Архиепископ Аверкиј Џорданвилски (1906 – 1976)

Архиепископот Аверкиј е роден на 19 Октомври 1906 година во градот Казан, како Александар Павлович Таушев. Службата на татко му, благородник и висок државен службеник на Царска Русија, ги принудувала на често селење. Така, младиот Александар имал можност од прва рака да го запознае срцето на Русија, нејзините манастири  и светињи. Иако како дете ја напуштил татковината, сеќавањето на тие места не избледнале во него.

Уште во најраните години од детството негова омилена книга било Светото Евангелие, а најомилен начин да го поминува времето, му било прислужувањето во Светиот Олтар и читањето на певницата. Вообичаениот световен живот не го привлекувал, душата на детето барала нешто друго.

Силен впечаток му оставиле книгите: “Што е духовниот живот?” на св. Теофан Затворник, “Невидливата Борба”, ” Патот кон спасението”, “Покуки на авва Доротеј”, “Лествица” и др.

За време на граѓанската војна која уследила по Октомвриската револуција, семејството Таушеви со тешко срце ја напуштиле Русија. Се населиле во Варна, Бугарија, каде Александар одел на училиште и каде го запознал Архиепископот Теофан Полтавски (1873 – 1940), духовник кој цврсто бил приврзан  на  православната преданиска еклисиологија, и кој решително одбивал да се присоедини кон модернистичките влијанија, кој од прост руски селанин се издигнал во главен Царски исповедник, а кому, повторно, учител му бил токму прославениот  светител на нашето време – Епископот Теофан Затворник (+1894). Со благослов на аввата  се запишува на Богословскиот факултет на универзитетот во Софија, и завршува со највисоки оценки, за потоа во 1930 година, да замине во Карпато-Русија (во Чехословачка), каде во 1931 г. прима монашки постриг, а следната година е ракоположен за свештеник и добива своја парохија.

“Средбата со мојот незаборавен авва“ – велел Владиката Аверкиј, „Преосвештениот Теофан, Архиепископ Полтавски и Переславски, во кого го видов живото овоплотување на монашкиот идеал и на светителите кои се врежале во мојот ум и срце, конечно решија се: неповратно застанав на патот на монаштвото. Завршувајки го курсот по богословски науки од послушание кон аввата , на Карпатите, по негов благослов, примив монашки постриг.”

Кога во 1940 година Унгарците го окупирале тој реон, отец Аверкиј заминува за Белград каде служи со првоерархот на Руската Задгранична Црква, Митрополитот Анастасиј. Во Белград почнува да предава Богословие. Во 1945 г. заедно со Епископскиот Синод преоѓа во Минхен, каде продолжува да работи како професор по Богословие.

По доаѓањето во Америка во 1951 година, бил повикан во новоформираната Светотроицка семинарија во Џорданвил за да предава Нов Завет, Литургика и Омилитика. Следната година станува ректор на семинаријата, за која ќе биде врзан до крајот на животот и во која ќе извади на пат генерации православни свештеници. Во 1953г. станува Епископ Сиракушки и Троицки. По смртта на Архиепископот Виталиј станува духовник на Светотроицкиот манастир.

“Преку своите предупредувања и поуки, од ненадминлива вредност, Архиепископот Аверкиј знаел како до нашето поколение да го пренесе духовниот “плашт” кој го наследил од двајцата големи учители. Обичен човек не би можел да биде достоен за таков плашт, кој тој го примил токму како некогаш Елисеј од Илија” – вели о. Дамаскин во предговорот за една од книгите на Архиепископот Аверкиј и продолжува: “Оние кои го познавале Архиепископот Аверкиј додека бил управник и ректор на Свето-Троицкиот манастир- на семинаријата во Џорданвил (Њујорк), се сеќаваат на неговата необична фигура.  Бил со висок раст, имал густа бела брада и долга брановидна коса. Под зачудувачки густите веѓи во самата душа на човека проникнувале крупни очи. Бил приглув, и поради тоа носел апаратче за слушање: овој недостаток му помагал да го сочува умот од празните разговори.

Неговото однесување претставувало овоплотување на спокој и духовно достоинство. Никогаш не бил избрзлив и брзоплет. Никој не го видел во “лекоумно” расположение. Господствениот и достоинствен став кој често го имитираат оние кои сакаат да изгледат духовно, кај Владиката Аверкиј бил совршено природен – како израз на чистотата на неговата душа.

Природноста и целовитоста навистина биле својствени за неговиот карактер. За некој да биде вистински носител на Православното Предание, како што е тоа Архиепископот Аверкиј, најнапред треба да биде искрен човек. Суштинска спротивност на ваквиот човек представува  оној кој постсапува пресметливо. Самиот Архиепископ Аверкиј никогаш не водел сметка за тоа каков впечаток можат да остават неговите зборови и дела, како ќе се одразат тие на неговиот “углед”, бидејки воопшто не му било важно што мислат луѓето за него. Никому не му ласкал и никому не нанесувал душевни рани за да ја покаже силата на својата личност. Не се трудел да остави впечаток на другите. Таков е секој кој живее чувствувајки го присуството Божјо, и благодарение на тоа, останува смирен.

Без разлика на тоа што Архиепископот Аверкиј имал јасна претстава за тоа што управува со животот на светот, и што многу трезвено и реално се однесувал кон своето опкружување, бил зачудувачки оддалечен од се земно. Кај него не можело да се забележи никаква приврзаност за она што е од светот.

Остана запамтен како некој кој соучувствува во страдание, кој иако и самиот бил како дете, кон сите се однесувал како татко. Имајки в предвид дека за себеси немал високо мислење, бил искрено трогнат, дури и изненаден, кога некој би му укажал и најмало внимание и почит. Тогаш потсетувал на мало дете, кое растело во сиромаштија, а сега одненадеж добива прекрасен дар. Тој, Архиепископот, изгледал како смирен бедник.

 

Архиепископ Аверкиј говорел толку убаво, поради што го нарекле “Златоуст од последните времиња” (о. Серафим Роуз). Дури и во секојдневниот разговор неговиот говор бил беседнички испеглан и обликуван, иако тој околу тоа воопшто не се трудел. Дарот на говорништво, заедно со пламената љубов кон Вистината, ги правеле неговите беседи незаборавни. Покајничкото расположение честопати толку го обземало, та почнувал да липа среде проповед. Само оние најбесчувствителните слушатели се смееле над таа “емотивност”, бидејки на сите им било јасно дека тие солзи се сосема природни – тие исходеле од „добрата ризница на срцето“ (Лк. 6.45).

Архиепископ Аверкиј бил вистински христијански пастир. Тој не говорел само: “направи го тоа, не го прави тоа”, туку на луѓето им ја давал – целосната слика – севкупното православно разбирање, така што, луѓето можеле да разберат зошто треба да прават едно, а зошто да не прават друго. Среде духовното паѓање на дваесетиот век, тој го правел она што неговото време го барало од сите пастири. Ќе видиме дека тој преку своите трудови ги разоткрил сите видови на измама, дека ја проповедал Вистината и им ја откривал на луѓето.

Во книгата “Not from this world – The life and teaching of fr. Seraphim Rose”(Не од овој свет – животот и учењето на отец Серафим Роуз), отец  Дамаскин Кристенсен вели дека од сите современи автори кои пишувале за Православието, најголемо влијание на Серафим Роуз имал токму Архиепископ Аверкиј Џорданвилски. Во таа обемна книга, во поглавјето посветено на Архиепископот Аверкиј со наслов: “Пророкот на страдалното Православие”, ќе наведеме неколку спомени од отецот Серафим за неговиот велик учител:

“Погледите на Архиепископот Аверкиј за овој свет се одликувале со трезвеност, точност, биле проткаени со духот на Светото Писмо и Преданијата. Тој ни откриваше дека современиот свет живее отстапувајки од христијанството, додека тајната на беззаконието само што не го родила човекот на гревот “Антихристот”.

А во време, кога во Црквата се разгорела  една кампања против Архиепископот, заснована на неправедни обвинувања, о.Серафим пишувал: “Веќе година дена се подготвуваме еден број од списанието да го посветиме на Владиката Аверкиј, и ете го вистинскиот миг! Тие нека мислат што сакаат, но за нас тој е вистински православен архиепископ и богослов без недостатоци, кој не се занимава со интриги, иако настрада од “политички” интриги во Црквата”.

Светителот Јован Шангајски на отецот Серафим и на неговите собраќа им советувал за одговорите на сите богословски прашања кои можат да се појават, да се обраќаат до Владиката Аверкиј, за кого говорел дека со него “има целосно духовно единство”.

„Се сеќавам на Владиката Аверкиј, о. Михаил Помазански, и на целото тоа старо поколение, од кое речиси никој повеќе не останал“ – говорел о.Серафим – „и би сакал да заплачам гледајки ги овие зелени “сезнајковци” кои не се во состојба да го сфатат она најважното: вистинското сознавање доаѓа само со страдање. Но многумина ли се оние кои можат тоа да го издржат?”

Ден по упокојувањето  на Архиепископот Аверкиј (31 март/13 април 1976 год.), о.Серафим во летописот на Братството на св. Герман Алјаски, ја оставил следната забелешка: „Ги известија братјата за упокојувањето на нашиот духовен и богословски учител, Архиеп. Аврекиј Џорданвилски: сега останавме сираци. Настапи времето во кое сме препуштени сами на себе, и којзнае дали ке се најде некој способен да ја продолжи таа духовна линија…”

Два дена подоцна, о.Серафим вака говорел за смртта на Владиката: “Тоа е голема и ненадоместлива загуба за сите нас. Слава Му на Бога што уште за време на неговиот живот разбравме дека тој е жива врска која поврзува со Светите Отци! Таквите работи обично почнуваш да ги разбираш дури откако човекот повеќе не е тука”.

Неколку месеци подоцна о.Серафим добил од Бога дадена потврда дека архиеп. Аврекиј жителствува на небесата со Христа и Неговите светии. Во сон го видел архиепископот во заслепувачка бела одежда како врши небесно богослужење во чест на Воскресението на Русија.

Тоа утро о.Серафим скромно му раскажал на о. Герман за чудесниот сон. Отец Герман сфатил дека станува збор за вистинско видение на Архиепископот Аверкиј.

“Што би можело тоа да значи?” – се чудел о.Серафим

“Зарем заборави кој ден е денес?” – го потсетил о.Герман “спомен на светиот рамноапостолен Аверкиј, именденот на Владиката – Твојот сон не е обичен – тој има смисла”.

Така отец Серафим бил воведен во небесниот празник во кој жителствувал Архиепископот Аверкиј.

А непосредно по упокојувањето на Владиката, о.Серафим за издание на рускиот весник “Православнаја Рус” напишал статија под наслов: „Златоуст од последните времиња: Значењето на Архиепископот Аверкиј за вселенското Православие, и тоа не само во рамките на Руската Задгранична Црква, дури не само на руското Православие – туку на целината на вселенското Православие во дваесеттиот век“.

Ние така се навикнавме на неговите огнени зборови, упатени кон отстапништвото на нашето време, што не ни забележавме, дека тој беше речиси единствениот иерарх од сите православни Цркви, на каков јазик и да пишуваа, со таква смелост и искреност стануваше во заштита на Вистината на Светото Православие”.

Навистина, ги снема преподобните во нашиот тажен век. Но, и ако не гледаме повеќе меѓу нас таква истрајност за вистината, сепак неговото учење е засекогаш тука. И можеби тоа ќе стане ѕвезда водилка во се потемните денови кои доаѓаат, денови кои тој ги предвиде, кога Црквата ќе мора да побегне во пустина, слична на онаа за која се зборува во Откровението.

За оние кои искрено копнеат за тоа да останат верни на Православието, нема поверодостоен глас, од “златната уста” на Архиепископот Аверкиј.

Младен Станковиќ

Превод: Р.К.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *