Архиепископ Аверкиј Џорданвилски: Вистинско Православие и лажно православие (крај)

CI-yJsEUwAAms9VНа 11 март 1961 година, Архиепископот Јаков во Манчестер говорел на тема “Единството на христијанските цркви”, што е објавено во неговото официјално списание. Тешко е и да се замисли што би било по спротивно на вистинското Православие. Ако христијанските цркви нависитна се трудат околу повторното воспоставување на оддамнина нарушеното единство, тие треба да понудат поубедливи сведоштва за своите намери. Мора по одлучно да кренат една кон друга во пресрет. Тоа е единствениот пат по кој нависитна можат да се вратат на Христа и Неговата Една и единствена Црква. Православните се особено должни да сфатат, дека, дојде времето да престанат да зборуваат за својата “екуменистичка насоченост” и за демократската втемеленост на нивната црква, и навистина да кренат во пресрет на своите браќа… Бескрајните богословски дискусии никогаш не можат да доведат до исцеление на раните, кои ние, разделените христијани  сме и ги нанеле на единството на Црквата. Резултатот од сите дискусии е следниот: 1) Мораме да се покаеме и да молиме од Господа милост и простување бидејки од Него пробавме да направиме своја сопственост, наместо Него да го земеме како за свој Господар. 2) Единството мораме да го сватиме како органско единство помеѓу човекот и Христос и поради тоа да се потрудиме самите да се отелотвориме во животот и телото Исусови… Само такво единство може да доведе до единството на Црквата. 3) Ако навистина се трудиме околу единството, треба да научиме да сакаме; тоа е мошне макотрпно искуство: да се има сочувство, разбирање, трпение, братска љубов. Со такво приближување кон единството добиваме многу. Од таквиот став може да изникне единството. Смирение, послушание, молитва – ете го единството на кое можат да се темелат нашите взаемни односи, живеејки заедно, молејки се заедно, без ѕидови кои би не разделувале, било да станува збор за расни или религиозни предрасуди – тоа е единствениот пат кој нависитна н# води кон единство, бидејки единството во крајна линија е Божја работа, а не човечка. Единството во никој случај нема да не разделува од нашите преданија, туку напротив, тоа ќе ги зајакне преданијата кои ни се заеднички и кои доаѓаат од Светиот Дух”.

Страшно е да се читаат вакви произволни ставови, кои претставуваат вистинско исмејување над вистинското Православие! Колку далечно и дијаметрално споротивно е сето тоа од нашата изворна православна свест и на православниот поглед на светот кој толку добро и јасно е изложен во “Регионално Патријаршиско и Синодално Послание на Константинополскиот  престол од 1895 година”, во “Регионалното Послание на источните Патријарси од 1848 година” и во “Посланието на Патријарсите од Источно-Католичката Црква за Православната Вера од 1723 година”.

 

Каде е сега сето тоа? Се е изгазено и заборавено! Јавно е извршено предавство на Светото Православие и само слепец може да не го види тоа!

Се до неодамна, Римскиот католицизам стоел настрана од било каков екуменизам. Но ете, и таму се случи нешто ново и неочекувано: папата Јован XXIII предводејки ја богослужбата во храмот св. Павле, на 25 јануари 1959 година, го објавил своето решение за свикување на Вселенски Собор. Решението било дочекано бурно, како во православниот така и во протестантскиот свет, бидејки многумина го сметале тоа за добро поместување на папизмот во своето, со векови запуштено латинство, и дека тоа можеби е чекор упатен кон повторно соединување на папскиот Рим со Православието. Но веќе од првата седница на Ватиканскиот Собор се покажало дека работите не стојат така: дека тоа не е Вселенски, туку чисто “католички собор”, кој само римо-католиците го нарекуваат “вселенски”, како што всушност било случај со сите нивни собори по отпаѓањето на Рим од Православието. Но, таму навистина имало новини. Тоа е, невообичаениот либерализам и модернизам за римскиот католицизам , кој многу силно дошол до израз уште на првата седница на соборот. Затоа Патријархот Атинагора воодушевено го поздравил свикувањето на овој собор, а на папата му го испратил и својот претставник, Архиепископот Јаков. Оваа сензационална посета на православен грчки иерарх кај папата, што се случила на 17 март 1959 година (во Ватикан), добила особен публицитет во световниот печат како прва по 1600 години. По тој повод Патријархот Атинагора ја дал следната изјава за печатот: “Зближувањето на православната и католичката црква не само што е возможно туку е и неопходно… Ние мораме да разбереме, и православните и католиците, дека сме – две гранки на една иста христијанска црква..Ние од двете страни треба да го потврдуваме она заедничкото, што не поврзува: имаме заедничка вера, исти догми, исти Свети Тајни. Ние сме браќа – и тоа, неразделни. Браќата секогаш се браќа. Ние сме браќа во Христа. За жал јас лично не го познавам Светиот Отец Јован XXIII..Кон него чувствувам голема почит. Му го испратив Архиепископот на Америка Јаков, со молба, да му пренесе на папата, дека јас ќе го посетам во Ватикан доколку тој ми вети дека ќе ми ја возврати посетата во Константинопол… Што се однесува до папските планови за собор, ние таа иницијатива ја примивме со задоволство. Сосема е возможно да се вратиме на онаа состојба на која бевме пред расколот, така да, папата да биде прв меѓу еднаквите, прв од петте стари патријарси. Ние ним ќе им го оставиме “Филиоквето”, а тие нам она што ние го имаме. Па двете наши цркви имаат непосредно апостолско предание – во Рим биле Петар и Павле, а кај нас Апостолот Андреј”.

Просто е тешко да се поверува дека така може да зборува најстариот ерарх на Православната Црква, игнорирајки ги во целост сите отстапувања на папскиот Рим од вистинското христијанство!

До средба на патријархот Атинагора со папата Јован XXIII не дошло, но затоа, како што е познато, патријархот минатата година се сретна со неговиот наследник, папата Павле VI, во Светата Земја, токму на нашиот православен Бадник на 24 декември 1963 година, според стариот календар. Патријархот Атинагора се однесувал токму како вистински екуменист: неговото целивање и прегрнување со папата оставаат крајно непријатен впечаток, кој уште и се продлабочи со лукавиот, типично езуитски израз на лицето каков што имаше папата Павле VI во тој миг. Папата во Витлеем меѓу другото ги изговори познатите зборови, кои јасно сведочат за тоа, дека без разлика на сите свои екуменистички истапи, Ватикан останува верен на себеси: папата во таа прилика изјави дека нивните “двери се широко отворени, и секој кој сака може да влезе преку нив”. Од ова е сосем јасно, дека покрај сите приказни за соединувањето – папата си останува папа. Од таа точка на гледање, целивот на патријархот Атинагора поразително потсетува на целивот на Јуда, тој претставува предавство на вистинското Православие со папистите кои отстапиле од Православието. Затоа можеби и не е случајно што до тој целив , како што извести печатот, дојде токму во Гетсиманската градина – за потсетувањето на Јудиното предавство да биде уште повпечатливо.

Што ќе биде понатаму? Страшно е и да се помисли за тоа. Ниту еден од источните патријарси до овој момент не изјави возможно решителен протест поради ваквото предавство на Православието кон која отворено се стреми Првоерархот на Православната Црква. Молчењето е знак на одобрување. И Московската патријаршија, несомнено на барање на советската власт, исто така тргна по патот на зближувањето со Ватикан, испраќајки свои набљудувачи на Ватиканскиот Собор без претходна консултација со Источните патријарси.

Екуменизмот зајакнува, зафаќајки го сега речиси целото Православие, освен нашата Руска Задгранична Црква!

Не доаѓа ли времето, кога и вон границите на Советскиот Сојуз, надвор од нашата татковина поробена од страна на богоборечките комунисти, ќе мора да се востанови катакомбна црква на вистински – православните христијани, кои така се нарекуваат себеси заради разликување од фалсификуваното православие, кое го предаде вистинското Православие, а ги носи само неговите надворешни обележија?

А дека таквите времиња еден ден сигурно ќе дојдат, за тоа јасно, врз основа на учењето на древните Отци на Црквата за последните времиња, ни говори нашиот руски светител Теофан Затворник, во своето познато толкување на Второто Послание на св. Апостол Павле до Солунјаните: “Тогаш, иако христијанското име ќе се слуша насекаде, иако на секаде ќе има древни храмови и богослужби, но сето тоа ќе биде само привидно, а внатре ќе биде вистинско отстапништво”.

Не ли настапува веќе тоа време?

Извадок од книгата  „СВЕТА РЕВНОСТ“.

Превод: И.К.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *