Вистинската ревност на Св. Николај Чудотворец

…Со таква, вистинскa  света ревност и решителна непомирливост, во историјата на Црквата се прославил и светителот Христов Николај, Архиепископ Мир Ликијски Чудотворец, кого го празнуваме на 6 декември според нашиот православен календар[1].

Кој не го познава овој прекрасен светител Христов?

Не само христијаните, туку и муслиманите и многубошците го познаваат и го почитуваат како голем и преславен чудотворец, кој на луѓето брзо им притекнува на помош во секаква неволја и секакво искушение. Оној кој бил на брегот на Црното море, не еднаш можел да ја види иконата на светителот Николај на турските кораби. Таа може да се види и во сиромашните куќи на Кавказ и во шаторите на многуте азиски номади кои го населуваат северот и истокот на Русија, се до Манџурија и Кина.

Најкарактеристичната црта на светителот Николај, која толку многу го прославила, е неговото исклучително христијанско милосрдие:  “Милостивиот Никола” – така обично бил нарекуван меѓу припростиот руски народ, според  податоците во неговото прекрасно житие, и безбројните случаи за неговото помагање на луѓето.

И ете, таков светител кој толку многу се прославил со својот милосрден однос кон ближните, еднаш постапил на начин кој збунил многумина, а кој и до денес ги збунува: веродостојноста на таа постапка е посведочена од црковното предание, сочувано е во нашиот иконопис и во богослужението.

Според  преданието, свети Николај учествувал во работата на Првиот Вселенски Собор, одржан во Никеја, во кој еретикот Ариј бил осуден поради негирање на Божествената природа на Втората Ипостас на Света Троица – Синот Божји. Свети Николај не можел рамнодушно да ги слуша богохулните зборови на горделивиот еретик Ариј на соборските расправи, кои во таа прилика биле водени, а во кои тој го омаловажувал Божественото достоинство на Синот- Божји, затоа пред целиот Собор, свети Николај го удрил шлаканица,  т.е го удрил со раката по лицето. Тоа предизвикало толку голема збунетост, поради што, Отците на соборот решиле да го лишат смелиот светител од епископскиот чин. Но, истата ноќ биле вразумени со зашеметувачко видение: го виделе Господа Исуса Христа како на св. Николај му го предава Своето Свето Евангелие и како Пречистата Мајка Божја на неговите рамења го полага архиерејскиот омофор. Тогаш сфатиле дека свети Николај во својата постапка не бил раководен од никакви лоши, страсно-гревовни побуди, туку исклучиво со една чиста, света ревност за славата Божја. И, отфрлајки ја пресудата, го помилувале светителот.

Наведувајки го овој пример, никако не сакаме да кажеме дека секој од нас може и треба буквално да го следи: тоа можело да го стори само голем светител каков што е свети Николај. Но, ова секако треба сите нас да не убеди  дека не смееме да стоиме настрана и рамнодушно да се однесуваме кон пројавите на зло во светот, особено кога се работи за славата Божја, за нашата света вера и за Црквата. Тука треба да бидеме целосно непомирливи, не смееме да одиме на никакви лукави компромиси, ниту на формално помирување или било какво друго одобрување на злото. На своите лични непријатели, според совеста Христова, треба да им простуваме, но помеѓу Божјите непријатели и нас мир не може да има! Нашето пријателство со Божјите непријатели, самите нас не претвара во Негови непријатели: тоа е предавство на Бога , без разлика на сето добро со кое може да се покрие, и никакво лукавство ниту превртливо самооправдување тука не може да ни помогне!

Интересно е да се забележи дека, постапката на свети Николај не им се допаѓа на никој од оние кои денес го одобруваат злото, на оние кои проповедаат воображена “христијанска љубов”, на оние кои се подготвени за помирување со еретиците, со гонителите на Црквата, па дури и со самиот ѓавол, а се во име на “сеопштиот мир” и  “сеопштото обединување ” – пароли кои денеска станаа особено модерни. Тие поради тоа пробуваат да го негираат и фактот дека свети Николај бил учесник на Првиот Вселенски Собор, иако тој во нашата света Црква е прифатен и ние мораме да го сметаме за веродостоен.

Сето тоа во крајна линија е затоа што кај современите луѓе, дури и кај оние што се нарекуваат  “христијани” повеќе нема вистинска ревност за Светата Црква и за Божјите светители. Наместо тоа владее млака умереност, рамнодушен однос кон се, освен кон сопствената овоземна полза, како и на негрижата кон неподмитливиот суд Божји кој н# очекува и кон вечноста која се открива после смртта…

Архиепископ Аверкиј Џорданвилски

Извадок од книгата „Света Ревност“.

[1] Се мисли на Јулианскиот календар кој е познат како стар календар, кој на Првиот Вселенски Собор е благословен да се користи во православната Црква. Заб. на мак. прев.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *