Архиепископ Аверкиј Џорданвилски: Ќе дојде ли антихристот, и кога?

CI-yJsEUwAAms9V(По повод сто дваесет и пет годишнината од раѓањето на
светиот отец Јован Кронштатски)

Многумина денес се сомневаат дека ќе дојде Антихристот и дури одбиваат да слушаат за тоа. Меѓу нас, колку и да изгледа чудно, има и духовни лица кои во својот поглед се присоединиле на либерализмот и модернизмот. Толку полошо за нив. Сакајки го тие тоа или не, Антихристот порано или покасно ќе пристигне, како што на тоа јасно нe учи Црквата, и тешко ним ако не го препознаат и му се поклонат, на тоа нe предупредува Самиот Господ Исус Христос, Кој им рече на јудејците: „Јас дојдов во име на Својот Отец и не ме примивте; а ќе дојде друг од негово име и него ќе го примите“ (Јован 5, 43). Под тоа “друг”, Црквата од секогаш го подразбирала Антихристот, учејки дека “Антихрист” значи не само “Христов противник” туку и “наместо- Христос” (предлогот “анти” на грчки означува и “против” и “наместо”).

Повикувајки се на зборовите на светиот Јован Богослов: „Сега се појавија многу антихристи (Јован 2, 18), овие либерали модернисти тврдат дека под “антихристи” треба просто да се подразберат противниците на христијанството или просто, насобраното зло, но не повеќе од тоа. Но тие во тој случај постапуваат како секташи, земајки го од Светото Писмо само она што им се допаѓа и вон контекстот: каде слушнавте дека Антихристот доаѓа. Зарем не е јасно дека Антихристот кој допрва ќе дојде треба да го разликуваме од оние антихристи кои веќе постојат во светот и кои се само претечи на Антихристот кој доаѓа?

Учењето за Антихристот подробно и јасно е изложено во книгата на пророк Даниил (7, 11 и 12-та глава), во Евангелието (Мaт. 24; Мaрко13; Лк. 17 и 21; Јован 5, 43), во Првото Соборно послание на свети Јован (2, 18 и 4, 3), во Второто послание на светиот Апостол Павле до Солунјаните (2, 1-12), и во Откровението (12, 13, 17 и 20-та глава). Во тие свештени книги се укажува дека Антихристот ќе се појави непосредно пред Второто Христово доаѓање и крајот на светот, и ќе настојува да ги одвлечка христијаните од Христа и да ги доведе при себе со преслест и лажни чудеса, претставувајки се како Христос, а потоа, станувајки световен владетел и земајки ја власта над човештвото во свои раце, ќе почнат страшни прогонства над христијаните и сите оние кои ја сочувале верноста кон Спасителот Христос. Неговото владеење ке заврши дури при Второто доаѓање на Спасителот Христос, Кој ќе го порази Антихристот, убивајки го со духот на Својата уста (2. Сол. 2, 8).

Јасна карактеристика за Антихристот ни дава Светиот Апостол Павле во своето Второ послание до Солунјаните (2,3-10). Тој вели дека Антихристот ќе биде Човекот на гревот, Синот на погибелта, кој с# противи и с# превознесува над се што се нарекува Бог или светост. Тој ќе биде горделивец преполн со ѓаволска злоба и превознесување, таков нескриен и безсрамен безочник, што сам ќе седне во Храмот Божји како Бог, тврдејки за себе дека е Бог, тој ќе биде илузионист, запознат со секаков вид на магија и волшепства, па ќе прави лажни чуда и знаци за да ја зароби вообразбата на луѓето и да ги придобие на своја страна. Вредно е да се спомне дека давајки му таква карактеристика на Антихристот, Свети апостол Павле им вели на солунјаните: Зарем не помните дека ви го кажував ова уште додека бев при вас? Тоа покажува дека учењето за Антихристот, заедно со останатите важни догми на христијанството, влегле во составот на првобитното христијанско верување. Тоа никако не се сметало за неважно, како што денес мислат многу модернисти, меѓу кои има дури и духовни лица, на кои им пречи и најмалото спомнување на Антихристот и кои се подготвени да го сметаат за предрасуда или за плод на преголема и живоописна вообразба.

Сакајки да ја истакне гневливоста и суровоста на Антихристот, Господ, како што гледаме од Откровението, во видението на Свети Јован го претставил во облик на ѕвер кој излегува од морето или од бездната (гл. 13 и 17). Под тоа “море” толкувачите го подразбираат “житејското море”, односно – како море, немирниот човечки род, а под “бездна” – бездната на човечките гревови. Значи, Антихристот ќе се појави како пород на човечката огревовеност и во таа смисла ќе биде “син на гревот”.

Важни и скапоцени сведоштва за личноста на Антихристот ни дава и Свештеното Предание во меѓусебно согласните кажувања на Светите Отци. Така тие, пред се, нагласуваат дека Антихристот нема да биде овоплотен од сатаната, туку ќе биде човек кој целосно се предал под власта на сатаната. Сатаната ќе му ја даде својата сила, својот престол и голема власт (Откр. 13,2) и тој ќе стане орудие на сатаната, затоа неговата сила и власт ќе бидат исклучително големи и преисполнети со зло во најголема мера. Така свети Јован Златоуст прашува: “Кој ќе биде тој?” и одговара: “Зарем сатаната? Не, туку некој човек што ќе ја прими сета негова сила” (Трета омилија на Второто послание до Солунјаните). Во своето “Точно изложување на православната вера” преподобниот Јован Дамаскин вели: ” Самиот ѓавол нема да стане човек, но ќе се роди човек од блуд и ќе го прими секое сатанско дејство. А Бог, предвидувајки ги неговите идни развратности, ќе дозволи ѓаволот да се всели во него” (Книга 4, глава 26). Свети Иполит Римски го пренесува мислењето распространето од древни дни, според кое, Антихристот ќе биде од јудејско потекло од племето Даново. Свети Иринеј говори дека Антихристот ќе биде “возглавување на се нечесно и лукаво.. богоотстапништво, неправда, лажни пророштва и измама.. Тој во себе ќе ги возглави сите ѓаволски заблуди и целосно богоотстапништво”(Против ересите, книга 5, гл. 25. 29). Многу е важно што Светите Отци укажуваат на тоа дека на многумина нема да им биде лесно да го препознаат Антихристот затоа што во почетокот тој ќе ја сокрива својата ѓаволска суштност, а ќе се претставува како доблесен човек, кроток, човекољубив, лукаво ќе сотворува многу лажни добрини, за да се прикаже како доброчинител на човештвото и со тоа ќе ги измами, ако е возможно, и избраните (Мт. 24, 24). “Прво, како учен и мудар човек – вели св. Кирил Ерусалимски – тој преправајки с#, ќе покаже скромност, целомудрие и човекољубие, а измамувајки ги Јудејците како очекуван христос со знаци и чуда кои ќе ги твори лажно со помош на волшебничка прелест, ќе заврши со секакви неславни и незаконски злодела и така ќе ги надмине сите претходни неправедни и нечестиви луѓе, имајки крвожедно срце, сурово, немилосрдно и преисполнето со секакво лукавство” (Петнаесет поуки за огласените). Така и свети Иполит Римски вели дека на почетокот Антихристот ќе биде “кроток, тивок, мил, скромен, та видувајки ги таквите негови добродетели, луѓето ќе го постават за свој цар говорејки дека е тешко да се најде толку добар човек меѓу луѓето. Евреите ќе се понадеваат дека тој ќе го обнови нивното царство. А потоа тој ќе се превознесе во срцето и ќе стане суров, безмилосен и нечовечен”.

Најстрашно е што повеќето луѓе во почетокот нема да го препознаат Антихристот, и затоа ке му се поклонат. Зошто ќе биде така? Тоа го објаснува свети Павле: ..затоа што не ја примиле љубовта на вистината та да би се спасиле. И затоа Бог ќе им испрати сила на заблуда за да поверуваат на лагата (2. Сол. 2, 10-11).

Ќе паднат во таа заблуда и ќе се поклонат на Антихристот оние кои во своето срце го изгубиле сетилото на вистината, чие срце станало развратно и се спротивставува на се што не се додворува на неговите страсни желби и гревовен вкус.

И  ќе му се поклонат сите земни жители, чии имиња не се запишани во книгата на животот на Агнецот (Откр. 13, 8). Ќе се поклонат ѕверовите говорејки: Кој е како ѕверот? И кој може да војува со него? (Откр. 13, 4).

Затоа за православниот христијанин, кој верува во богооткриеноста на Светото Предание и Писмата и ги признава, ниту има, ниту може да има, било каков сомнеж дека ќе дојде Антихристот – дека ќе дојде погубниот световен владетел и тиранин, чии сили, способности, мисли и дела ќе бидат инспирирани од злото без разлика на надворешната благост, и на искоренување на вистинското добро и сеење на злото. Со сатанска гордост, тој ќе се превознесува над Бога, отфрлајки и смачкувајки ја секоја религија, а особено христијанството, ќе ја гази и ќе ја уништува секоја светиња и сите божествени и човечки закони.

Важен предзнак за непосредното доаѓање на Антихристот, според зборовите на Апостолот Павле ќе биде, земањето на онa што го задржува и оној кој сега го задржува (2. Сол. 2, 6-7). Светите Отци под “она што го задржува” ја подразбирале ромејската империја, а под оној “кој задржува (држи)” – ги подразбирале ромејските цареви. Во поширока смисла, под тоа се подразбира законско државно уредување на земјата и неговите претставници – законските господари, како задржувачи на пројавата на злото на земјата. Големите Отци и угодници Божји на нашата Руска Црква под тоа го подразбирале руското царство и руските владетели, како законски првоприемници на римското, а потоа и на византиското царство. (“Москва – Третиот Рим”). Ако се забележи дека Русија по падот на Византија, останала единствената моќна држава која претставува вистински бедем на единствената вистинска православна вера на земјата, а руските владетели биле – единствените покровители и заштитници на Православната Црква во целиот свет, таквото толкуање се чини сосема разбирливо и природно.

Токму така мислел и големиот праведник, молитвеник и чудотворец на нашето време, приснопамјатниот протоереј отец Јован Кронштадски, чии 125 години од раѓањето, навршуваат на 19 октомври оваа година. Мноштвото негови, инспиративни и огнени проповеди, особено во последните години од животот, се посветени на темата за отстапништвото, кое пред праведникот откриено се совршувало кај нас во Русија, која брза во бездната на безбожјето и злочестието. Тој не зборувал дека “не се случува ништо особено” што, наводно “го имало и порано”, како што и сега тврдат некои, и после сите ужаси што ја погодија нашата Татковина. Тој посветено го предупредувал рускиот народ за Божјата казна која неминовно му се заканува поради богоотстапништво, пророкувајки го набргу потоа и доаѓањето на Антихристот.

“Ние живееме во ужасно време, последно како што изгледа – зборувал во проповедта од 13 февруари 1907 г. – и иако денот и часот на идниот Страшен Суд на никого од луѓето не им е познат, веќе се гледат знаците на неговото приближување, на кои е укажано во Евангелието. Затоа сите треба да се подготвени за сеопштиот суд и да живеат во покајание, љубов и правење на добри дела”.. “Браќа, подвизувајте се од сесрце, заради свое спасение, за последниот ден да не ве затекне на спиење!

А ете каде зборува јасно за Антихристот и за тоа како треба да се разбере под “оној кој задржува”.

“Со посредство на државните личности, Господ ги штити нашите земни добра и особено Својата Црква, не дозволувајки им на безбожничките учења, на ересите и расколите да ја поматат. И најголемиот световен злосторник, кој ќе се јави во последното време, Антихристот, нема да може да се појави меѓу нас благодарение на седржителната власт, која го задржува омразеното безбожничко учење. Апостолот вели дека Антихристот нема да се појави на земјата се додека постои автократорската власт. „Бидејки тајната на беззаконието веќе дејствува, само тоа нема да биде извршено додека не се отргне оној што ја задржува сега тогаш ќе се открие беззаконикот, кого што Господ Исус Христос ќе го убие со здивот на устата Своја” (2. Сол. 2, 7-8) (“Нови беседи, изговорени во 1902”, издадени 1903 година, стр. 4). А во друга проповед, изговорена истата година, отец Јован е одлучен: “Кога ќе го земат оној кој задржува (самодржецот), ќе дојде Антихристот“.

Што да се додаде на тоа? Кој има уши нека слуша.

Да не се залажуваме дека не живееме во страшно време и да не се препуштаме безумно на лекомисленоста, затварајки очи пред јасните знаци кои секој ден се повеќе се умножуваат и живо сведочат дека сме на прагот на вечноста.

Превод: Р.К.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *