Архиепископ Аверкиј Џорданвилски: Кога солта ќе ја изгуби силата

 

 

CI-yJsEUwAAms9V„Вие сте солта на земјата. Но, ако солта ја изгуби силата, со што ке се соли?

Таа веќе за ништо не е, освен да се фрли надвор

и изгази од луѓето.“

(Мт. 5,13)

 

“Нашето време наликува на последното. Солта ја изгуби силата. Меѓу највисоките црковни пастири сочувано е толку малку, помрачено, нејасно, неточно разбирање на словото, разбирање кое го уништува духовниот живот во христијанската заедница, кое го уништува христијанството. Христијанството е дело, а не слово. Тешко е и да се погледне кому му се доверени, или во чии раце потпаднале овците Христови, кому е доверено нивното раководење и спасение! Волци, облечени во овча кожа, се откриваат и се препознаваат според нивните дела и плодови. Но тоа е – според Божјо допуштение. Тогаш оние кои ќе се затекнат во Јудеја нека бегаат во горите“ (Мт. 24,16). Со овие зборови, пред повеќе од сто години, нему современиот духовен живот, го опишал светилникот на Русија, подвижникот и писател, учителот на православно-христијанското благочестие, свети Игнатиј (Брајчанинов). 

Немаме ли и ние многу повеќе право да ги повториме овие страшни и предупредувачки негови зборови? Бидејки во тој поглед – на целосно духовно и морално пропаѓање, кое се чини дека дошло до крајни граници – во последните сто години навистина отишло уште подалеку, особено од времето на катастрофалната аварија на нашата татковина -Русија.

Тажниот “прогрес”, според богомудрите зборови на светителот Игнатиј, јасно сведочат за приближувањето на крајот.

И каде понатаму да се оди, ако оние на кои им се доверени човечките души за да раководат со нив на патот на спасението, водат не кон спасение, туку во вечна пропаст?!

За нас е значајно тоа што, свети Игнатиј, кој од најраната младост се стремел кон вистински духовен и добродетелен живот, и самиот претставувал пример за таквиот живот, ова не го пишува без основа, бидејки, како што знаеме од неговото житие, сето тоа лично го преживеал.

Своето разочарување и огорченост, во тој поглед, го изложил писмено на многу места во “Аскетски опити”, “Аскетски проповеди”, “Принос на современото монаштво”, “Отечник” и други дела кои дошле до нас и кои сочинуваат вредна библиотека за секого кој се интересира за прашањата од духовниот живот, а особено за оној, кој сака, не само да “философира” (што честопати е сосема бесплодно и бесполезно!), туку и да живее духовен живот каков што навистина живеел и самиот свети Игнатиј. Неговите дела за нас се вредни токму поради тоа што се плод на личниот духовен опит.

Опишувајќи ја совршената духовна слика на животот на христијанинот, во многуте свои длабоко поучни дела, таква како што ни била предочена во житијата на светите Божји угодници преку целата христијанска историја, а особено во учењето на светите подвижници за верата и благочестието од првите векови на христијанството, свети Игнатиј преоѓа на “последните времиња”, и притоа обележјата на “последните времиња”, ги покажува во за него современата епоха (пред повеќе од сто години). За нас е значајно дека свети Игнатиј, како што самиот истакнува, за се бара одговор и упатство кај древните отци – подвижници, многу малку зборува “од себе” и со сопствени зборови, излагајки ги така во своето расудување нивните мисли, а понекогаш и буквално превземајки ги нивните изреки.

Еве на пример, како говори тој за современата епоха во заклучокот на својот “Отечник”: “Од глетката која претставува минато, да се свртиме кон глетката која ни ја обезбедува сегашноста. Што треба да кажеме за себе? Како да живееме, што да правиме? Одговорот на овие прашања ќе ги пронајдете кај древните монаси: тие ја претскажале нашата состојба, однапред укажале на начинот на дејствување во таквите околности. Во последно време – рекол еден од нив – оние кои ќе бидат вистински служители на Бога, благоразумно ќе се сокријат од луѓето, и нема, како денес, меѓу нив да прават знаци и чуда. Ќе појдат по патот на дејстувањето натопено со смирение, а во Царството Небесно ќе се покажат поголеми од отците кои се прославиле поради знаците” (4-ти одговор на преподобниот Нифонт). Каква корисна поука, каква утеха кријат за нас тие пророчки зборови на духоносниот отец кој и самиот правел знаци и чудеса!”

Необично е важен овој совет! Од него јасно следи: онаму каде што има многу врева, самореклама, барање на популарност, т.е – каде што недостига смирение, а се бара слава, истакнување во очите на другите поради вистински или само вообразени, преувеличани дела и заслуги – таму нема вистинска ревност за Бога.

А што има?

Има “само дволичност”, ги цитира свети Игнатиј зборовите на свети Тихон Задонски.

“Плаши се од дволичноста – поучува понатаму свети Игнатиј – „плаши се од неа кај самиот себеси, а потоа и кај другите. Пази се од неа, поради тоа што е својствена за ова време и во состојба е да зарази секого, при најмало свртување во лекомислен начин на живот. Прогонувај ја сопствената дволичност, избркај ја од себе, отстранувај с# од толпата  заразена со неа, која свесно или несвесно е насочена кон дволичност, која служењето на светот го прикрива со служење на Бога, која барањето на минливите добра го става пред барањето на вечните добра, која целосно порочниот живот и душата преполна со страсти ги прикрива со лажна свест”.

Тоа е само една карактеристика, на која, тој во своите дела, не еднаш ни обрнал внимание, т.е исчезнувањето на благодатните учители со вистински добродетелен духовен живот, и во врска со тоа, секој кој денес искрено посакува спасение на душата, треба да знае за намножувањето на лажните учители измамени со демонска прелест, кои целиот свет го мамат со таква измама. „Нам ни е нужна голема претпазливост“, опоменува повеќекратно свети Игнатиј, „за да не примиме волк за пастир, ниту лекомислено да ја подариме својата доверба, на оној кој може да ја погуби нашата душа водејки ја кон лажниот пат“. Според зборовите на светиот Игнатиј, нашето време е време на крајна немаштија за духоносни учители, па затоа, сега е речиси невозможно да се пронајде “старец”, како старците – учители од раните векови на христијанството: многу посигурно е да се раководиме со Светото Писмо и од делата на Светите Отци. Свети Игнатиј си спомнува колку и самиот претрпел поради речиси постојаните средби со духовните “раководители, заслепени и помрачени, и колку горчливи и тешки потреси” морал да претрпи поради тоа.

Третата карактеристика на современата ера е множењето на различните соблазни кои го одвлекуваат човекот од искреното и нелицемерно служење на Бога.

„Тешко му на светот од соблазни, зашто соблазните треба да дојдат; но тешко му на оној човек, преку кого доаѓа соблазната“ (Мт.18,7). Соблазните се јавуваат по Божјо допуштение, како и моралната беда која ги следи, исто по Божјо допуштение. Со приближувањето на крајот на светот, соблазните толку многу ќе се засилат и ќе се умножат, што “кај мнозина љубовта ќе се олади” (Мт.24,12), „Но Синот Човечки, кога ке дојде, ќе најде ли вера на земјата?“ (Лк. 18,8).  Земјата Израилова – Црквата, ќе биде соборена од меч – со погубно насилство и соблазни – ќе биде сосема пуста. (Ез.38,1).

Превод:Р.К.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *