Архиепископ Аверкиј Џорданвилски: СТРАШНА НОЌ (3/16-4/17јули 1918 год.)

 

 

Во ноќта која ни претстои, се навршуваaт точно 54 години од онаа страшна ноќ, во која, во Екатеринсбург, во историјата на човештвото се случи беспримерно злосторство – беспримерно според својата суровост, според ретката злоба која се пројави во него, и особено за погубните  последици, не само за нашата татковина – Русија, туку и за целиот свет. Сосема погрешно е на ова злосторство да се гледа само како на политички чин, а на служењето парастос за убиенoтo  Царско Семејствo, само како на неумесно бавење со политика, за што некои со задоволство не обвинуваат.

Тоа е мистичен чин, кој има длабок и страшен таинствен смисол. И тоа мистично значење ние секогаш мораме да го имаме во предвид и да го памтиме, за правилно да го оцениме сето она што се случи во Русија и што денес се случува во светот.

Ова прекрасно ни го толкува нашиот голем серуски праведник св. Јован Кронштадски, кого неодамна го прославивме и кој со својот дух многу години однапред го предвидел ова страшно злосторство. Кога во една пригода од Пермската губернија му дошле благочестиви верници, тој неочекувано им рекол: “Над Перм се издига црн крст” (Екатеринсбург во тоа време се наоѓал во составот на Пермската губернија). Дури по страшната случка од 1918 год., тиеја сфатиле смислата на овие пророчки зборови. Богослужејки во една пригода во предворјето на Љеушинскиот манастир во Петерсбург, светиот праведен Јован во својата проповед почнал да плаче: “Покајте се, Покајте се! Наближува ужасно време – толку ужасно што дури не можете да си го замислите!” А кога осумдесетгодишната старица игуманија Таисија го запрашала: “Батушка кога ќе биде тоа?” Тој и одговорил: “Ние двајца, мајко, тоа нема да го доживееме, но ете тие (и со раката покажал на младите монахињи) – ќе доживеат.”

Во потресната беседа на роденденот на Господарот, Царот Николај Александрович (1902год.), св. Праведен Јован буквално рекол: „.. Да, со посредство на владетелот Господ ја чува благосостојбата на земните царства, и особено, благосостојбата на Својата Црква, не дозволувајки на безбожните учења, ереси и расколи да ја победат. И најголемиот световен злосторник кој ќе се појави во последните времиња – Антихристот- нема да може да се појави меѓу нас поради автократската царска власт која го задржува срамното и бессловесно безбожничко учење. Апостолот вели дека Антихристот нема да се појави на земјата се додека постои самодржавната царска власт.“

„Тајната на беззаконието веќе дејствува,“ вели тој, „но нема да сврши се додека не ни го  одземат Оној Кој ја задржува: А тогаш ке се појави беззаконикот, кого Господ Исус Христос ќе го убие со здивот од Својата уста (2Сол. 2,7-8).”

Во друга своја беседа св. Праведен Јован отворено говори за тоа дека “кога од земјата ќе биде земен Оној Кој сега Задржува (според неговото често толкување, православниот руски цар самодржец) ќе дојде Антихристот” (види беседа од 1906 год.).

Во проповедта од 1907 година страшно прорекол: “Руското царство се ниша, се препнува, набргу ќе падне. Ако така тргнат работите во Русија и доколку безбожниците и антихристите – безумници не бидат подложени на праведна законска  казна, ако Русија не се исчисти од мноштвото плевел – ќе опустоши како древните царства и градови, кои праведниот Божји суд ги сотрел од лицето на земјата поради безбожност и беззаконие… Кутра татковино наша, кога ќе блажиш? Само тогаш, кога со целото срце ќе стоиш во Бога, во Црквата и моралната чистота. А што ќе би биле ние русите без цар? Нашите непријатели би се погрижиле да го уништат и самото име на Русија, имајки предвид дека чувар и застапник на Русија, после Бога, Господар на Русија е – Царот Самодржец: без него Русија не е Русија.”

Не ли е поразително тоа што до буква се исполниле пророчките зборови на нашиот голем праведник и прозорливец: Го снема Царот – ја снема и Русија!

И ете, откако го нема “Оној Кој Задржува” – православниот руски цар самодржец, а заедно со него и некогашна Русија, како Света Русија, јасно согледуваме како во целиот свет отпочна луд труд за создавање на погодни услови за што по брза појава на Антихристот.

Навистина, тоа не го гледат само духовно слепите.

                Колку брзо нештата почнаа да се менуваат на полошо: каков прогон (јавен или таен) се подигна на вистинската вера и Црква, колку лукаво и умешно, под превезот на секакви изговори, почнаа да ги подриваат сите некогашни религии и морални животни принципи, какво цинично слободоумие и бесрамна распуштеност дојде на нивно место! Ова сеопшто одстапништво кое, според зборовите на св. Апостол (2.Сол. 2,2-3), му претходи на доаѓањето на Антихристот, почна да се движи со огромни чекори особено во последно време, по Втората светска војна. Буквално секој нов ден ни носи нови и понови депримирачки вести.

Можеме ли, после се, да с# успокоиме и да продолжиме себе и другите да ги убедуваме дека се е во ред, дека се с# одвива нормално, дури и напредува? Не ли е тоа – залажување на себеси и на другите?

На сите благоразумни, чесни и здравомислечки луѓе сега мора да им е совршено јасно какво страшно мистично значење се крие во ужасното екатеринсбуршко злодело, и дека тоа не е просто политичко убиство, таквите низ историјата не биле малку.

Православниот руски цар, а со него и православна Русија, мораше да бидат смачкани, отстранети, за ништо да не го попречи Христовиот противник – Антихристот, во зацарувањето на земјата.

Ете, сега и вие и јас сме неволни сведоци на ова интензивна подготовка за неговото зацарување.

Времето и роковите, навистина, не ни се прецизно откриени, но затоа знаци за неговото приближување ни се дадени повеќе од доволно. Секојдневно ги гледаме исполнувањата на тие предзнаци, кои се повеќе ги поразуваат и умудруваат оние кои сакаат и можат уште повеќе да се умудрат.

Затоа, нашиот парастос на царските маченици не е само политички чин. Тој носи посебен карактер. Се разбира, како и на секој парастос, ние се молиме за прошка на гревовите на убиените, како и за сите свети кои Црквата официјално сеуште не ги прославила, но истовремено се молиме и за простување на нашите сопствени гревови, имајки предвид дека ние, рускиот православен народ, во помала или поголема мера сме виновни за тоа што е допуштено такво страшно злосторство на нашата руска земја. Со обзир на тоа, нашата највисока црковна власт утврдила дека на крајот од овој парастос се чита посебна покајна коленопреклона молитва, чии зборови и мисли се превземени од молитвите на тројцата благочестиви отроци во огнената печка – од книгата на пророкот Даниил. Покрај тоа, ние ги молиме и нашите царски маченици, да вознесат за нас молитва пред Божјиот престол за нашата несреќна страдална татковина Русија и за целиот современ свет, чија судбина толку очигледно е поврзана со судбината на нашата Русија. Амин.

Превод: Р.К.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *