ВИДЕНИЕ НА СВЕТИОТ ОТЕЦ ЈОВАН ЧУДОТВОРЕЦ КРОНШТАДСКИ

св.Јован КронштадскиСветиот и Праведен отец Јован Кронштадски се сеќавал на видението кое го имал во јануари 1901 година:

По вечерните молитви легнав малку да се одморам во својата слабо осветлена соба бидејки чувствував блага вртоглавица, пред иконата на Пресвета Богородица гореше кандилото. По неполн половина час слушнав чуден шум и некој ме допре за рамото и со благ глас ми рече: “Стани слуго Божји и следи ја Божјата волја”.

Станав и пред себе видов Старец кој изгледаше величествено, косата му беше сиво-бела а тој на себе имаше црна мантија и во раката носеше стап, и ме набљудуваше со благ поглед. 

Додека со голем напор се воздржував да не се онесвестам, рацете и нозете ми се тресеа, сакав да кажам нешто но мојот јазик не мрдаше. Тогаш Старецот ме прекрсти и ме исполни радост со смирение, тогаш и самиот се прекрстив. Старецот со стапот покажа на западниот ѕид од мојата соба и на ѕидот со стапот ги напиша броевите: 1913, 1914, 1917, 1922, 1924 и 1934, одеднаш ѕидот исчезна и јас тргнав по старецот движејки се по некоја зелена ливада, а таму видов мноштво крстови направени од глина, дрво или злато кои означуваа гробови и јас го прашав Старецот зошто се овде овие крстови, а тој благо одговори: “Тие крстови се за оние што се мачени и убиени за верата во Христа, и заради Словото Божјо тие станаа маченици”, и го продолживме патот.

Одеднаш видов цела река со крв, и го прашав Старецот што значи оваа крв и колку крв има пролеано? Старецот погледна наоколу и одговори: “Ова е крвта на вистинските Христијани”, тогаш покажа во висина на неколку Облаци и јас видов мноштво бели кандила како горат, а потоа почнаа да паѓат на земјата една по друга десетици и стотици и додека паѓаа се гасеа и се претвараа во пепел. Старецот тогаш покажа и рече: “Погледни”, и на облакот видов седум лампи што горат, и прашав што означуваат тие лампи што паднаа на земјата, а тој ми одговори: “Тоа се Божјите Цркви што паднаа во ерес, а тие седум лампи на облакот се седумте Апостолски Соборни Цркви кои ќе останат до крајот на времето.”

Старецот тогаш покажа високо на небото и јас видов и слушнав како пеат Ангелите “СВЈАТ СВЈАТ СВЈАТ ГОСПОД БОГ САВАОТ”, тогаш група на луѓе со свеќи во рацете иташе покрај нас со радосни и светли лица, во таа група имаше Архиепископи, монаси, монахињи потоа група мирјани меѓу кои имаше и млади, деца дури и доенчиња. Јас го прашав Чудотворниот Старец што значат овие луѓе, а тој одговори: “Тоа се луѓето кои пострадаа за Светата Соборна Апостолска Црква за Светите Икони од рацете на злите уништувачи”. Јас го прашав Старецот дали можам да им се придружам а тој ми одговори: “Сеуште е рано за тебе да пострадаш и твоето присоединување не би било благословено од Господа”.

Тогаш видов голема група доенчиња кои пострадаа од Ирод заради Христа и примија круни од Небесниот Цар. Одејки подалеку, влеговме во голема црква, јас сакав да се прекрстам но Старецот ми рече: “Не треба да се прекрстиш овде, бидејки ова место е ‘МЕРЗОСТА НА ЗАПУСТЕНИЕТО“ (Даниил 12, 11). Во Црквата беше непријатно, на олтарот имаше Евангелие со Ѕвезда, свеќите изгледаа како да се од катран и гореа како дрво за потпалување, од Чашата се ширеше силна смрдеа, таму имаше Просфора со Ѕвезда, Свештеникот стоеше пред олтарот со лице црно како јаглен, а пред олтарот имаше жена облечена во црвено со ѕвезда на усните и врескаше низ црквата смеејки се и викајки: “ЈАС СУМ СЛОБОДНА”. Јас си помислив: Господи колку е одвратно, луѓето како луди почнаа да трчат околу олтарот, свирејки и плескајки со рацете па запејаа хулни песни. Одненадеж светна молња, удри силен гром, земјата се стресе и црквата се сруши праќајки ја жената, свештеникот, луѓето и се останато во провалија. Јас си помислив: о Господи, какви стравотии, спаси не, и го запрашав Старецот какво е значењето на оваа страшна црква, а тој одговори: “Тоа се луѓето на земјата, еретиците кои ја отфрлија Светата Соборна и Апостолска Црква и ја прифатија новата модернизирана Црква, која Господ не ја благослови, во таа Црква тие не постат, не присуствуваат на свежтенослужение, не примаат Света Причест”. Јас исплашено реков: “Господовата милост на нас а ова го проколнал со смрт…” Старецот ме прекина и рече: “Не тагувај само моли се”. Тогаш видов маса на луѓе од кои секој имаше знак на ѕвезда на усните, се мачеа со страшна жед и одеа напред-назад. А кога не видоа почнаа да викаат: “Свети Отци молете се за нас бидејки ние не можеме, а ужасно ни е тешко, нашите мајки и татковци не не учеа на Божјите Закони, ние дури го немаме ни Христовото име и не наоѓаме мир, ние го отфрливме Светиот Дух и знакот на Крстот…” И тогаш заплакаа.

Јас тргнав понатаму следејки го Старецот, и тогаш тој со раката покажа на планина од човечки тела полиени со крв, а јас многу исплашен го прашав Старецот за значењето на овие мртви тела. Тој ми одговори: “Тоа се луѓето кои живееја монашки живот, го отфрлија Антихристот и не го примија неговиот знак, тие настрадаа заради Верата во Христа и во Соборната Апостолска Црква, и примија Маченички венци умирајки за Христа. Моли се за тие Слуги Божји.”

Старецот без зборови се сврте кон север и со раката покажа, и јас видов Царска палата околу која трчаа кучиња, диви ѕверови и скорпии плазејки ги своите заби и вилици. Тогаш го видов и царот седнат на престолот. Тој со сериозно и бледо лице ја кажуваше ИСУСОВАТА МОЛИТВА. Наеднаш Царот се сруши како мртов, неговата круна падна, а кучињата, ѕверовите и шкорпиите го сотреа ПОМАЗАНИКОТ ВЛАДЕТЕЛ. Јас заплакав од ужас, а Старецот ме зеде за раце… Тогаш видов личност во бело, тоа беше ЦАРОТ НИКОЛАЈ II, на неговата глава имаше венец од зелени лисја, а неговото лице беше бледо и по малку крваво, околу вратот имаше златен крст и тивко ја шепотеше молитвата, и тогаш со солзи ми рече: “МОЛИ СЕ ЗА МЕНЕ ОЧЕ ЈОВАНЕ И КАЖИ ИМ НА СИТЕ ПРАВОСЛАВНИ ХРИСТИЈАНИ, ДЕКА, ЈАС ЦАРОТ МАЧЕНИК, УМРЕВ ДОСТОИНСТВЕНО И МАШКИ ЗА МОЈАТА ВЕРА ВО ХРИСТА И ЗА ПРАВОСЛАВНАТА ЦРКВА, КАЖИ ИМ НА СВЕТИТЕ ОТЦИ ДА СЛУЖАТ ПАРАСТОС ЗА МЕНЕ ГРЕШНИОТ, НО ЗА МЕНЕ ГРОБ НЕМА ДА ИМА.”

Набргу маглата сокри се, а јас плачејки се молев за ЦАРОТ МАЧЕНИК, нозете и рацете ми се тресеа од страв. Тогаш Старецот рече: “Погледни” и јас видов група луѓе како лежат насекаде наоколу мртви од глад, а некои сеуште живи јадеа трева и билки додека кучињата ги растргнуваа телата на мртвите, неподнослива смрдеа се ширеше наоколу, јас си помислив: о БОЖЕ тие луѓе немаат Вера, од нивните усти тие изговараа богохулства и затоа го примија БОЖЈИОТ ГНЕВ…

Уште видов цела планина книги меѓу кои лазеа црви и почувствував страшна смрдеа па го запрашав Старецот какво е значењето на овие книги, а тој ми одговори: “Овие книги се преполни со безбожништво и хулење на Бога кои ќе ги затрујат сите христијани со еретички учења”, тогаш Старецот допре некои од книгите со својот стап и веднаш ги зафати пламен и ветрот ја развеа пепелта.

Малку понатаму здогледав Црква околу која лежеа купишта ливчиња со имиња на упокоени за помен, се наведнав да земам некои од ливчињата да ги прочитам имињата но Старецот рече: “Овие ливчиња со имиња за упокоените лежат овде веќе многу години и свештениците заборавија за нив”, а јас прашав: “Кој ќе се моли за нив”, тој одговори: “АНГЕЛИТЕ ЌЕ СЕ МОЛАТ ЗА НИВ”.

Тргнавме понатаму и Старецот забрза та со напор го следев. Тогаш ми покажа и рече: “Види!” И јас видов многу народ измачуван од демоните, кои ги мачеа со стапови, вили и куки. Јас го прашав Старецот што означува состојбата на овој народ, а тој одговори: “Тоа се оние кои се откажаа од својата Вера и кои ја напуштија Светата Соборна и Апостолска Црква и ја прифатија новата модернизирана Црква. Оваа група ги претставува свештениците, монасите и мирјаните кои ги прекинаа своите завети и брак, та се впуштија во пијанство и секаков вид на беззаконие и хула.” Сите тие имаа ужас на лицата, а од устата им излегуваше неподнослива смрдеа, додека демоните ги мачеа и влечеа во длабока провалија од која излегуваше пеколен оган. Јас многу се исплашив и се прекрстив молејки се “Избави не Господи од ваквиот пат”.

Тогаш видов група луѓе, стари и млади, облечени грдо кои подигаа голема “ПЕТОКРАКА ЅВЕЗДА” на секој крај од ѕвездата имаше по дванаесет демони а во средината на ѕвездата беше самиот Сатана со ужасни рогови и со издолжена и изопачена глава, тој околу себе ширеше пена врз луѓето додека говореше “Станете вие проклети со знак…” Одеднаш се појавија мноштво демони со железни печати и на сите луѓе ставија знак, на устата, над лактот и на десната рака. Јас го прашав Старецот за значењето на ова а тој одговори: “ОВА Е ЗНАКОТ НА АНТИХРИСТОТ”. Јас се прекрстив и тргнав по Старецот.

Малку потоа тој нагло застана и со раката покажа на исток каде видов голема група на луѓе со радосни лица како носат Крстови и запалени свеќи во рацете, а меѓу нив имаше голем Олтар бел како снег и на Олтарот се наоѓаше “Воздух” (превез со кој се покриваат Светите Дарови) со златна царска круна на која беше напишано “за кратко време”. Патријарси, Епископи, свештеници, монаси, монахињи и мирјани стоејки околу олтарот пееја “СЛАВА НА БОГА ВО ВИСИНИТЕ И НА ЗЕМЈАТА МИР”. Јас од голема радост се прекрстив и му заблагодарив на Господа, тогаш Старецот го подигна својот Крст трипати во висина и јас видов планина од тела полиена со крв, а над нив Ангелите летеа земајки ги душите на убиените за Словото Божјо и ги носеа на Небесата пеејки АЛЕЛУЈА. Додека гледав, заплакав гласно, а Старецот ме фати за рака и ми забрани да плачам говорејки: “Што му е угодно на БОГА, нашиот ГОСПОД ИСУС ХРИСТОС мачен да ја пролие Својата Пресвета Крв за нас, а овие ќе бидат Маченици кои не го прифатија знакот на Антихристот и сите што ќе ја пролијат својата крв ќе примат небесни венци”. Тогаш Старецот се помоли за тие Божји Слуги и покажа на исток, а зборовите на Пророкот Даниил се остварија “МЕРЗОСТА НА ЗАПУСТЕНИЕТО” (Данаил 12.11). Таму ја видов Ерусалимската купола над која се наоѓаше ѕвездата, а во црквата имаше многу народ, а уште многумина пробуваа да влезат внатре. Јас сакав да се прекрстам, но Старецот ме фати за раката и рече:”ОВДЕ Е МЕРЗОСТА НА ЗАПУСТЕНИЕТО”. Тогаш видов олтар каде гореа свеќи од смола а на олтарот се наоѓаше кралот во огнено црвена порфира, на главата имаше златна круна со ѕвезда, и јас го прашав Старецот: “Кој е тој?” а старецот рече:”Антихристот”.

Тој беше многу висок, со огнени очи, црни образи, брада со четвртаст облик, со лукаво зло и страшно лице. Тој самиот беше на олтарот. Тогаш ја подигна раката кон народот, рацете му личеа на канџа од тигар и повика: “Јас сум кралот, јас сум Бог, јас сум водач и оној што го нема мојот знак ќе биде убиен.” Сите луѓе паднаа му се поклонија и го обожаваа, а тој ставуваше знак на нивната уста и раце за да можат да примат малку леб за да не умрат од глад и жед. Тогаш неговите луѓе, пред Антихристот, донесоа неколку луѓе со врзани раце кои не сакаа да му се поклонат. Тие гласно рекоа: “НИЕ СМЕ ХРИСТИЈАНИ! НИЕ ВЕРУВАМЕ ВО НАШИОТ ГОСПОД ИСУС ХРИСТОС!” А Антихристот во тој миг им ги скина главите и се пролеа христијанска крв. Тогаш во олтарот пред Антихристот доведоа дете да му се поклони, но детето не сакаше да се поклони туку јасно исповеда: “ЈАС СУМ ХРИСТИЈАНИН И ВЕРУВАМ ВО НАШИОТ ГОСПОД ИСУС ХРИСТОС, А ТИ СИ СЛУГА НА САТАНАТА!” Антихристот тогаш извика: “Смрт на тоа дете!” додека останатите кои го прифатија знакот на Антихристот паднаа пред неговите нозе и го обожаваа.

Одеднаш одекна гром, многу молњи почнаа да удираат и огнени стрели почнаа да паѓаат врз слугите на Антихристот. Тогаш голема огнена стрела светна и го погоди Антихристот во главата. Тој замавна со раката а круната му падна од главата и се скрши на земјата. Тогаш милиони птици летнаа врз слугите на антихристот. Почувствував дека Старецот ме фати за раката и ме однесе.

Одевме понатаму и јас видов уште многу пролеана христијанска крв и тука се сетив на зборовите од Светиот Јован Богослов во книгата на Откровението, дека крвта ќе биде висока до уздите на коњите. Јас помислив: Боже спаси не. Тогаш видов Ангели кои летаа и пееја “СВЈАТ СВАЈТ СВЈАТ ГОСПОД БОГ САВАОТ”. Старецот погледна наназад и рече: “НЕ ТАГУВАЈ, БИДЕЈКИ БРЗО ЌЕ ДОЈДЕ КРАЈОТ НА СВЕТОТ. Моли се на Господа: БОЖЕ СМИЛУВАЈ СЕ НАД ТВОИТЕ СЛУГИ”. Времето се приближуваше кон својот крај. Старецот покажа кон исток, падна на колена и почна да се моли и јас му се придружив. Тогаш Старецот беше подигнат во висините кон небесата и додека се оддалечуваше во висините, јас се сетив дека не го знам името на Старецот и затоа гласно повикав кон него: “ОЧЕ КАКО ТИ Е ИМЕТО”? А тој благо ми одговори: “СЕРАФИМ САРОВСКИ”.

ТОА Е ОНА ШТО ЈАС ГО ВИДОВ И ГО ЗАПИШАВ ЗА ПРАВОСЛАВНИТЕ ХРИСТИЈАНИ. Големото ѕвонче заѕвони над мојата глава и јас слушнувајки го звукот станав од креветот и се помолив: “ГОСПОДИ БЛАГОСЛОВИ И ПОМОГНИ МИ ПО МОЛИТВИТЕ НА ВЕЛИКИОТ СТАРЕЦ, ТИ ПРОСВЕТЛИ МЕ МЕНЕ ГРЕШНИОТ СЛУГА СВЕШТЕНИК ЈОВАН КРОНШТАДСКИ”.

Свети Јован Чудотворец Кронштадски се слави на 19 октомври и 20 декември.

Превод: В. А.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *