Велики Петок

1. Тогаш Пилат Го фати Исуса и Го бичува.
2. И војниците, кога сплетоа венец од трње, Му го кладоа на главата и Му облекоа багреница,
3. и велеа: „Радуј се, Царе Јудејски!” – и Го удираа по образите.
4. Пилат пак излезе надвор, со трнов венец и багреница. И им рече: „Еве, ви Го изведувам надвор, за да разберете дека не наоѓам во Него никаква вина.”
5. Тогаш излезе Исус надвор, со трнов венец и багреница. И им рече Пилат: „Еве Го Човекот!”
6. А кога Го видоа првосвештениците и слугите, завикаа и рекоа: „Распни Го, распни!” Пилат им рече: „Земете го вие и распнете Го, оти јас не наоѓам во Него вина.”
7. Јудејците му одговорија: „Ние имаме Закон и според нашиот Закон Он треба да умре, +зашто Сам се направи Син Божји.”
8. Кога го чу Пилат овој збор, повеќе се уплаши.
9. И пак влезе во преторијата и Му рече на Исуса: „Од каде си Ти?” Но Исус не му даде одговор.
10. Пилат му рече: „Мене ли не ми одговараш? Не знаеш ли дека имам власт да Те распнам, и власт имам да Те пуштам.”
11. Исус одговори: „Ти не би имал никаква власт над Мене, ако не ти беше дадено одозгора; затоа поголем грев има оној, што Ме предаде на тебе.”
12. Оттогаш Пилат гледаше да Го пушти. Но Јудејците пак викаа, зборувајќи: „Ако Го пуштиш Него, не си му пријател на ќесарот. Секој што се прави цар, противник му е на ќесарот.”
13. Штом го чу тој збор, Пилат Го изведе Исуса надвор и седна на судискиот стол, на местото, што се вика Литостротон, а по еврејски Гавата.
14. Тогаш беше петок пред Пасха, околу шестиот час. И им рече Пилат на Јудејците: „Еве Го вашиот Цар!”
15. Но тие викаа: „Земи, земи, распни Го!” Пилат им рече: „Царот ваш ли да Го распнам?” Првосвештениците одговорија: „Ние немаме цар, освен ќесарот.”
16. И тогаш им Го предаде, за да биде распнат. И Го зедоа Исуса, и Го поведоа.
17. И носејќи го Својот крст, Он излезе на местото, што се вика Лобно, а по еврејски Голгота;
18. таму Го распнаа, а со Него други двајца, од едната и од другата страна, а на среде Исуса.
19. Пилат, пак, напиша и натпис, и го кладе на крстот. А беше напишано: „Исус Назареецот, Цар Јудејски.”
20. Овој натпис го читаа
мнозина од Јудејците, бидејќи местото, каде што беше распнат Исус, беше близу до градот; а беше напишано на еврејски, грчки и латински.
21. Првосвештениците, пак, јудејски му рекоа на Пилата: „Не пишувај: Цар Јудејски, но дека Он Сам рече: »Цар Јудејски сум.«“
22. Пилат одговори: „Што напишав, напишав.”
23. А војниците, кога Го распнаа Исуса, ги зедоа алиштата Негови и ги разделија на четири дела, по еден дел на секого и хитонот. Хитонот, пак, не беше шиен, туку исткаен одозгора па додолу.
24. Тогаш си рекоа: „Да не го расипуваме, но да фрлиме за него ждреб, чиј ќе биде” – за да се збидне кажаното во Писмото: »Ги разделија алиштата Мои меѓу себе и за облеката Моја фрлија ждреб.« Така и направија војниците.
25. При крстот Исусов стоеја мајка Му Негова и сестрата на мајка Му, Марија Клеопова, и Марија Магдалина.
26. А Исус, штом ја виде мајка Си, и ученикот, кого го љубеше, како стои, ѝ рече на мајка Си: „Жено, ете ти син!”
27. Потоа му рече на ученикот: „Ете ти мајка!” И од тој час ученикот ја зеде при себе.
28. По ова, знаејќи Исус дека е сè свршено, за да се исполни Писмото, рече: „Жеден сум.”
29. Таму стоеше сад, полн со оцет. Тие наквасија сунѓер во оцетот, го закачија на трска и Му принесоа до устата Негова.
30. А кога вкуси Исус оцет, рече: „Се сврши!” И кога ја наведна главата, го предаде духот.
31. Бидејќи беше петок, Јудејците, за да не останат телата на крст во сабота, оти во таа сабота беше голем ден, го замолија Пилата да им ги прекршат колената и да ги симнат.
32. Тогаш дојдоа војниците и им ги прекршија колената на првиот, како и на вториот, што беа распнати со Него.
33. А кога дојдоа до Исуса и Го видоа дека беше веќе умрен, не Му ги прекршија колената;
34. но еден од војниците со копје Му ги прободе ребрата, и наеднаш истече крв и вода.
35. И кој виде – посведочи, и сведоштвото му е вистинско; и знае дека кажува вистина, за да поверувате вие.
36. Оти ова стана, за да се исполни Писмото: »Коска Негова нема да се прекрши.«
37. И друго Писмо пак вели: »Ќе погледнат на Оној, Кого Го прободоа.«
38. Потоа Јосиф од Ариматеја, таен Исусов ученик, поради страв од Јудејците, го замоли Пилата да го симне телото Исусово и Пилат му дозволи. Тој дојде и го симна телото Исусово.
39. А дојде и Никодим, кој порано беше отишол ноќе при Исуса, и донесе околу сто литри смес од смирна и алој.
40. Го зедоа телото Исусово и го завиткаа во платно со мирисите, како што е обичај кај Јудејците да погребуваат.
41. На она место, каде што беше распнат, имаше градина и во градината – нов гроб, во кој уште никој не беше полаган.
42. Таму Го положија Исуса, поради петокот јудејски, зашто гробот беше близу.

Јован 19.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *