Втор претеча на Христовото Пришествие (За светиот пророк Илија и Антихристот)

 

„Ангел во тело, основа на пророците, втор претеча на пришествието  Христово…“ Со овие зборови Светата Црква го прославува големиот старозаветен праведник, кој живеел 900 години пред Христа – светиот пророк Илија, кој со својот необично строг подвижнички живот повеќе личел на ангел, отколку на човек.

Но, зошто светата Црква го нарекува втор претеча на Второто Христово Пришествие?

Зашто пред првото Христово пришествие во светот, најпрво се појавил свети Јован Крстител во духот и силата на свети Илија, така и пред второто Христово Пришествие, ќе се појави на земјата свети пророк Илија, кој како што знаеме, не умрел, но жив со своето тело бил вознесен на небото во огнена кочија.

За ова сведочи возљубениот ученик Христов светиот Јован Богослов во своето красно Откровение. Свети пророк Илија, заедно со другиот старозаветен праведник Енох, кој исто така, бил жив вознесен на небото, зашто бил по волјата Божја, ќе се појави на земјата во времето на антихристот, за да проповедаат и да ги одвраќаат луѓето од поклонувањето на антихристот. Тајновидецот, двајцата ги нарекува сведоци Божји, две маслини и два светилници кои стојат пред Бога на земјата. Обајцата, и Енох и Илија ќе пророкуваат 1260 денови или 42 месеци или 3 и пол години, т.е. за време на владеењето на антихристот, и ќе чинат големи знаменија и чуда за да би ги убедиле луѓето да не го признаваат антихристот и да не го прифатат знакот негов на десната рака и на челото.

Но, по Божјо допуштение, ѕверот, кој излегува од бездната, т.е. самиот антихрист, ќе објави војна против нив и ќе ги победи и ќе ги убие.

Вреди да се нагласи дека луѓето на земјата ќе се радуваат и ќе се веселат, и ќе си праќаат дарови еден на друг, поради тоа што двајцата пророци ги мачеле оние кои живееле на земајта.

Што значи мачеле?

Тие луѓе биле мачени, така што [пророците] ги повикувале на совесност. Односно се грижеле да им ја пробудат заспаната совест и да ги одвратат од поклонението на антихристот и да ги вратат кон Вистинскиот Бог, Христос.

Секогаш било така со Божјите пророци, од кои никој не умрел со природна смрт, туку сите биле мачени и убиени од страна на луѓето кои биле укорувани за својот грешен начин на живот.

Истото ќе се случи и со оние кои нема да бидат “модерни“ и кои нема да го прифатат општиот неморален начин на живот и ќе пробаат да ја пробудат совеста на другите преку укажување за погрешноста или престапност на избраниот им животен пат, за нивните несоодветни однесувања и поведенија.

Таквите луѓе, кои сакаат да ја зачуваат својата совест чиста, ќе бидат мразени и ќе се обидат да ги уништат, ако не физички, тогаш морално.

Ние немаме информации, дали антихристот е веќе дојден, но… Само оние кои се потполно духовно слепи не можат да видат, какви беснеења има во светот и дека се припрема брзото доаѓање на антихристот и негово зацарување. Уште повеќе, слугите на антихристот веќе работат со огромна енергија. Тие ја продале својата душа за пари и разни материјални твари, за почести, за власт и господарење во општеството, за разни телесни задоволства и наслади, да би во нив уживале без грижа на совеста и без казна.

Многу свети оци на Црквата, од дамнина, пророкувале дека повеќето луѓе од сите религии, вклучувајќи ги и од Православната вера, не исклучувајќи ги свештенослужителите, со радост ќе го прифатат антихристот како свој владетел и цар. Тие ќе му се поклонуваат нему и ќе почнат да ги протеруваат и уништуваат сите луѓе кои се противат на Антихристот.

Иако уште не го гледаме антихристот како човечка личност, сепак гледаме “отсејување“ меѓу луѓето: едни одат заедно со слугите на антихристот, кој доаѓа, се поткупуваат за пари и други земни богатства и се врбуваат во неговиот логор, другите – решително се одделуваат, се оградуваат и бегаат скраја од нив, навлекувајќи си кон себеси злоба и омраза од првите.

Браќа! Сегашното време е станато толку лукаво, што луѓето се вештат во лаги и лукавства, што значи дека треба да бидеме особено будни, двојно внимателни во односот кон ним, за да не се опрелестиме од нивните слатки слова и не се упатиме во прегратките антихристови. Немајте доверба во никој кој ви се обраќа со примамливи предлози, макар тој човек бил облечен и во духовни одежди, освен ако не знаете, дека се во близина на некои сомнителни или отворено антихристијански организации, ако тие се пријатели со непријателите Христови, а особено дали добиваат пари од нив под било кој изговор.

Дојде време, повеќе од кога и да е, кога е неопходно внимателно да се дознае, кој од пастирите со висок чин во Црквата Христова, целосно Му служи на Христа, а кој се има продадено на слугите на антихристот, кој доаѓа, и со самото тоа место на Христа, му служи на антихристот. Па наместо да се појде по вистинскиот пастир, да не се појде по волкот, дури и да е облечен во овчја кожа.

Особено се опасни таквите лажепастири, кои под изговор за „неосудување“ и „христијанска љубов и сепростување“ проповедаат неопходен мир со сите. Да запамтиме, дека мирот со антихристот (како и со неговите слуги) е предавство према Христа, па со тоа и непријателство со Христа!

Зашто какво учество има правдата во беззаконието? Или што заедничко имаат светлината и темнината? Каква е согласнота на Христа со Велијара? Или какво е учеството на верните со неверните?

 

Дури и најмалото “додворување“ со слугите на Антихристот и нивно задоволување, со каква и да е благовидна цел, веќе е престап против Христос и нема да помине туку така! Една тара руска поговорка вели: „Кажи ми кои ти се пријатели, а јас ќе ти кажам каков си!“

Во нашето лукаво време, на сите нас кои сакаме да ја сочуваме верноста кон Христа Спасителот, пред се` ни е потребна пламена ревност, со која се прославил светиот и славен пророк Божји Илија и место да правиме било каков компромис со слугите антихристови, мора да бидеме целосно непопустливи спрема нив, па дури и ако тоа би го загрозило нашиот земен живот. Да се сетиме како Енох и Илија, по нивното убиство од страна на ѕверот-антихрист, одново оживуваат, после три и пол дена влегува во нив животворен дух Божји и тие двајцата ќе застанат на своите нозе и голем страв ќе ги обземе оние кои ќе ги гледаат.

После ова, ќе дојде нашиот Господ Иисус Христос и Он ќе го уништи антихристот со здивот од Својата уста и блесокот на Своето Пришествие. Потоа, времето ќе престане и крајот на овој свет ќе дојде и Страшниот Суд ќе почне.

Браќа, ако видите некој да се подсмева, со иронична насмевка на своето лице, или со гнев и разјареност се однесува на проповедта за приближувањето на времето на антихристот, за Второто Пришествие Христово и за крајот на овој свет и за Страшниот Суд, тогаш знајте дека имате работа со лице, кое на некој начин, е слуга на антихристот и учествува во подготовките на неговото скоро доаѓање и зацарување на земјата. Чувајте се од такви луѓе, како од рушители на нашата вера и Црква!

На денот на Судот, нивните тајни ќе бидат откриени и сите тие, заедно со антихристот и неговите слуги, ќе добијат праведна награда во Огненото Езеро, во кое гори сулфур. А, за праведниците пак, подобни на свети пророк Илија и сите оние кои не му се поклониле и не му служеле на антихристот, но чесно и ревносно му се спротивставувале, ќе започне вечен и блажен живот во Новиот Ерусалим, кого се удостоил да го виде светиот тајновидец како слегува од Бога, од небото.

„Кој има уши да чуе, нека чуе!“ Амин!

Архиепископ Аверкиј (Таушев)

Превод: М.П.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *