовладува телесното чувство – нивниот наставник е голем пред нив, но кога во нив ќе се појави духовно чувство и кога во нив ќе се возвеличи Христос, тие во својот духовник гледаат само добродетелно оружје Божјо .“

Свештеникот во своето служење, заборавајќи на себе, треба тоа да го сфати како приближување на човекот кон Христа. Така свети Игнатиј (Брјанчанинов) говори за своето духовно раководство: „На патот на побожниот живот е Бог. Никој не може да дојде при Мене, – вели Спасителот, – ако не го привлече Отецот, Кој Ме прати (Јн. 6, 44). Сакам внимателно да ја прочитате 3 глава од 1 Послание на свети Апостол Павле кон Коринтјаните. Целосно да ме занемарите како валкан грешник и само кон Бога припаѓајте, тогаш вашиот пат ќе биде правилен .“

Свети Игнатиј исто така смета дека за духовниот наставник важно е следното: „Подобро човек да си го признае своето незнаење, отколку да каже нешто што е штетно за душата. Да се чуваме од големи неволји – да од лековерниот почетник направиме човечки слуга, а не слуга Божји , упатувајќи го да ја твори паднатата човечка волја наместо сесветата волја Божја . “

Дарот на духовна слобода: раководење и советување, слобода кон зборовите на духовникот

Доколку го разгледаме наследството и искуството на Светите Отци и подвижници на побожноста како духовници можеме да видеме дека тие не ги врзувале своите духовни деца со обврската да ги исполнуваат советите кои им ги давале и не инсистирале на свое мислење во изборот на оваа или онаа одлука , туку тоа го препуштале на духовното чедо и на негово слободно разгледување.

Може да се види дека всушност таков бил ставот на свети Игнатиј (Брјанчанинов) кон давањето совети, кое се темели на учењето на апостолите и светите отци: „Скромниот однос на оној кој што бара совет кон оној кој што советува се разликува од односот на старецот кон безусловниот послушник, слуга во Господа. Советот во себе не содржи услов задолжително да биде извршен: тој може да се исполни, но не е задолжително. Оној кој советува ни нај малку не е одговорен за својот совет доколку го има дадено со страв Божји и смирено, а не според своето мислење, туку ако човек го праша и замоли. Исто така, советот не го обврзува оној кој го добил, на него останува да одлучи и да види дали сака да го исполни советот кој што го добил или не. Кај светите отци приметуваме дека отците забрануваат да се дава совет на ближниот според свое сопствено мислење, ако ближниот не не праша: самоволното давање совет е знак дека човекот смета дека поседува знаење и духовно достоинство, во што се крие гордост и самоизмама . “

Свети Теофан Затвореник детално го разгледува прашањето за можностите на духовното раководење во едно од своите писма и притоа го разликува од животот со расудување (советување): „Со мене можете само да расудувате. А расудувањето и раководењето се две различни работи. Раководењето бара: направи вака и вака, и да не си се осудил да постапиш на друг начин, а расудувањето расудува, препуштајќи на волјата на човекот дали ќе послуша или не. Раководителот на себе ја презема одговорноста за душата која што ја раководи, а оној кој расудува може само да и посака добро. Не можам да ви ветам раководење во смисла да ве земам за рака и да ве водам. За такво нешто немам умешност и не можам добро да го извршам и поради моите и поради вашите околности. Повелете сами да одете, а јас ќе ви ги опишувам патиштата и раскрсниците. Повеќе од ова не можам да ветам .“

Свети Теофан Затвореник има пишувано и за советите кои што се даваат: „Кога некој нешто ќе ме праша јас му го кажувам она што мислам дека одговара, а останатото го препуштам на оној кој што ме прашува. И самите гледајте како ќе постапите, со молитва и со поуките на светите отци.“

Схиигумен Јован (Алексеев) при решавањето на различни прашања кои му ги упатувале духовните чеда често говорел: „Тоа… види го сама, помоли се и постапи онака како што срцето ќе ти каже, “ истакнувајќи главно: „Самата види согласно со животните услови “.

При духовното раководење светите отци и подвижници на побожноста не барале безприговорно исполнување на своите одлуки околу оваа или онаа работа туку крајно внимателно и претпазливо говореле за советите и поуките кои ги упатувале луѓето: „Ме молиш да ти дадам совет или да ти одредам правило и да го усмерам твојот живот на вистинскиот пат. Оваа твоја молба ги надминува мојот ум и моите духовни способности, но поради послушание и заборавајќи на својата немоќ и неспособност ти пишувам што Господ ќе положи во моето срце… По Божјата милост ти го напишав она што беше во моето срце и тоа немој да го примиш како закон или заповед, туку како совет .“ Како што може да се види, духовниците со подеднакво внимавање и претпазливост кон слободниот избор на човекот пристапуваат кога некој ќе им постави прашање: „На оние кои ми се обраќаат им го кажувам своето мислење, а тогаш секогаш им велам: „Помеѓу другото, види сам или сама.“ Правилен совет можат да дадат само свети луѓе како преподобен Серафим Саровски и Сергиј Радоњешки. А како можам јас да дадам правилен совет кога и самиот сум слеп ?“

Игумен Никон (Воробјов) обраќајќи се во писмата кон духовните чеда вели: „Ве молам да не го земате во обзир моето мислење. Јас ништо не знам, туку постапете као е најдобро и како Бог ќе благослови. „Врз основа на околностите разберете ја Божјата волја“, – вели преподобен Варсонуфиј Велики .“ Ито така вели: „Претходно веќе ти кажав: кон моите зборови однесувај се слободно. Јас изразувам извесно мислење, а дали ќе го прифатиш или не – тоа е во твоја власт, немој да се збунуваш, само тоа направи го со расудување и без страсти. И јас можам да згрешам исто како и ти, и како и секој друг: секој човек е лага (Пс. 115: 2).

Притоа за игуменот Никон главна работа била можноста духовното чедо од него да добие корисен совет, притоа да ја сочува духовната слобода: „Нека … не им придава никакво апсолутно значење на моите зборови. Ако види дека нешто е точно или корисно може да прифати, а ако е неточно, ни најмалку нема да се навредам ако моето мислење е отфрлено. Зарем малку бескорисни зборови говориме? Ни самиот на себе не си верувам премногу. “ „Доколку се посомневаш во моите зборови, немој да се грижиш, туку веднаш напиши ми за твоите сомнежи. Биди по отворена со мене за твојот духовен живот и ниште немој да криеш…самата доаѓаш кај мене и потполно и слободна во однос на мене: со мене можеш да одржуваш духовна врска ако имаш полза, а можеш и да си заминеш доколку немаш.“

Обраќајќи се кон оние кои нешто го прашувале, архимандрит Јован (Крестјанкин) истакнува: „Во духовниот живот не може да има наредби. Господ на човекот му дава духовна слобода, и Он, Самиот Он во никој случај и никогаш не го лишува човекот од оваа слобода,“ притоа укажувајќи на потребата и подготвеноста секој сам да одлучува размислувајќи за своите животни околности. Притоа во односите помеѓу духовникот и духовните чеда не може да има место за „духовен диктат“, напротив, важно е да и духовникот и духовното чедо „да го ценат дарот на духовна слобода кој Бог им го дал и да го рачунаат за драгоцен. Тоа во никоја мера не ги нарушува духовните односи помеѓу духовникот и духовното чедо доколку потполно се здрави.

Продолжува…

Иеромонах Јован Лудишчев

Превод: СВЕТА РЕВНОСТ

Преземено од СВЕТОСАВЛЈЕ

 

1 коментар на « Духовната власт на пастирот и слободата на личноста на духовното чедо »

  1. Ping : Духовната власт на пастирот и слободата на личноста на духовното чедо (2 дел) | СВЕТА РЕВНОСТ

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *